У.бр.67/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 151 став 6 во делот

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.8/2014 од 15 октомври 2014 година, се укинува членот 151 став 5 во делот: “и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од десет години, а вршење на друга дејност во рок од една година“ од Законот за игрите на среќа и забавните игри (”Службен весник на Република Македонија” број 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012 и 27/2014).

По донесувањето на наведената одлука на Уставниот суд, одредбата од членот 151 став 5 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, гласела: „Ако во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврди дека во деловна просторија се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца или дозвола или за која приредувачот на игри на среќа има добиено лиценца, односно дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон, овластеното службено лице врши запечатување на деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа.“

Со член 13 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2015), се пропишувало дека во ставот (5) кој станува став (6) по зборовите: „во која се приредуваат игри на среќа“ се додаваат зборовите: „и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена“.

Од содржината на напред цитираната одлука на Уставниот суд, произлегувало дека, меѓу другото, Судот укажал дека законодавецот не направил дистинкција во однос на тоа дали вршителот на дејноста е истовремено и сопственик на просторијата или истата ја користи под закуп, со што оставил можност пропишаната мерка да го засега сопственикот на просторијата и во случаите кога тој не е вршител на дејноста и не го повредил Законот. Очигледно било дека така изречената управна мерка се однесувала на забрана за користење на деловната просторија, а не се однесува на вршителот на дејноста кој го прекршил законот, но кој во дадената ситуација немал забрана да продолжи со вршење на истата дејност во друга деловна просторија. Оттука, произлегувало дека изречената управна мерка значела забрана за користење на просторијата, што неспорно го засегало сопственикот на просторијата, кој не мора да биде вршител на дејноста, но не значи привремена забрана за вршење на дејност на субјектот на надзорот (вршителот на дејноста).

По својата содржина, додадениот дел на членот 151 став 6 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, бил идентичен со стариот став 5 на истиот член, со таа разлика што, забраната не трае 10 години, туку трае 30 дена, а не постоел ниту делот:„а вршење на друга дејност во рок од една година.“

Во смисла на напред наведеното, со додадениот дел во ставот 6 на членот 151 од Законот, кој повторно бил воопштен и повторно го ограничувал сопственикот на деловната просторија кој не морал да биде и лицето приредувач на игрите на среќа, да располага со просторијата која ја има во сопственост, со што, и вака конципираната одредба од Законот, го повредувала уставниот принцип на гарантирање на правото на сопственост од членот 30 од Уставот на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата неспорно било дека интенцијата на законодавецот била да мерката пропишана со член 151 став 6 од Законот, го погоди лицето кое не ги намирува своите давачки спрема државата, а на кои е обврзан со закон, но со пропишувањето на оспорената одредба, така изречената мерка не го погодувала само лицето кое организира игри на среќа а не ги намирува своите давачки спрема државата на кои е обврзан со закон, туку го погодувала и сопственикот на деловната просторија кој нужно не морал да биде лицето кое ги организира игрите на среќа.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот и истата да ја укине како спротивна на Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 151 став 6 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, ако во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврди дека во деловна просторија се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца или дозвола или за која приредувачот на игри на среќа има добиено лиценца, односно дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон, овластеното службено лице врши запечатување на деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во согласност со членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, се уредуваат видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и забавните игри (член 1).

Според членот 2 точка 1 од Законот, игри на среќа се игрите во кои учесниците имаат еднакви можности за стекнување на добивка со посредна или непосредна уплата на одреден износ (влог), а резултатот од играта исклучиво или претежно зависи од случајноста или од некој неизвесен настан во играта, а според точката 2 на истиот член, забавни игри се игрите на компјутери, симулатори, видеоавтомати, флипери и други слични апарати кои се ставаат во погон со помош на пари, жетони или на друг начин, како и пикадо, билијарди и други слични игри во кои се учествува со уплата, а во кои учесникот не може да оствари добивка во пари, предмети или права, туку стекнува право на една или повеќе бесплатни игри од ист вид, како и други игри од забавен карактер во кои се подразбира дека учесникот во забавните игри кој губи ги сноси трошоците за играта или каде што уплатите (влоговите) и добивката се незначителни;

Согласно членот 3 став 3 од овој закон, постапката на вршење на надзор и контрола над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон се врши согласно со Законот за инспекциски надзор и Законот за даночна постапка.

Игрите на среќа, согласно членот 7 од Законот, се приредуваат врз основа на лиценца, а забавните игри, наградните игри и интерактивните игри на среќа, согласно членот 9 од истиот закон, се приредуваат врз основа на дозвола.

Главата XII од Законот, носи наслов НАДЗОР (членови 150-155). Според членот 150 став 1 од Законот, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон го врши Управата за јавни приходи. Според ставот 2 на истиот член, инспекцискиот надзор го вршат овластени службени лица на Управата за јавни приходи.

Согласно членот 151 став 1 од овој закон, при вршењето на инспекцискиот надзор, овластеното службено лице на Управата за јавни приходи особено врши надзор:
1) над приредувањето на игрите на среќа, дали игрите на среќа се приредуваат во согласност со закон, во согласност со издадената лиценца, односно дозвола и во согласност со правилата на игрите на среќа;
2) на исполнување на просторните и техничко-технолошките услови за приредување на игрите на среќа и забавните игри;
3) на автоматите за игри на среќа во однос на нивниот број, техничката исправност и жигот и проверка на плочките за означување и регистрација на автоматите за игри на среќа и масите на кои се приредуваат игрите на среќа;
4) на водењето на деловните книги и другата документација поврзана со приредувањето на игрите на среќа и забавните игри;
5) над плаќањето на надоместоците за добивање на лиценца, односно дозвола надоместоците, посебните надоместоци и посебните давачки утврдени со овој закон, како и над плаќањето на даноците и другите јавни давачки утврдени со закон, од страна на приредувачите на игри на среќа и забавни игри;
6) над депонираниот банкарски депозит, односно банкарската гаранција;
7) на лозовите, томболските картички и тикетите;
8) над приредувањето на игрите на среќа и забавните игри во случај на одземање, прекин и откажување на лиценцата, односно дозволата;
9) на достапноста на правилата за приредување на игрите на среќа на учесниците во игрите на среќа;
10) на продажните места на лозовите, томболските картички, тикетите и терминалите;
11) на посетата на лицата во просториите каде што се приредуваат посебни игри на среќа;
12) на учеството во игрите на среќа на лицата на кои со овој закон тоа им е забрането;
13) над приредувањето на забавни игри;
14) на работното време на просториите во кои се приредуваат игри на среќа и забавни игри;
15) на објавувањето, исплатата и подигањето на добивките на добитниците во игрите на среќа;
16) на неповредливоста на тајноста на податоците согласно со закон;
17) над исполнувањето на условите од членот 138 став (4) на овој закон и обврската на овластеното лице за придржување кон цените на чинење на секоја одделна услуга поврзана со утврдувањето на техничката исправност на автоматите за игри на среќа и
18) врши други работи заради надзор над приредувањето на игрите на среќа и забавните игри согласно со овој закон.

Според ставот 2 на истиот член, при вршењето на инспекцискиот надзор, овластеното службено лице на Управата за јавни приходи врши проверка на документацијата со која се докажува возраста на лицата во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа. Во согласност со ставот 3 на овој член, при вршењето на инспекцискиот надзор овластените службени лица изготвуваат записник, а според ставот 4 на истиот член, врз основа на записникот од ставот (3) на овој член, овластеното службено лице со решение ќе му нареди на приредувачот на играта на среќа да ги отстрани утврдените неправилности во рок од 30 дена од денот на приемот на решението. Во согласност со ставот 6 на овој член, ако во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврди дека во деловна просторија се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца или дозвола или за која приредувачот на игри на среќа има добиено лиценца, односно дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон, овластеното службено лице врши запечатување на деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена. Според ставот 7 на истиот член, против решението од ставовите (4) и (6) на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.

Според членот 2 точка 2 Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ број 50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015 и 193/2015), инспекциски надзор е надзор над примената на законите и прописите донесени врз основа на закон во работењето на државните органи, единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, јавните претпријатија, трговските друштва, установите и правните и физичките лица над кои се врши надзор, како и изрекување на инспекциски мерки и санкции со цел за отстранување на утврдените неправилности. Според точката 7 на овој член, инспекциски мерки се управните мерки и санкции предвидени со овој и со друг закон кои ги изрекуваат инспекторите при инспекцискиот надзор заради отстранување на утврдените неправилности.

Согласно членот 25 став 1 од овој закон, во согласност со закон, заради отстранување на утврдените неправилности, инспекторот има право и обврска на субјектот на надзорот привремено да му забрани вршење на дејност, професија или должност (точка 3), привремено да му одземе предмети и средства со кои е сторено кривичното дело или прекршокот, во согласност со закон (точка 4), да му поднесе барање за поведување на прекршочна постапка (точка 5) и да му поднесе кривична пријава или да поведе друга соодветна постапка (точка 6). Според ставот 2 на истиот член, заради отстранување на утврдените недостатоци инспекторот може да врши и други овластувања и одговорности во согласност со закон.

Според членот 57 став 1 од Законот, кога инспекцискиот орган ќе утврди неправилности од поголем обем или неправилности со кои се загрозува животот или здравјето на луѓето или на животната средина и во други случаи определени со закон, инспекторот привремено ќе забрани вршење на дејност со запечатување на просториите, објектите, градилиштата, опремата, средствата за работа и други средства, до отстранување на неправилностите.

Од анализата на наведената законска регулатива, произлегува дека законодавецот, со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, ги уредил видовите, условите и начинот на приредување на игрите на среќа и на забавните игри, при што утврдил и јасни правила за надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во таа смисла, законодавецот, со членот 151 став 6 од Законот, пропишал дека ако во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврди дека во деловна просторија се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца или дозвола или за која приредувачот на игри на среќа има добиено лиценца, односно дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон, овластеното службено лице врши запечатување на деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена.

Со иницијативата се оспорува ставот 6 од членот 151 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во делот: „и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена.“ Оспорената одредба е внесена во текстот на Законот со членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2015 од 17.04.2015 година), на начин што „во ставот (5) кој станува став (6) по зборовите: „во која се приредуваат игри на среќа“ се додаваат зборовите:„и донесува решение со кое се забранува приредување на игри на среќа во таа деловна просторија во рок од 30 дена“.

При ваква состојба, со иницијативата се поставува прашање дали со оспорената законска одредба се повредува уставниот принцип на гарантирање на правото на сопственост од членот 30 од Уставот

Според Судот, наводите за неуставноста на оспореното законско решение се неосновани, поради следното:

Законот за инспекциски надзор пропишува дека инспекциски мерки се управните мерките и санкции предвидени со овој и со друг закон кои ги изрекуваат инспекторите при инспекцискиот надзор заради отстранување на утврдените неправилности. Кога инспекцискиот орган ќе утврди неправилности од поголем обем или неправилности со кои се загрозува животот или здравјето на луѓето или на животната средина и во други случаи определени со закон, инспекторот привремено ќе забрани вршење на дејност со запечатување на просториите, објектите, градилиштата, опремата, средствата за работа и други средства, до отстранување на неправилностите.

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри, привремената забрана за вршење дејност организирање игри на среќа, со запечатување на деловната просторија каде се организираат игрите на среќа, доколку во постапката на надзор од страна на овластеното службено лице на Управата за јавни приходи се утврди дека во деловната просторија се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца или дозвола или за која приредувачот на игри на среќа има добиено лиценца, односно дозвола, но не ги плаќа јавните давачки утврдени со закон, е утврдена на период од 30 дена. Според Судот, тоа е во согласност со определбата, привремената забрана за вршење дејност со запечатување на просторијата или објектот да трае до отстранување на неправилностите кои биле причина за запечатувањето на просторијата, како принцип утврден во Законот за инспекциски надзор, а рокот од 30 дена е разумен и вообичаен рок кој се определува за отстранување на утврдените неправилности.

Ваквата мерка директно го засега вршителот на дејноста и не треба да се доведува во корелација со сопственоста на деловната просторија, како што беше случајот при претходното законско решение, кое со Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 8/2014 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 156/2014), беше укинато. Имено, според укинатото законско решение, забраната за приредување на игри на среќа во таа деловна просторија беше за период од десет години, а забраната за вршење на друга дејност во таа просторија изнесуваше една година, што според оценка на Судот, несомнено го засегаше сопственикот на деловната просторија, независно дали тој е вршител на спорната дејност или не, со што се ограничува сопственоста спротивно на членот 30 став 3 од Уставот и што води кон повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, кои се гарантирани со членот 55 од Уставот и кои можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, што во дадената ситуација не беше случај.

Очигледно е дека законодавецот, при повторното пропишување на инспекциската мерка во наведениот случај, го имал предвид образложението за донесување на укинувачката одлука на Уставниот суд, поради што сега пропишаниот рок за запечатување на просторијата и забраната за вршење на дејност во истата е привремен, вообичаен и разумен за отстранување на утврдените неправилности, и како таков го засега вршителот на дејноста, без оглед дали тој е сопственик или корисник под закуп на деловната просторија во која се врши дејноста. Сопственикот на деловната просторија, доколку тој не е и вршител на дејноста, своите побарувања кон вршителот на дејноста, може да ги оствари по правен пат.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба не е воопштена и не го ограничува сопственикот на деловната просторија, како што се наведува во иницијативата, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со членот 30 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2016
28 септември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева