У.бр.106/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 и став 3 зборовите „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“, член 4 став 1 зборовите „оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес“, членовите 6 и 7 зборовите „а ќе се применува шест месеци по денот на влегување во сила од Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015).

2. Тодор Петров од Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од ова решение од Законот за заштита на приватноста.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорениот член 1 ставовите 1 и 3 во делот „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“ не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, членот 9, член 51 и 54 од Уставот на Република Македонија, од причини што Законот за заштита на приватноста не можело да се применува на селективен број на случаи и за определен период, туку тоа морало да биде за сите случаи и за цело време.

Во однос на членот 4 став 1 во делот „оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес“ од Законот, подносителот наведува дека не бил во согласност со Уставот од причина што јавниот интерес не можело да го определува неовластено лице надвор од со закон пропишана процедура и на начин спротивен на дозволени случаи на прислушување на разговор или изјава со следење на комуникации.

Јавниот интерес се определувал од надлежен орган во случаи на примена на заштитни мерки на безбедноста како доказ за извршено кривично дело.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 6 од Законот не бил во согласност со Уставот од причините кои ги наведува и за членот 1 став 1 и 3 од Законот за заштита на приватноста. Имено според подносителот заштитата на приватноста не можела да се ограничи временски и заштитата на приватноста во врска со материјали кои произлегувале од незаконско следење на комуникации и тоа морало да важи цело време.

Во однос на членот 7 од Законот, подносителот наведува дека истиот не можел да има одложена примена. Имено, според него Уставот не дозволува селективна или одложена примена на законите за правата и слободите на човекот и граѓанинот од причина што слободите и правата се универзални и неограничени, освен во случаи определени со Уставот и за време на воена или вонредна состојба.

Почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на достоинството и угледот на граѓаните е уставно загарантирано право и со закон не може да биде одложена неговата примена.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 во оспорените ставови 1 и 3 од Законот за заштита на приватноста е предвидено дека:

(1) Со овој закон се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година.

(3) Со Законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки.

Понатаму, Судот утврди дека во членот 4 став 1 од Законот е предвидено дека:

1) Тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес.

Судот, исто така утврди дека во оспорените член 6 од Законот е предвидено дека:

Одредбите од овој закон не се однесуваат на објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година, а во оспорениот член 7 од Законот е предвидено дека:

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува шест месеци по денот на влегувањето во сила.

Воедно, Судот утврди дека е донесен нов Закон за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ број 99/2016), во кој според членот 6 со денот на влегувањето во сила на овој Закон престанува да важи Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ број 196/15).

Во членот 7, пак, е предвидено дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година .

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согла- сноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од суштината на член 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони кои што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што со други зборови значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние закони кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на закони кои што престанале да важат.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби и пред се фактот што оспорените одредби како дел од Законот за заштита на приватноста престанале да важат со влегувањето во сила на Законот за заштита на приватноста од 2016 година, и повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека тие не можат да бидат предмет на оцена на уставноста пред Уставниот суд, заради постоење на процесни пречки за одлучување односно се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.106/2015
28 септември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева