Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 07 јули 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 90 став 2 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015 и 6/2016).
2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата подносителот го цитира целиот член 90 од Законот за судската служба, наведувајќи дека целата одредба од членот 90 од Законот содржела вкупно 4 става, укажувајќи на фактот дека со оспорените одредби на членот 90 став 2 се упатува на примена на став 19 од членот 90 кој не постоел.
Според наводите во иницијативата, во случај кога една одредба упатувала на примена на друга одредба неминовно било тоа да постои во правниот промет како би се операционализирала уставната вредност на владеењето на правото предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во член 90 од означениот закон е предвидено дека (1) Судските службеници за кои годишната оцена е „особено се истакнува“, ќе бидат наградени со бонус во износ од една плата примена во последниот месец во годината во која се вршело оценувањето.
(2) На последните 5% судски службеници од ранг-листата од членот 90 став (19) од овој закон,
– ќе му престане работниот однос доколку се оценети со оцена „не задоволува“,
– ќе им биде намалена платата во износ од 20% во период од шест месеци доколку се оценети со оцена „делумно задоволува“ и
– ќе им биде намалена платата во износ од 10% во периодот од шест месеци доколку спаѓаат во последните 5% од ранг-листата, а не се оценети со оцена „не задоволува“ или „делумно задоволува“.
(5) На судскиот службеник кој е оценет со оценка „делумно задоволува“ во две последователни оценувања, ќе му престане работниот однос.
(6) Начинот на утврдување на висината и пресметката на бонусите и намалувањата од плата ги пропишува министерот за правда.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од увидот во содржината на оспорената одредба што е предмет на оспорување со поднесената иницијатива јасно произлегува дека во истата очигледно станува збор за технички пропуст кога се цитира став 19 од член 90 од Законот, во состојба кога оспорениот член има само 4 става.
При состојба кога со иницијативата се бара исправање на пропуст што претставува очигледна техничка грешка во нумерацијата на ставовите, а не содржи доволно квалитетни аргументи за покренување на механизмот на уставно судска оцена, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата. Имено, исправањето на сторени номотехнички грешки при изготвување на актите не е надлежност на Уставниот суд, туку истото е во ингеренции на законодавно-правната комисија во Собранието на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.
У.бр.107/2016
07 јули 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева