37/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 5 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010, 136/2011 и 41/2014).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на меѓусебната согласност на членот 6 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010, 136/2011 и 41/2014) со член 20 став 1 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/10 и 51/2011).

3. Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, едно од прашањата што ги уредувал Законот за заштита на конкуренцијата се мерките за спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, како и мерките во врска со ограничувањата на конкуренцијата, кои што мерки ги презема Комисијата за заштита на конкуренцијата. За подносителот на иницијативата се поставувало прашањето кој врши надзор над тоа дали се преземени или не се преземени мерки и во кој обем се преземени тие мерки од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Надзорот во себе би опфаќал надзор над законитоста на подзаконските прописи што ги носи Комисијата за заштита на конкуренцијата согласно законот. Од оспорената одредба произлегувало дека надзорот над тоа дали една мерка е преземена или не бил оставен на оценка на Комисијата за заштита на конкуренцијата, односно дека Комисијата би требало самата себеси да си врши надзор како над спроведувањето на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата, така и над подзаконските прописи кои ги донесува согласно тој закон.

Подносителот го цитира член 20 став 1 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа според кој Министерството за економија ги врши работите кои се однесуваат на преземањето мерки против монополската положба и монополското однесување и смета дека Министерството за економија бил оној државен орган кој би можел да врши надзор над спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата во однос на преземањето на мерки од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Оспорената одредба била генерализирана, нејасна и непрецизна и не била во согласност со владеењето на правото како уставно начело пропишано со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот исто така смета дека оспорената одредба не била во согласност со наведениот член 20 став 1 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 6 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010, 136/2011 и 41/2014), надзор над спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата врши Комисијата за заштита на конкуренцијата.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 1 од Законот за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010, 136/2011 и 41/2014), со овој закон се уредуваат забранетите облици на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, мерките и постапките во врска со ограничувањата на конкуренцијата.

Во членот 2 од Законот е определена неговата цел, а тоа е обезбедување слободна конкуренција на домашниот пазар заради поттикнување на економска ефикасност и благосостојба на потрошувачите.

Според членот 3 став 2, овој закон се применува на:
– претпријатија, здруженија на претпријатија, поврзани претпријатија, државна управа и
– јавни претпријатија, претпријатија на кои им е доверено извршување на услуги од општ економски интерес, кои по својата природа претставуваат монополи кои прибираат приходи или имаат посебни и ексклузивни права или концесии, освен во случаите кога примената на одредбите од овој закон би го спречило извршувањето на надлежностите утврдени со закон или за кои што тие субјекти се основани.

Согласно оспорениот член 6 од Законот, надзор над спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата врши Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Според член 7 од Законот, забранети се сите договори склучени меѓу претпријатија, одлуките на здруженијата на претпријатија и усогласеното однесување чија цел или последица е нарушување на конкуренцијата.

Според член 11 став 1 од Законот, забранета е секоја злоупотреба на доминантната позиција од едно или повеќе претпријатија на релевантниот пазар или негов суштински дел.

Во членот 12 од Законот е дефинирано што претставува концентрација и кога таа настанува, а во член 14 се утврдува обврска на претпријатијата во случај на концентрација да ја известат Комисијата за заштита на конкуренцијата за концентрацијата.

Согласно членот 17, Комисијата за заштита на конкуренцијата врши оцена на концентрацијата со цел да се утврди дали истите се во согласност или не се во согласност со овој закон.

Согласно Законот, орган за заштита на конкуренцијата е Комисијата за заштита на конкуренцијата. Таа во членот 26 од Законот е определена како самостоен државен орган со својство на правно лице. Комисијата за заштита на конкуренцијата е составена од претседател, четворица членови и стручна служба. Комисијата за заштита на конкуренцијата е независна во своето работење и во донесувањето на одлуките во рамките на надлежностите определени со овој закон. Средствата за работа на Комисијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Седиштето на Комисијата за заштита на конкуренцијата е во Скопје. Комисијата за заштита на конкуренцијата за својата работа одговара пред Собранието на Република Македонија и најдоцна до 31 март до Собранието на Република Македонија поднесува годишен извештај за својата работа.

Според член 27 од Законот, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, претседателот и членовите на Комисијата за заштита на конкуренцијата ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија за период од пет години со право на повторно именување.

Во член 28 од Законот се утврдени следниве надлежности на Комисијата за заштита на конкуренцијата:
(1) Комисијата за заштита на конкуренцијата ја контролира примената на одредбите на овој закон, Законот за државната помош и прописите донесени врз основа на овие закони, ги следи и анализира состојбите на пазарот до степен потребен за развој на слободна и ефикасна конкуренција, води управни постапки и донесува одлуки во управна постапка согласно со одредбите од овој закон и Законот за државната помош.
(2) За прекршоците определени со овој закон, надлежен прекршочен орган е Комисијата за заштита на конкуренцијата.
(3) Комисијата за заштита на конкуренцијата утврдува правила и мерки за заштита на конкуренцијата и мерки за воспоставување на ефективна конкуренција.
(4) Комисијата за заштита на конкуренцијата дава мислење по предлози на закони и други акти со кои се уредуваат прашања што се однесуваат на економската активност, а кои можат да имаат влијание на конкуренцијата на пазарот и во писмена форма го доставува до надлежниот орган. Органот ја известува Комисијата за заштита на конкуренцијата за причините заради кои не го прифатил мислењето на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
(5) На барање на Собранието, Владата на Република Македонија, други државни органи, претпријатија или по службена должност, Комисијата за заштита на конкуренцијата дава стручни мислења за прашањата од областа на конкурентската политика, заштита на конкуренцијата на пазарот и доделувањето на државната помош.
(6) Комисијата за заштита на конкуренцијата при извршување на своите надлежности соработува со државни органи и тела за прашања кои се во врска со заштитата на конкуренцијата. Комисијата за заштита на конкуренцијата и државните органи и тела се должни да разменуваат податоци и информации што им се потребни за вршење на своите надлежности, чиј обем на размена на информации е ограничен на податоци и информации што се соодветни и пропорционални на целите за коишто се разменуваат.
(7) Комисијата за заштита на конкуренцијата ги извршува работите на меѓународна соработка поврзани со извршувањето на меѓународните обврски на Република Македонија, пренесени во надлежност на Комисијата за заштита на конкуренцијата, учествува во спроведувањето на проектите на меѓународните органи и органите на Европската Унија и соработува со органите на другите земји и институции од областа на конкуренцијата.
(8) Комисијата за заштита на конкуренцијата со статут и други општи акти ги уредува прашањата за начинот на работата и организацијата.
(9) Комисијата за заштита на конкуренцијата извршува и други работи утврдени со овој и друг закон.
(10) Oдлуките на Комисијата за заштита на конкуренцијата во управна постапка и одлуките кои се однесуваат на тековното работење на Комисијата за заштита на конкуренцијата ги донесуваат претседателот и четворицата членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата на седница, со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Од наведените одредби од Законот произлегува дека Законот за заштита на конкуренцијата утврдува три основни облици на дејствување на претпријатијата со кои може да се спречи, ограничи или наруши конкуренцијата на пазарот. Тоа се: забранети договори, злоупотреба на доминантна позиција и забранети концентрации. Согласно ова, делокругот на Комисијата, во потесна смисла на зборот, ги опфаќа следните основни подрачја: – утврдување на постоење на забранети договори, одлуки и усогласено однесување помеѓу претпријатијата; – злоупотребата на доминантната позиција од страна на претпријатија кои поседуваат доминантна позиција и – контрола на концентрациите на претпријатијата. Утврдување на постоење на забранети договори, одлуки и усогласено однесување помеѓу претпријатијата и постоење на злоупотребата на доминантната позиција од страна на претпријатија кои поседуваат доминантна позиција се врши во прекршочни постапки. Прекршочните постапки ги води и донесува решенија Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата составена од претседателот и двајца членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата кои се професионално ангажирани во работењето на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Контрола на концентрациите на претпријатијата се врши во управни постапки кои ги води и за кои донесува решение Комисијата.

Од одредбите на Законот исто така произлегува дека Комисијата за заштита на конкуренцијата е самостоен, колегијален и независен државен орган кој е надлежен за спроведување на Закон за заштита на конкуренцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/10, 136/11 и 41/14) чија цел е откривање, спречување и санкционирање на различните облици на загрозување, спречување и нарушување на конкуренцијата на пазарот и Законот за контрола на државната помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010) чија цел е надзор над секој облик на државна помош доделен во Република Македонија, во функција на обезбедување слободна конкуренција и пазарен натпревар ослободен од влијанијата на државниот интервенционизам. Во остварувањето на своите надлежности, Комисијата води управни и прекршочни постапки, па за утврдените повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата изрекува глоба како прекршочна санкција, согласно одредбите од Законот за прекршоците.

Поаѓајќи од наведените одредби од Законот за заштита на конкуренцијата, Судот оцени дека Законот се однесува на претпријатијата кои се должни да ги почитуваат неговите одредби, односно да не преземаат активности спротивни на забраните утврдени во законот со кои се нарушува конкуренцијата, односно да ги извршуваат со закон предвидените обврски и мерки за заштита на конкуренцијата. Надзорот и контролата врз исполнувањето на овие обврски го врши Комисијата како орган за заштита на конкуренцијата, согласно оспорената одредба од членот 6 од Законот. Оттука за Судот се неприфатливи наводите во иницијативата дека одредбата од Законот била нејасна и непрецизна и спротивна на принципот на владеењето на правото. Судот смета дека комплексната улога на Комисијата за заштита на конкуренцијата не може да се согледа само од содржината на оспорениот член 6 од Законот, туку од целината на Законот, односно од целината на одредбите со кои се попрецизно регулирани овластувањата на Комисијата при вршењето на нејзините основни надлежности од членот 28. Имено, право е на законодавецот да утврди мерки за заштита на конкуренцијата, да го определи органот задолжен за преземање на мерки за заштита на конкуренцијата – Комисијата за заштита на конкуренцијата и на неа да и ја довери обврската за контрола и надзор над спроведувањето на обврските што ги имаат претпријатијата во врска со обезбедувањето на конкуренцијата и спречување на однесување со кое се попречува конкуренцијата. Во таа смисла право е на законодавецот да ја определи Комисијата за заштита на конкуренцијата како прекршочен орган, односно орган што води прекршочна постапка против претпријатијата во случај на повреди на конкуренцијата преку склучување на забранети договори и злоупотреба на доминантна позиција. Судот исто така смета дека право е на законодавецот да ја определи Комисијата за заштита на конкуренцијата како контролен орган кој во управна постапка одлучува за контролата на концентрациите.

Според тоа, прекршочната постапка што ја води Комисијата и санкциите што ги изрекува, како и управните постапки што ги води Комисијата во случај на незаконити концентрации се всушност облици на надзор и контрола што ги врши Комисијата заради обезбедување на заштита на конкуренцијата, така што не станува збор за надзор на работењето на самата Комисија за заштита на конкуренција, како што смета подносителот на иницијативата.

Поради наведеното Судот оцени дека одредбата од членот 6, иако е општа и генерална, е доволно јасна и прецизна и разработена во натамошните одредби од Законот, поради што одлучи дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставното начело на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на законите, што се бара со иницијативата.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, како и аргументите од иницијативата дека оспорената одредба од членот 6 од Законот за заштита на конкуренцијата не била во согласност со член 20 став 1 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот оцени дека така изнесените наводи всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на наведените законски одредби што излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во тој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.37/2016
05.10.2016 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева