У.бр.46/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на обрасците предвидени во Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство бр.02-6210/10 од 10.05.2013 година објавена во („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2013).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителот на иницијативата го цитира членот 30 од Законот за здравствено осигурување, во целина, со сите измени и дополнувања.

Подносителот потоа во иницијативата ја дава содржината на членот 56 став 1 од Законот за здравствено осигурување, каде што се наведува детално кои се работите кои ги вршел Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување.

Во иницијативата, се наведува дека Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, при донесување на оспорената Одлука, се повикал и на членот 43 од Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2013 година) без притоа да се прецизира на кој Правилник се мисли односно во кој „Службен весник на Република Македонија“ бил објавен Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство на кој се повикува Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување при донесувањето на оспорената одлука.
Според подносителот на иницијативата, оспорената Одлука била во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, каде што било наведено дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија меѓу останатите биле и владеењето на правото.

Поради напред наведените причини, со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и истата да биде укината.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 став 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на обрасците предвидени во Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство бр.02-6210/10 од 10.05.2013 година објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2013) е наведено дека во Одлуката за утврдување на обрасците предвидени во Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ број 133/2011, 53/2012 и 18/2013), во членот 1 обрасците со реден број:

– 1. Барање за болничко лекување во странство (образец Л1);
– 2. Барање за продолжување на лекување во странство и/или признавање на дополнителни трошоци (образец Л2);
– 3. Барање за надомест на средства за користење на здравствени услуги во странство-итен случај (образец Л3);
– 4. Барање за контролен преглед во странство по извршено болничко лекување во странство на товар на ФЗОМ (образец Л4);
– 5. Барање за надомест на средства за превоз на починато лице при болничко лекување во странство на товар на ФЗОМ (образец Л5), се заменуваат со нови обрасци.

Во ставот 2 од истиот член, обрасците од став 1 на овој член се дадени во прилог на оваа одлука и се нејзин составен дел.

Според членот 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесеното во оспорената одлука, произлегува дека во оспорената Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на обрасците предвидени во Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство бр.02-6210/10 од 10.05.2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2013) не е наведено бројот на Службениот весник.

Имајќи ја предвид досегашната уставно-судска практика во слични случаи кога биле констатирани технички грешки при означувањето на законските одредби и при состојба кога иницијативата не содржи доволно квалитетни аргументи за покренување на механизмот за уставно-судска оцена, произлегува дека согласно член 110 од Уставот, исправањето на сторени технички грешки при изготвување на оспорените акти не е надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.46/2016
28 септември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева