Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 јуни 2016 година и 28 септември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– Одлуката за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 08-208/2 од 23.02.2016 година, донесена од Советот на Општина Бутел, објавена во “Службен гласник на Општина Бутел” број 2 од 23 февруари 2016 година и
– Решението за објавување на Одлуката за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 09-251 од 23.02.2016 година, донесено од градоначалникот на Општина Бутел.
2. Движењето за Реформи-Албанска Демократска партија од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и на законитоста на актите, означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите од подносителот на иницијативата, со донесената одлука се повредувале член 8 став 1 алинеја 8, член 19 став 3, член 50 ставови 1, 2 и 3, член 51 став 1, член 54 став 3 и член 114 став 5 од Уставот на Република Македонија и законите, бидејќи на улици и крстосници или на други јавни места не смеело да се подигнуваат урбана опрема-Крст или други верски симболи. Тоа претставувало кршење на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-хуманизмот, социјалната правда и солидарноста од член 8 став 1 алинеја 8 на Уставот, се вршело разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост во државата со што се повредувал член 20 став 3 од Уставот, се повредувал членот 19 став 3 од Уставот бидејќи сите верски религиозни групи биле одвоени од државата и се еднакви пред законот. Повреден бил и член 20 од Уставот, а исто така и основните слободи и права од член 50 ставови 1, 2 и 3 од Уставот, член 51 став 1 и член 54 став 3 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Воедно подносителот на иницијативата како партија смета дека се повредувал и Амандманот XVI со кој е заменет ставот 5 на членот 114 од Уставот на Република Македонија, бидејќи било повредено правото на Бадентер во моментот кога била донесена одлуката од страна на Советот на Општина Бутел.
3. Судот, на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува Одлука за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 08-208/2 од 23.02.2016 година, донесена од Советот на Општина Бутел, објавена во “Службен гласник на Општина Бутел” број 2 од 23 февруари 2016 година и Решение за објавување на Одлуката за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 09-251 од 23.02.2016 година, донесено од градоначалникот на Општина Бутел.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
До Уставниот суд, подносителот достави иницијатива во која наведува дека со Одлуката за давање на согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, донесена од Советот на Општина Бутел и Решението од градоначалникот на Општината за објавување на Одлуката, се повредувале повеќе одредби на Уставот на Република Македонија и законите.
Од страна на Уставниот суд, со допис Р.бр.18/16 од 22.03.2016 година, беше побарано прецизирање на актот кој се оспорува со иницијативата во даден рок.
Подносителот достави поднесок во кој наведува дека до овој суд е доставена иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлука на Општина Бутел за поставување урбана опрема-Крст, односно дека во прилог го доставува оспореното решение за објавување на Одлуката за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 09-251 од 23.02.2016 година, донесено од градоначалникот на Општина Бутел. Наведува и дека покрај наведеното решение го доставува Записникот од одржаната седница на која е донесена и Одлуката за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 08-208/2 од 23.02.2016 година, донесена од Советот на Општина Бутел, објавена во “Службен гласник на Општина Бутел” број 2 од 23 февруари 2016 година.
Од поднесокот, не произлегува јасна прецизност по однос актот кој се оспорува со иницијативата, односно како оспорен акт со поднесокот се наведува Решението од градоначалникот за објавување на Одлуката, но бидејќи со иницијативата и поднесокот, подносителот се повикува и на Одлуката, Судот како оспорени со иницијативата ги имаше во предвид двата акта погоре наведени.
Во оспорената одлука се наведува дека врз основа на членот 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), член 80 од Законот за градење (“Службен весник на Република Македонија” броевите 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 49/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015 и 226/2015), член 42 од Статутот на Општина Бутел (“Службен гласник на Општина Бутел” број 3/14-пречистен текст и број 11/14) и барањето број 08-227 од 18.02.2016 година, поднесено од Светскиот македонски конгрес, Советот на Општина Бутел на 39-та седница одржана на 23.02.2016 година, донесува Одлука за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел.
Со член 1 од оспорената одлука, се наведува дека со оваа Одлука се дава согласност за поставување на урбана опрема-Крст на подрачјето на Општина Бутел, на микролокацијата на вкрстување на улица “Боца Иванова” и улица “Александар Урдаревски”, врз основа на барање на Светскиот македонски конгрес.
Со член 2 од оспорената одлука се наведува дека изработката на проектната документација, како и трошоците за поставување и изведување на опремата од членот 1 на оваа одлука, ќе се обезбедат од страна на подносителот на барањето.
Во член 3 од Одлуката, се наведува дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во (“Службен гласник на Општина Бутел”).
Одлуката е со број 08-208/2 од 23.02.2016 година.
Во оспореното решение се наведува дека врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 5/2002), градоначалникот на Општина Бутел, донел Решение за објавување на Одлука за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел.
Со член 1 од оспореното решение, се наведува дека се објавува Одлуката за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, донесена на 39-тата седница на Советот на Општина Бутел, одржана на 23.02.2016 година, а во член 2 од Решението, се наведува дека истото влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Бутел”.
Решението е со број 09-251 од 23.02.2016 година.
Од содржината на оспорената одлука, произлегува дека во конкретниот случај станува збор за поединечен правен акт со која на конкретен субјект-Светскиот македонски конгрес се дава согласност за поставување на урбана опрема на локација во Општина Бутел, врз основа на претходно барање на субјектот, односно дека трошоците за поставување и изведување на опремата, ќе бидат на товар на подносителот на барањето, а од содржината на оспореното решение произлегува дека станува збор за технички акт-објавување на оспорената одлука во “Службен гласник на Општина Бутел”.
5. Имајќи ја предвид содржината на актите кои се оспоруваат со иницијативата, наспрема утврдените надлежности на Уставниот суд, во кои спаѓа и оцена на општи прописи кои содржат општи норми на однесување, односно кои уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, а во конкретниот случај оспорените акти не ги содржат правните елементи кои го определуваат прописот како подобен за уставно-судска оцена, Судот оцени дека настапени се условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.72/2016
29 јуни 2016 год. и
28 септември 2016 год.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.72/2016