У.бр.114/2014-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992), на седницата одржана на 29 јуни 2016 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015 и 72/2015).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението У.бр.114/2014 од 1 април 2015 година за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на „Сојуз-Национален совет за родова рамноправност“ и „Македонско женско лоби“, двете здруженија од Скопје, шест професори од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје: Елена Градишки-Лазаревска, Лилјана Хаџи-Пецова, Костандина Корнети-Пекевска, Биљана Сидовска-Ивановска, Снежана Ефремова Аарон и Миљана Стојановиќ-Толоска и група вработени во Високата медицинска школа од Битола, со Решение У.бр.114/2014 од 1 април 2015 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука. Истовремено, Судот го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на означените законски одредби.

5. Судот на седницата утврди дека членот 104 од Законот е сместен во Глава VII посветена на „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“, Поддел-„Прекин на договорот за работа поради возраст на работникот“.

Во член 104 став 1 од Законот се определува дека „Работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.“

Според член 104 став 2 од Законот, чиј дел се оспорува, „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.“

Во став 3 од истиот член на Законот се утврдува дека „Писмената изјава од ставот 2 на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот 1 на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот 2 на овој член изјавата ја дава еднаш годишно а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.“

Според член 104 став 4 од Законот, чиј дел исто така се оспорува, „Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот 2 на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).“

6. Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“. „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 32 од Уставот, „секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност“ (став 1). „Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“ (став 2). „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор“ (став 5).

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Македонија се меѓусебно еднакви независно од, меѓу другото, полот, како и граѓаните се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и продолжувањето на договорот за вработување а со тоа и продолжување на работниот однос, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи, па и по основ на пол.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорените делови од член 104 ставовите 2 и 4 на Законот определуваат работникот маж да може да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст, а работничката жена да може да побара продолжување на таквиот договор до 65 години возраст, при што работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување до периодот што го бара работникот маж или работничката жена, без можност да излезе надвор од утврдената законска рамка.

Според тоа, таквите законски одредби се задолжителни и наметнуваат престанок на работниот однос на работничката жена под поинакви услови од работникот маж, односно на неа и престанува работниот однос и правото на работа со навршени 65 години живот а на мажот со навршени 67 години живот.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во согласност со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните по основ на полот определено во член 9 од Уставот.

Судот смета дека е друго прашање правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос односно остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.

7. Со оглед дека ги укина означените законски одредби, Судот оцени дека се исполнети условите, определени во член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, за ставање надвор од сила на Решението У.бр.114/2014 од 1 април 2015 година со кое беше запрено извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на означените законски одредби, поради што Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2014
29 јуни 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева