У.бр.33/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 7 јули 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014).

2. Радица Гарева од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, членот 87 став 2 од основниот текст на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), бил уреден на начин што истиот предвидувал шест нивоа на квалификации/образование со соодветни бодови за степенот на образование, а како највисоки нивоа биле предвидени и нивото на квалификации VIII, 480 кредити според ЕКТС или завршен VII/3 степен, со утврдени 250 бодови, како и нивото на квалификации VII, 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/2 степен, односно 225 бодови, со што на административните службеници им се вреднувал и повисокиот степен на образование со кој тие се стекнале (доктор, односно магистер).

Меѓутоа со оспорениот член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), ставот 2 на членот 87 од Законот, претрпел измени, на начин што нема повеќе да се вреднуваат погоре наведените нивоа на квалификации, односно завршен VII/3 степен и завршен VII/2 степен на образование, а со тоа и нема повеќе да се пресметуваат бодови во платата за овие повисоко стекнати образованија.

Со извршената измена на членот 87 став 2 од Законот, се ускратувала можноста на административните службеници кои имаат повисок степен на образование од VII/1, да им се исплатува сразмерен дел од платата, изразен во бодови, а за повисоко стекнатиот степен на образование, кое пред измените на Законот (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), тие го имаа согласно Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014).

Подносителката на иницијативата смета дека со извршената измена на членот 87 став 2 од Законот, со кое повеќе нема уредување со кое се вреднува и повеќе стекнатото образование од VII/1 степен, се девалвирал стекнатиот повисок степен на образование на административните службеници, што претставувало нивно ставање во нерамноправна положба во однос на другите вработени.

Членот 54 од Законот за административни службеници, предвидувал право и обврска за стручно усовршување. Исто така и одредби од Колективен договор кој се однесувал за Министерството за одбрана, предвидувале исплата на надоместок на плата за стручно оспособување и усовршување за потребите на тоа министерство.

Оттука, според подносителката на иницијативата, натамошното постоење на оспорениот член 24 од предметните измени и дополнувања на Законот, ќе значеле демотивација за административните службеници стручно да се оспособуваат и усовршуваат. Воедно извршената измена на членот 87 став 2 од Законот за административни службеници, претставувало нарушување на заложбата и политиката за постојана и континуирана едукација и стекнување на повисоко образование на административните службеници, а и непочитување на принципот за право и должност за образование и едукација во текот на работата.

Подносителката како информација наведува дека докторските и магистерските студии кои биле од специфични сектори од областа на одбраната, биле кофинансирани од Министерството за одбрана. Недоследноста била поголема, дотолку повеќе што законодавецот се погрижил во позитивна смисла за една категорија на административни службеници, кои за жал од објективни или субјективни причини не го заокружиле своето образование, обуки и вештини, во определен рок да можат истото да го сторат како што предвидувал членот 29 од предметниот закон, но, законодавецот не се погрижил и за еден помал број на административни службеници кои го достигнале максимумот во образовниот процес според до скоро важечкиот закон и освоиле 480 или 300 кредити според ЕКТС и ниво на квалификации VIII, VII/3 или VII/2.

Од наведените причини, оспорениот член 24 од предметниот закон, не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 44 став 1, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), уредува измена на членот 87 став 2 од Законот за административни службеници, при што тој ја добива следната содржина:

“Делот на плата за степенот на образование кој е законски минимум за соодветното ниво на работно место се вреднува на следниот начин:

НИВО НА КВАЛИФИКАЦИИ/ ОБРАЗОВАНИЕ БОДОВИ
Ниво на квалификации VI А, 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен 200
Ниво на квалификации VI Б или 180 кредити според ЕКТС 175
Ниво на квалификации V А, 60 до 120 кредити според ЕКТС или вишо образование 150
Ниво на квалификации IV, 240 кредити според ЕЦВЕТ или МКСОО или четиригодишно средно образование 100

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), се менува членот 87 став 2 од Законот за административни службеници на начин што претходното уредување на членот од Законот, a со кое се вршеше вреднување и на степенот на образование, повисокo од VII/1 степен, повеќе го нема.

Всушност со измената на членот од Законот, избришани се првите две нивоа на квалификации, односно ниво на квалификации VIII, 480 кредити според ЕКТС или завршен VII/3 степен, што се вреднуваше со 250 бодови и ниво на квалификации VII, 300 кредити според ЕКТС или завршен VII/2 степен, што се вреднуваше со 225 бодови, додека содржината во останатиот дел од табеларниот приказ во ставот 2 на членот 87 од Законот, е непроменета.

Со иницијативата се оспорува членот 24 од погоре наведениот закон, со наводи дека менувањето на членот 87 став 2 од Законот, со отстранување на претходното уредување на членот од Законот, a со кое се вршеше вреднување и на степенот на образование, повисокo од VII/1 степен, било спротивно со член 8 став 1 алинеја 3, член 44 став 1, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Од наводите во иницијативата не произлегува оспорување на членот 24 од предметниот закон како несогласен со одредбите на Уставот од аспект на содржината која му ја одредува на членот 87 став 2 од Законот со измената, туку поради неговото уредување кое е во насока на отстранувањето на делот од членот 87 став 2 од Законот со кој се определуваа бодови и за повисок степен на стекнато образование од VII/1, кој законодавецот со оспорениот член 24 од Законот, повеќе не го предвидува.

Со оглед дека причините за неуставноста на членот 24 од измените на Законот со кој се менува членот 87 од основниот текст на Законот за административни службеници, се поврзуваат со отстранување на дел од содржина во членот 87 став 2 од Законот за административни службеници, која според подносителката не требало да биде отстранета, а не на аргументи и образложени причини за уставната несогласност на постојната содржина на конкретниот член од Законот по неговото менување со оспорениот законски член, Судот утврди дека во конкретниот случај, не постојат процесни претпоставки за негово впуштање во мериторно одлучување по поднесената иницијатива, но при ова Судот цени за потребно да го искаже следното:

Со член 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 од Уставот е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3). Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат (став 4). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016), ги уредува статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници (став 1), како и статусот и надлежноста на Агенцијата за администрација (став 2).

Со член 24 од Законот за административни службеници, се уредени нивоата на работни места на административни службеници од категоријата Б – раководни административни службеници.

Според став 1 алинеите 1 до 4 на членот 24 од Законот, во рамките на категоријата Б се утврдуваат следниве нивоа на работни места на административни службеници:

– Б1 – раководен административен службеник од прво ниво,
– Б2 – раководен административен службеник од второ ниво,
– Б3 – раководен административен службеник од трето ниво и
– Б4 – раководен административен службеник од четврто ниво.

Со ставот 2 на наведениот член од Законот, се определени посебните услови кои раководниот административен службеник од категоријата Б, треба да ги исполни за работното место од соодветното ниво. Со точката а) од ставот 2 на членот 24 од Законот, е пропишано дека стручните квалификации кои треба да ги поседува раководниот административен службеник од категоријата Б, подеднакво се однесуваат за сите нивоа, односно – ниво на квалификациите VI А според Македонската рамка на квалификации и најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен.

Законодавецот за раководните административни службеници од сите нивоа (Б1, Б2, Б3 и Б4) од категоријата на раководни административни службеници, пропишал потреба од исполнување на исто ниво на квалификации, односно ист степен на образование за секое ниво на работно место од категоријата Б (раководни административни службеници), од кои причини од содржината на оспорениот член од измените на Законот, според Судот, не може да се согледа различен и нееднаков третман за граѓани кои се во иста правна ситуација, односно различно вреднување на административниот службеник за исто ниво и квалификација, односно образование.

Во смисла на став 5 на членот 32 од Уставот, според кој со закон и со колективни договори се уредува остварувањето на правата на вработените и нивната положба, што го подразбира и правото на плата и надоместоци на плата, со член 85 став 1 од Законот за административни службеници, е уредено дека административниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон, освен ако со посебен закон и со колективен договор поинаку не е уредено.

Со членовите 24, 25 и 26 од Законот за административни службеници се пропишани потребните нивоа на работни места на административните службеници во соодветна категорија, при што за ниту едно работно место од категоријата Б-раководни административни службеници, не се бара повисоко ниво на образование од ниво на квалификациите VI А според Македонската рамка на квалификации и најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен (член 24 став 2 точка а) од Законот).

Оттука од Законот и не произлегува основ да се исплаќа повисоко стекнатиот степен на образование, конкретно оној повисок од VII/1 степен, кој всушност и не се бара со Законот за административни службеници за работно место од категоријата Б-раководни административни службеници.

Од содржината на член 10 од Уредбата за спроведување на постапката за вработување на административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 90/2015), со кој се даваат дополнителни бодови при административната селекција за стекнат повисок степен на образование од оној кој се бара во Законот и во актот за систематизација, произлегува дека се цени повисоко стекнатиот степен на образование од оној кој се бара согласно Законот при вработувањето. Меѓутоа тоа се однесува само во постапката за селекција при вработување, но определбата на законодавецот е дека тоа не носи дополнителни бодови при определување на делот на плата и за фактички стекнат повисок степен на образование од оној кој се бара со Законот.

5. Имајќи ги предвид утврдените надлежностите на Уставниот суд со член 110 алинеја 1 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува за согласноста на содржината на законите или содржината на нивна одредба, со одредбите на Уставот, а во конкретниот случај со иницијативата не се дадени аргументи и образложени причини за несогласноста на оспорениот член 24 од измените на Законот со одредбите на Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.33/2016
7 јули 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева