Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 7 јули 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста нa
– член 33 став 1 и член 57 став 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2013, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 06/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2012, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 124/2015, 193/2015, 37/2016 и 71/2016) и уставноста и законитоста на:
– Одлуката за дополнување на Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2015)
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативaта член 33 став 1 бил неодржлив од уставно – правен аспект од причина што возни билети исклучиво се продавале преку унифициран електронски систем со електронско плаќање на билети и од друга страна се овозможувало како исклучок да се продаваат возни билети и во автобусот. Во ситуација каде што немало организирано места за продажба на билети постоела должност да се издаде фискална сметка за продадените билети согласно одредбите во ставот 2 од истиот член и се отстапувало од апсолутната исклучивост на оспорениот став 1 на член 33 од Законот.
Во иницијативата е наведено дека оспорената законска одредба не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓаниот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 7 како и со членовите 51 и 55 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму, во иницијативата е наведено дека според член 57 став 3 од овој закон услугите за меѓуопштински линиски и слободен превоз на патници и меѓународен линиски и слободен превоз на патници биле резервирани само за автобуските станици, а не и за другите превозници, кои исто така биле субјекти на пазарот, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот и се обезбедувала монополска положба и монополско однесување на пазарот само за постоечките автобуски станици. Исто така, во иницијативата е наведено дека било спорно од уставно-правен аспект зошто висината на надоместокот за користење на услуѓите на автобуската станица ја определува Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт, а не некој друг орган или пак самите автобуски станици врз основа на однапред утврдени стандарди односно услови и критериуми. Во иницијативата е наведено дека критериумите односно условите за надоместокот за користење на услугите на автобуските станици биле непрецизно определени „во зависност од категоријата на станицата и видот на превозот“ и на Владата на Република Македонија и бил оставен голем простор и слобода за дискреционо и арбитрарно одлучување. Според горенаведеното оспорената одредба немала уставен основ и не била во согласност со член 8 став1 алинеи 3 и 4. член 51, член 55, член 68 став1 алинеја 2 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот.
Според наводите во иницијативата при одлучување за основаноста на овој дел од иницијативата било потребно да се има во предвид и Одлуката на Уставниот суд под У.број.160/2005 од 01 февруари 2006 година, која била објавена во („Службен весник на Република Македонија“ број 23/2006 година) и со која биле укинати член 57 став 2 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/2004) и Правилникот за категоризација на автобуските станици, нивната опременост и висината на надоместокот за нивно користење, донесен од министерот за транспорт и врски (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2005).
Во иницијативата е наведено дека Судот треба да има во вид дека Законот за превоз во патниот сообраќај бил менуван и дополнуван дури 15 пати и Уставниот суд донел 4 укинувачки одлуки со што била создадена правна несигурност за граѓаните на Република Македонија и за субјектите на пазарот и претприемништвото.
Понатаму, во иницијативата е наведено дека Одлуката за дополнување на Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2015) не била во согласност со Уставот бидејќи била во спротивност со членот 57 став 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, односно не била заснована на овој член од Законот. Тоа од причина што, висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици не била определена само во зависност од категоријата на станиците и видот на превозот, како што било предвидено во законската одредба на член 57 став 3 од овој закон, туку и од други елементи како што била цената на билетот. Според наводите во иницијативата, висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици била неразумно многу високо определена, со што на постоечките автобуски станици им се обезбедувала противуставна монополска положба и монополско однесување на пазарот и претприемништво. Оттука, за другите субјекти – превозници не се водело сметка, а тоа било противуставно зло за нашето општество. Во иницијативата е наведено дека Судот треба да има во вид дека оспорената Одлука била менувана и дополнувана дури 6 пати што не било во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Поради наведените причини во иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 и член 57 став 3 од Законот и уставноста и законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2015) и врз начелата на приоритет и итност (член 50 став 1 од Уставот) Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија кои биле преземени врз основа на оспорените законски одредби и одредбите на оспорената одлука.
3. Судот на седница утврди дека согласно член 33 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, возни билети исклучиво се продаваат преку унифициран електронски систем со електронско плаќање на билетите. По исклучок од ставот 1 на овој член превозникот може да продава возни билети и во автобусот, таму каде што нема организирани места за продажба при што е должен да издаде фискална сметка за продадените билети. (став 2)Возни билети може да се продаваат само за одобрените линии за кои е издадена дозвола во согласност со одобрениот возен ред и цената. (став 3) Превозникот и автобуската станица се должни на потполно глуви лица со потврда за членство и возен картон издаден од Националниот сојуз за глуви лица, на лица со тешка и длабока ментална попреченост и негов придружник со потврда за членство и возен картон издаден од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост на слепо лице со оштетување на видот над 90% и негов придружник со потврда за членство и возен картон издаден од Сојузот за слепи лица и на инвалидизирано лице со телесна инвалидност од 90% и негов придружник со потврда за членство и возен картон издаден од Сојузот за инвалидизирани лица, да им издадат билет за патување во двата правци (повратен билет) без надомест и во возната книшка да евидентираат дека слепото лице и инвалидизираното лице го искористиле превозот. На слепото лице со оштетување на видот над 90% и неговиот придружник и на инвалидизираното лице и неговиот придружник во текот на една календарска година може да им се издадат билети за максимум шест повратни билети за патување во внатрешниот превоз на патници, на трошок на превозникот. (став 4) Возниот билет што го издава превозникот содржи: назив на превозникот, место на тргнување и пристигнување, односно зона на вршење за општинскиот линиски превоз, период на важење на билетот и цена на превозот. (став 5) Превозникот може на целата линија да врши превоз и со повеќе возила (бис возење). Доколку линијата се одржува со бис возење тогаш не мора сите возила да поаѓаат од почетната или некоја од попатните станици доколку на тие станици има доволно места во возилата кои поаѓаат од тие станици за да бидат превезени сите патници на предметната линија. Или правосилно одобрение за градба на автобуска станица или јавна сообраќајна површина или доказ за сопственост или решение за легализација на бесправно изграден објект за градба на автобуска станица или јавна сообраќајна површина. (став 6)
Согласно член 57 став 1 од истиот закон, Правното или физичко лице кое управува со автобуската станица е должно да дава услуги под еднакви услови на сите превозници кои вршат линиски превоз на патници. За користење на услугите на автобуската станица превозниците плаќаат надоместок. Висината на надоместокот за користење на услугите на автобуската станица ја определува Владата на Република Македонија во зависност од категоријата на станицата и видот на превозот (меѓуопштински линиски и слободен превоз на патници и меѓународен линиски и слободен превоз на патници). (оспорен став) Автобуските станици се категоризираат во четири категории и тоа прва, втора, трета и четврта. Категоризацијата од ставот 4 на овој член ја определува Министерството за транспорт и врски во зависност од: нивната опременост, сообраќајните површини наменети за прием и отпремање на автобусите, работното време, паркинг просторот наменет за задржување на возилата кога се во мирување и други придружни содржини кои функционираат во просторот на автобуската станица. Правното или физичкото лице кое управува со автобуската станица или на кое му е доверено управувањето со автобуската станица, доставува барање за утврдување на категоријата на автобуската станица до Министерството за транспорт и врски. Kон барањето од ставот 6 на овој член задолжително се приложува извод од важечкиот урбанистички план или урбанистички проект со конкретна намена на земјиштето јавна сообраќајна површина или автобуска станица или правосилно одобрение за градба на автобуска станица или јавна сообраќајна површина или доказ за сопственост или решение за легализација на бесправно изграден објект за градба на автобуска станица или јавна сообраќајна површина. Доколку е извршена категоризација на автобуска станица, ново барање од правното или физичкото лице кое управува со автобуската станица за повисока категорија не може да се поднесе пред истекот на 60 дена од правосилноста на решението за категоризација. Потребната опрема и начинот на определувањето на категоријата на автобуските станици ги пропишува министерот за транспорт и врски.“
Судот на седница исто така утврди дека врз основа на член 57 став 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, („Службен весник на Република Македонија“ број 68/04, 127/06, 114/09, 83/10, 140/10, 17/11, 53/11, 6/12, 23/13, 120/13, 163/13, 187/13, 42/14, 112/14 и 166/14), Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 27.01.2015 година, донесе
О Д Л У К А
за дополнување на Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици
Член 1
Во Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици („Службен весник на Република Македонија“ број 126/07, 85/10, 16/12, 7/14, 142/14, 161/14 и 18/2015) во членот 3 се додаваат два нови става 2 и 3 кои гласат:
„По исклучок од став 1 на овој член, висината на надоместокот што превозникот го плаќа на име на провизија во случај на сопствена продажба на возни билети за меѓународен линиски превоз на патници за сопствени автобуски линии преку унифицираниот систем за продажба на билети на автобуските станици изнесува 2,5% од цената на билетот.
Автобуската станица за резервација на возен билет ќе пресмета 5% провизија и тоа на 50% од вредноста на повратниот билет продаден на друг превозник – издавач на повратниот билет.”
Член 2
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Бр.42-269/1
27 јануари 2015 година
Скопје
Заменик на претседателот
на Владата на Република Македонија,
м-р Зоран Ставрески, с.р
4. Уставот на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, утврдил дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2014,139/2014 и 196/2015) за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Според член 36 став 3 од овој закон со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.
Со член 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006, 114/ 2009, 83/2013, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2012, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 124/ 2015, 193/2015, 37/2016 и 71/2016) се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.
Во член 3 од овој закон е уредено дека одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: јавен превоз на патници и стока е превоз кој под еднакви услови им е достапен на сите корисници (точка 1); патнички превоз е превоз на патници кај кој патниците согласно возниот ред влегуваат и излегуваат на сите автобуски станици и постојки (точка 23); брз превоз е превоз на патници кај кој патниците согласно со возниот ред влегуваат и излегуваат на автобуски станици (точка 24); директен превоз е превоз на патници кај кој патниците согласно со возниот ред влегуваат само на почетната и излегуваат само на крајната автобуска станица (точка 25); автобуска станица е простор одреден за прием и испраќање на автобуси и патници кој треба да има покриени перони, уредени за безбедно влегување и излегување на патниците, простории за задржување на патниците и на возниот персонал, за чување на багажот, санитарии, сообраќајно биро и со посебни прописи утврдена опрема (точка 26); автобуско стојалиште е простор одреден за застанување на автобуси согласно со возниот ред и за безбедно влегување, односно излегување на патниците (точка 27).
Согласно член 17 став 1 од Законот, превозот на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз, слободен и посебен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби. Јавниот превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како општински линиски превоз, меѓуопштински линиски превоз, слободен превоз, посебен линиски превоз, автотакси превоз, како и превоз на патници за сопствени потреби. (став 2) Превозот на патници во меѓународниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз на патници, како слободен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби. (став 3)
Според член 17-а од овој закон, патниците кои користат јавен линиски превоз, за цело време на возење, треба да имаат возен билет.
Согласно член 33 став 1 од Законот, возни билети исклучиво се продаваат преку унифициран електронски систем со електронско плаќање на билетите. По исклучок од ставот 1 на овој член превозникот може да продава возни билети и во автобусот, таму каде што нема организирани места за продажба при што е должен да издаде фискална сметка за продадените билети. (став 2)
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите. Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Во разработка на член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Од анализата на законските одредби на член 1 на Законот за превоз во патниот сообраќај, произлегува дека со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај. Според член 17 став 1 од овој закон превозот на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз, слободен и посебен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби. Јавниот превоз на патници во внатрешниот патен сообраќај може да се врши како општински линиски превоз, меѓуопштински линиски превоз, слободен превоз, посебен линиски превоз, автотакси превоз, како и превоз на патници за сопствени потреби. (став 2) Превозот на патници во меѓународниот патен сообраќај може да се врши како линиски превоз на патници, како слободен превоз на патници и превоз на патници за сопствени потреби. (став 3) Во членот 17-а од овој закон, патниците кои користат јавен линиски превоз, за цело време на возење, треба да имаат возен билет.
Согласно член 33 став 1 од Законот возни билети исклучиво се продаваат преку унифициран електронски систем со електронско плаќање на билетите а како исклучок возни билети превозникот може да продава и во автобусот. Во ситуација таму каде што нема организирани места за продажба превозникот е должен да издаде фискална сметка за продадените билети.(став 2) Со други зборови со одредбите на овој член од Законот се утврдува системот на продавање на возните билети и исклучокот од тој систем, тргнувајќи од тоа дека фактичката состојба односно состојбата во општеството е таква да е во интерес на граѓаните да постои потреба да се продаваат возни билети и во автобусот, односно таму каде немало организирани места за продажба при што постои должност да се издаде фискална сметка за продадените билети.
Исто така, Судот на седница утврди дека предвидувањето на можни исклучоци при продавањето на билетите (преку унифициран електронски систем со електронско плаќање) при вршењето на превоз на патници (меѓуопштински линиски и слободен превоз на патници и меѓународен линиски и слободен превоз на патници) не ги прави оспорените одредби несогласни со Уставот.
Поради тоа, Судот оцени дека законската одредба на член 33 став 1 не го доведува во прашање остварувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку се во функција на остварување на истите и Уставниот суд не треба да поведе постапка за оценување на нивната согласност со Уставот.
Во однос на член 57 став 3 од Законот, правното или физичко лице кое управува со автобуската станица е должно да дава услуги под еднакви услови на сите превозници кои вршат линиски превоз на патници. За користење на услугите на автобуската станица превозниците плаќаат надоместок. Висината на надоместокот за користење на услугите на автобуската станица ја определува Владата на Република Македонија во зависност од категоријата на станицата и видот на превозот (меѓуопштински линиски и слободен превоз на патници и меѓународен линиски и слободен превоз на патници). (оспорен став 3)
Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 55, член56, член 68 став 1 алинеја 2 и член 91 алинеи 1 и 5. Ова од причина што наведеното овластување немало уставна основа и дека во целината на Законот недостасувале критериуми, параметри и рамки врз основа на кои Владата би ја определила висината на надоместокот за користење на услугите.
Според член 3 точка 26 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со кој е определено значењето на одделни изрази кои се употребуваат во Законот е предвидено дека автобуска станица е простор одреден за прием и испраќање на автобуси и патници кој треба да има покриени перони, уреди за безбедно влегување и излегување на патниците, простор за задржување на патници и за возниот персонал, за чување на багажот, санитарии, сообраќајно биро и со посебни прописи утврдена опрема.
Во членовите 56 до 61 од Законот, се уредени прашањата за тоа дека правното или физичко лице кое управува со автобуската станица е должно да дава услуги под еднакви услови за сите превозници кои вршат линиски превоз, а за користење на услугите превозниците плаќаат надоместок.
Висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици ја определува Владата во зависност од категоризацијата на автобуските станици. Според став 4 на член 57 од Законот, автобуските станици се категоризираат во 1, 2, 3 и 4 категорија.
Категоризацијата на автобуската станица ја определува Министерството за транспорт и врски во зависност од нивната опременост, сообраќајната површина, наменети за прием и отпремување на автобусите, работното време, паркинг просторот и други содржини.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на законските одредби кои се однесуваат на автобуската станица, а посебно на оспорениот член 57 став 3, наспрема наводите од иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани. Имено, Судот оцени дека даденото овластување на Владата да ја определи висината на надоместокот кој треба да го плаќаат превозниците за користење на услуги на автобуски станици е содржано во Законот за превоз во патниот сообраќај како објективизирани критериуми врз основа кои Владата ја определува висината на надоместокот кој треба да го плаќаат превозниците за користење на услуги на автобуски станици и кои се категоризираат во 1, 2, 3 и 4 категорија. Категоризацијата од ставот 4 на член 57 од Законот, ја определува Министерството за транспорт и врски во зависност од: нивната опременост, сообраќајните површини наменети за прием и отпремање на автобусите, работното време, паркинг просторот наменет за задржување на возилата кога се во мирување и други придружни содржини кои функционираат во просторот на автобуската станица. Оттука, овластувањето на Владата на Република Македонија не може да се гледа изолирано само за себе како што е наведено во наводите на иницијативата, туку во корелација со други одредби со кои е уредено прашањето за категоризација на автобуски станици која зависи од повеќе елементи утврдени во Законот кои елементи во суштина се од техничка природа.
Во врска со наводите во иницијативата дека Одлуката за дополнување на Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2015) не била во согласност со Уставот бидејќи била во спротивност со членот 57 став 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, сметаме дека се неосновани. Исто така, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици не била определена само во зависност од категоријата на станиците и видот на превозот, туку и од други елементи како што била цената на билетот.
Од анализата на одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај, како и од оспорената Одлука Судот утврди дека интенцијата на законодавецот била прашањето за критериумите за категоризацијата на автобуските станици, како и критериумите за утврдување на надоместокот за нивно користење да биде предмет на законско уредување. Исто така, Судот на седница утврди дека со даденото овластување на Владата да ја определи висината на надоместокот кој треба да го плаќаат превозници за користење на услуги на автобуски станици е во насока на операционализација на законските норми и дека со една ваква одредба од Законот не се доведува во прашање уставниот основ на оспорената одлука и со тоа слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Тргнувајќи од сето погоре наведено, Судот оцени дека по однос на оспорените одредби од член 33 став 1 и член 57 став 3 од Законот и Одлуката за дополнување на Одлуката за определување на висината на надоместокот за користење на услугите на автобуските станици („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2015) не може да се постави прашањето за согласноста на наведените оспорени одредби од Законот со одредбите на Уставот и согласноста на оспорените одредби на подзаконскиот акт со Уставот и законите на кои се повикува подносителот со иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот: Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.
У.бр.52/2015
07.07.2016 година.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева