У.бр.86/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на:

– уставноста на член 43 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014 и 150/2015), и

– уставноста и законитоста на Правилникот за поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација („Службен весник на Република Македонија“ број 152/2007 и 101/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во Законот за заштита на населението од заразни болести не биле определени основните критериуми по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација, за да може министерот за здравство поблиску да ги пропише критериумите по однос на овие прашања.

Имено, подносителот смета дека оспорената одредба не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 кој се однесува на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба била донесена спротивно на цитираните уставни одредби и на тој начин му било дадено право на министерот непосредно и изворно да ги пропишува условите по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација со што на министерот му била препуштена законодавната власт.

Оттука условите за здравствените установи и правните лица кои би можеле да вршат дезинфекција, дезинсекција и дератизација се утврдени со Законот а не со Правилникот, и тие се: простор, опрема и кадар, начин и средства за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот Правилник се доведувале во прашање и легитимните очекувања на субјектите кои до сега вршеле дезинфекција, дезинсекција и дератизација, кои тие ги имале во моментот на добивањето на дозволите за работа, согласно условите што тогаш биле предвидени во важечките закони. Оттука, со ова се создавала правна можност оспорениот правилник да се применува и на односи кои се настанати и решени пред негово влегување во сила (Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2013), кој влегол во сила јули 2013 година, со што Правилникот наводно имал и повратно дејство. Со ова подносителот смета дека се повредувал принципот на владеење на правото и принципот на забрана на повратно дејство на законите и другите прописи утврден во член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 43 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести се наведува дека дезинфекција, дезинсекција и дератизација можат да вршат здравствени установи и правни лица кои ги исполнуваат критериумите во однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Во ставот 2 од овој член се наведува дека поблиските критериуми по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација ги пропишува министерот.

Според ставот 3 овој член, Институтот за јавно здравје на Република Македонија, во соработка со надлежните центри за јавно здравје, ја следи ефикасноста и ја утврдува соодветноста на средствата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и води евиденција на средствата.

Исто така, Судот на седницата утврди дека во Правилникот за поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација се пропишани поблиските услови по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација (во понатамошниот текст: ДДД), кои треба да ги исполнуваат заводите за здравствена заштита и другите правни лица кои вршат ДДД.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести, со овој закон се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.

Во членот 3 од овој Закон, органите на државната управа, органите на општините и Градот Скопје, здравствените установи и другите правни и физички лица се должни, во рамките на своите надлежности и права и обврски, да соработуваат и да разменуваат информации за спроведувањето и да разменуваат информации за спроведувањето на мерките за спречување на појавата, раното откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите пропишани со овој закон.

Со членот 6 од овој закон, спроведувањето на мерките за заштита од заразните болести имаат приоритет во однос на спроведувањето на другите мерки за здравствена заштита, како и во однос на обезбедувањето на материјални и други средства.

Според членот 42 од овој закон, за дезинфекцијата и дератизацијата на населбите и нивната околина надлежни се општините и Градот Скопје, кои ги изведуваат со стручна и техничка помош на заводите за здравствена заштита и други правни лица што ги исполнуваат условите пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на него.

Според членот 43 став 1 од овој закон, се наведува дека дезинфекција, дезинсекција и дератизација можат да вршат здравствени установи и правни лица кои ги исполнуваат критериумите во однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Во ставот 2 од овој член, се утврдуваат поблиските критериуми по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација ги пропишува министерот. Со ставот 3 од овој член, Институтот за јавно здравје на Република Македонија, во соработка со надлежните центри за јавно здравје, ја следи ефикасноста и ја утврдува соодветноста на средствата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и води евиденција на средствата.

Според Судот, законодавецот утврдил нормативна поставеност на критериумите според кои поблиските критериуми по однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација ги пропишува министерот. Врз основа на вака утврдените елементи во Правилникот, Судот оцени дека министерот, при донесување на подзаконскиот акт, не ги пречекорил овластувањата во Законот и не излегол надвор од рамките утврдени во истиот, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се повредува темелниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Доколку се има во предвид дека поблиските услови во однос на просторот, опремата и кадарот, начинот и средствата за вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација предвидени во Правилникот опфаќаат бројни технички параметри, како што се: бројот, видот и површината на просториите во кои ќе се врши дејноста, подеталните карактеристики на просториите, детална спецификација на опремата, број и опис на кадарот кој е неопходен за извршување на дејноста, како и опис на начинот и средствата за вршење на дезинфекција, дезинсекција и дератизација, очигледно е дека станува збор за поблиско пропишување на условите кое не само што е во целост во согласност со Уставот и законот, туку е најлогично дека тоа е материја која е предмет на регулирање на подзаконски акт, а не на закон. Доколку законите покрај условите кои ги предвидуваат истовремено содржат и одредби со кои детално се разработуваат условите тогаш не само што во правниот систем нема да има потреба од подзаконски акти бидејќи нема да има материја што треба да ја доразработат, туку истовремено законите ќе бидат преоптоварени со одредби од технички карактер на кои не им е местото во закон, туку во подзаконски акт.

Што се однесува до наводот дека подзаконскиот акт има повратно дејство на Правилникот, јасно е дека Правилникот се однесува само на условите што здравствените установи и правните лица кои вршат дезинфекција, дезинсекција и дератизација треба да исполнуваат во поглед на кадарот во иднина сметано од денот на неговото влегување во сила, и дека со истиот не се опфатени односите кои се настанати и решени пред влегувањето во сила на Правилникот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за заштита на населението од заразни болести во целина, а посебно одребата од членот 43 од Законот, наспроти наводите во иницијативата за оспорување на член 43 став 2 од Законот и Правилникот во целина, Судот утврди дека истите се неосновани.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.86/2015
22 јуни 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева