У.бр.50/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 15 јуни 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 во делот „Законот за државните службеници“ и член 28 став 2 во делот „Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен“ од Законот за санитарната и здравствената инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 71/2006, 139/2008, 88/2010, 18/2011, 53/2011, 164/2013, 43/2014, 144/2014, 51/2015, 150/2015 и 37/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата, оспорениот дел од член 19 став 2 од Законот за санитарната и здравствената инспекција бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи упатувал на примена на Законот за државните службеници кој со започнувањето на примената на Законот за административни службеници, не бил повеќе дел од правниот поредок.

По однос на оспорениот дел од член 28 став 2 од истиот закон, се наведува дека бил спротивен на член 1 став 1 од важечкиот Закон за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, со кој било пропишано дека оваа комисија била надлежна за жалби против решенијата донесени во прв степен во инспекциска постапка, а што било спротивно на темелната вредност-владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и на член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 2 од Законот за санитарната и здравствената инспекција, постапката за утврдување на дициплинска одговорност на инспектор се води согласно со Законот за државните службеници.

Според член 28 став 2 од истиот закон, по жалбата од ставот 1 на овој член одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

4. Судот, исто така утврди дека согласно член 112 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016), со денот на започнувањето со примената на овој закон престануваат да важат Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013) и Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013).

Според член 113, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува една година од денот на влегувањето во сила.

Законот за административни службеници е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 од 5 февруари 2014 година, што значи дека влегол во сила на 13 февруари 2014 година, а неговата примена започна на 13 февруари 2015 година, кога согласно погоре цитираниот член 112 од овој закон, престана да важи Законот за државните службеници.

Според член 1 став 1 од Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014 и 53/2016), државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка (во натамошниот текст: Државната комисија) е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка како и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган, кога со закон е пропишано да одлучуваат во прекршочна постапка.

Член 12 став 3 од овој закон, предвидува дека постојните закони со кои е утврдено правото на жалба против решенија на инспекторите пред Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ќе се усогласат со одредбите од овој закон до денот на отпочнувањето на примената на овој закон.

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе отпочне да се применува од 1 февруари 2015 година (член 13 од Законот).

5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од страна на подносителот на иницијативата се оспоруваат делови од одредби од Законот за санитарната и здравствената инспекција поради нивната неусогласеност со други закони кои се дел од правниот поредок. Притоа, кај оспорениот дел од член 19 став 2 од овој закон се укажува дека упатувал на примена на Законот за државните службеници кој престанал да важи со започнувањето на примената на Законот за административните службеници, додека оспорениот дел од член 28 став 2 од истиот закон, не бил во согласност со член 1 став 1 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка кој утврдувал друг надлежен орган за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор.

Наводите во предметната иницијатива всушност се сведуваат на барање до Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставност на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши корекција на оспорените делови од двете одредби од Законот за санитарната и здравствената инспекција поради неусогласеност со други закони кои се дел од правниот поредок, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Уставно-судската контрола се однесува на согласноста на хиерархиски пониската, во однос на највисоката норма – уставната, а не на проверка на меѓусебната неусогласеност на законите каква што несомнено постои во случајот, при што Судот нема надлежност да ја уредува ваквата неусогласеност.

Имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на овој суд што е во надлежност на законодавецот кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува, а преку кое се врши меѓусебното усогласување на истите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.50/2016
15 јуни 2016 година ,
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева