Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 31 мaj 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за Детален урбанистички план за Градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8 Септември“ бул.„Партизански одреди“ и ул.„Љубљанска“ Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на 6 ноември 2013 година заведена под број 07-7546/4 и истата е објавена во („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013).
2. Даниел Георгиевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата Одлуката се оспорува „бидејќи истата не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 9, член 30, член 43 и член 51 од Уставот на Република Македонија, член 2, член 4 и член 24 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12 и 55/13), во чие време на важење Одлуката е донесена, член 4 од Законот за животната средина и член 3 од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух.
Во продолжение на иницијативата е наведено дека „Оспорениот детален урбанистички план е спротивен на начелото на владеење на правото затоа што органите на Општина Карпош при неговото донесување не воделе сметка за темелните вредности на уставниот поредок и согласноста на планските акти со Уставот и законите. Оспорениот детален урбанистички план треба да биде прифатлив за мнозинството граѓани кои што живеат на подрачјето на населбата Карпош 3, а Општината била должна да обезбеди транспарентна процедура за донесување на деталниот урбанистички план и да образложи која е потребата од уништување на зелени површини за изградба на толку многу објекти на толку мала површина и доселување на 2000-3000 лица. Согласно оспорената одлука, Општина Карпош предвидува градење на објекти со висина од 30,60 и 88 метри. Просторот за изјаснување на граѓаните по деталниот урбанистички план беше стеснет заради годишните одмори, а и оние предлози кои што се доставија не беа земени во предвид ниту пак се образложи нивното отфрлање. Оттука, оспорената одлука е спротивна на член 24 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање затоа што во членот 4 од оспорената одлука не е вклучен Извештајот од јавната анкета како составен дел од одлуката за донесување на деталниот урбанистички план.
Според наводите во иницијативата „Во 2013 година на граѓаните им се презентираше еден нацрт на детален урбанистички план, а се донесе сосема друг од оној презентираниот. Со нацрт деталниот урбанистички план за Градска четврт З 05 кој беше на јавна анкета во јули 2013 и кој им беше презентиран на граѓаните, на парцелите 8.24, 8.2 и 8.3 беа предвидени 2 станбени објекти со висина од 19 метри (П+5+пк), кои спрема ул „Никола Русински“ ја следеа градежната линија на целиот блок и соседните објекти. Оттаму, немаше поголеми забелешки за овие маркици освен за висината на објектите која сметаме дека не е соодветна за блокот. Планот беше усвоен во ноември 2013 година. Во септември 2014 година, откако почна да се гради објектот на парцела 8.24 (кула со висина 30,6 П+9, надвор од градежната линија на блокот, до самиот тротоар на ул „Никола Русински“) дознавме дека планот кој го презентираше Општина Карпош пред граѓаните во јули 2013 година не е ист со планот кој го усвоила во ноември 2013 година.“
Во иницијативата понатаму е наведено дека оспорениот детален урбанистички план не бил во согласност со член 43 од Уставот, при што се наведува дека заштитата на животната средина и здравјето на луѓето била поставена како основна цел и во членовите 2 и 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 4 од Законот за заштита на животната средина и член 3 од Законот за квалитет на воздухот кои пропишуваат дека целите и приоритетите на овие законски одредби биле зачувување, заштита, обновување и унапредување на животната средина, како и избегнување, спречување и намалување на штетните ефекти врз човековото здравје и животната средина.
Поради таквото укажување, во иницијативата се наведува: „Наместо хуманизација и унапредување на просторот за живеење со оспорениот детален урбанистички план се нарушува урбанистичката целина и се пробиваат градежните линии по висина и габарит на веќе постоечките објекти кои имаат поинаква класа на намена (услужни дејности, деловни објекти-пошта, маркет, мини трговски центар, општинска зграда). Така на пример новата станбена зграда која се гради на парцела 8.24 спроти зградата на ул „Никола Русински“ бр.10 е исфрлена до самиот тротоар за неколку метри отстапувајќи од воспоставената градежна линија на околните објекти. Исто така, предвидената нова зграда ја попречува аерација и визурите на станбените објекти од спротивната страна на улицата со што се обезвреднува нивниот имот и квалитет на живеење. Исто така станарите на истата улица на број 4, 6, 8, 10 и 12 имале проблем со водоснабдувањето поради немање притисок во водоводната мрежа.
Во иницијативата е наведено дека со оспорениот детален урбанистички план не биле предвидени доволен број на паркинг места за новите станари согласно стандардите за домување со што ќе се предизвикал сообраќаен метеж и загушување на просторот во Карпош 3 ( на пример за објектот на парцела 8,24 имало вкупно 59 стана, а било обезбедено паркирање само за 36 возила). Ова особено се однесувало на паркинг просторот и зградите кои биле блиску Сити Мол, кои трпеле инвазија од возила кои го користеле слободниот паркинг простор, но и зеленилото за паркирање на возилата додека биле во објектот на Сити Мол.
Врз основа на изнесеното се бара запирање од извршување на поединечните акти и дејства преземени врз основа на оспорената одлука, поради можноста да настанат непоправливи штетни последици од реализацијата на ваквиот детален урбанистички план, до оценување на уставноста и законитоста на Одлуката.
3. Судот на седница утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 26, став 4, алинеја 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр. 51/05,137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11,144/12 и 55/13) и член 16 од Статутот на Општината Карпош (“Службен гласник на Општина Карпош” бр. 10/13), на седницата на Советот на Општината Карпош одржана на 6 ноември 2013.
Во членот 1 став 1 од Одлуката е утврдено дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за Градска четврт З 05, помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8 Септември“ бул.„Партизански одреди“ и ул.„Љубљанска“ Општина Карпош – Скопје. Во ставот 2 на овој член се наведени прописите врз основа на кои е изработен планот.
Во членот 2 од Одлуката е утврден опфатот на планот и се определени границите на планот. Во ставот 2 на овој член е утврдена површината на урбаниот опфат која изнесува 63,20 ха.
Во членот 3 е утврдена содржината на опфатот на планот и намените (домување, комерцијални и деловни намени, јавни институции, зеленило и рекреација, инфраструктура) кои се предвидени и се во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2012 година. Во ставот 2 на овој член се предвидени класите и намените на земјиштето. Во ставот 3 на истиот член се определува висината на градба на објектите која се движи од 13,20 метри до 30,6 метри како и за една површина за градба е определена градба во висина од 60 метри и една површина за градба со висина од 88 метри. Во ставот 4 се наведува дека со планот се одредени обликот и големината на градежна парцела, регулациона линија, градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради, максимална развиена површина на објектот, коефициент на објектот, максимална висина на објектот (до завршниот венец) од ниво на тротоар, сообраќајница или пристапна патека и паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.
Во членот 4 од Одлуката е утврдено дека составен дел на одлуката се текстуалниот дел, графичките прилози, основните параметри за уредување на просторот и табеларниот приказ на урбанистичките параметри.
Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека планот се заверува со печат на Општина Карпош и потпис на претседателот на Советот на Општината.
Во членот 6 од Одлуката се наведува дека планот со сите негови делови се чува во Одделението за урбанистичко планирање на Општина Карпош.
Согласно членот 7 од Одлуката, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Карпош”.
Одлуката е заведена под бр.07-7546/1 од 6 ноември 2013 година и потпишана од страна на претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаревски.
Во врска со постапката на донесувањето на оспорената одлука во целина, Судот ја утврди следната состојба:
Советот на Општината Карпош на 62-та седница одржана на 28 јануари 2013 година донесе Програма за работа на Советот заведена под број 07-596/5 од 29 јануари 2013 година, во делот 2 во точките 7 и 7.1 предвиделе донесување на Детален план за предметниот опфат. Донесувањето на одлука за предметниот план е дел од програмата за работа на општината Карпош за 2013 и 2014 година.
Советот на Општината Карпош на 4-та седница одржана на 27 јуни 2013 година ја донесе Програмата за изменување и дополнување Програмата за работа на Советот заведена под број 07-4302/13 од 27 јуни 2013 година,
Извештај од извршената Стручна ревизија на Планот е изготвен од Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Ниамер“ ДООЕЛ- увоз-извоз од Струга, Подружница Атеље за проектирање во јули 2013 година.
Одговорот на стручната ревизија е изготвен од Друштвото за производство, услуги и промет „БИЛД-ДОЕЛ“ извоз-увоз од Скопје во јуни 2013 година.
Градоначалникот на општина Карпош донел одлука бр.09-4368/2 од 01 јули 2013 година за организирање на јавна анкета и јавна презентација за што издал соодветно соопштение.
Комисијата формирана од градоначалникот на Општината дала мислење бр.34-1476/ од 1.07.2013 година.
Соопштението под број 09-4368/3 2 јули 2013 година е објавено во „Дневник“ и „Утрински весник“ на 02 јули 2013 година.
Јавната презентација се спровела на 12 јули 2013 година, а јавната анкета во периодот 2 јули 2013 до 15 јули 2013 година.
На јавната презентација ЈП „Водовод и канализација“ и АД ЕВН изјавиле дека писмено ќе се произнесат за Нацрт-планот. Подоцна ЈП „Водовод и канализација“ ја известува Општината дека нема забелешки на Планот.
Решението на градоначалникот за формирање на стручна комисија за изработка на извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација е со бр.09-4368/10 од 19.07.2013 година.
Стручната комисија донела заклучок бр.33-154/35 од 24.12. 2013 година дека со прифатените забелешки Предлог-планот не претрпел значителни промени.
За прифатените и одбиени забелешки дел од граѓаните биле известени преку пошта, видно од приложените копии од повратен рецепис.
На 19.08.2013 година Градот Скопје со допис бр.13-4516/2 дал позитивно мислење по однос на Деталниот план.
Министерството за здравство со допис бр.14-9088/2 од 30 октомври 2013 година дало согласност на Предлог-планот.
Советот на Општина Карпош на 6 ноември 2013 година ја донесе оспорената одлука заведена под број 07-7546/4 и истата е објавена во („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013).
Со цел да биде доставена целосната документација што претходела на донесувањето на оспорената одлука Судот се обраќаше со писма до Советот на Општина Карпош, и тоа:
На ден 19 октомври 2015 година со барање за мислење по наводите во иницијативата и доставување на потребната документација што претходела на донесувањето на оспорената одлука. На ден 6 ноември 2015 година беше доставен одговор на иницијативата и 28 прилози кон истата.
На 2 февруари 2016 година Судот се обрати со ургенција до Советот на Општина Карпош со цел да биде доставен Нацрт-планот и Предлог-планот за оспорениот Детален урбанистички план. Со писмо под број 09-1125/2 од 5 февруари 2016 година беа доставени во прилог наведените графички прилози.
Со цел да се утврди фактичката состојба Судот со писмо од 14 март 2016 година, побара да се достави појаснување поради кои причини се јавуваат разлики по однос на местоположбата, габаритот и висината на објектите вцртани во Нацрт-планот и Предлог-планот за оспорениот Детален урбанистички план. На 23 март 2016 година, Советот на Општина Карпош со писмо заведено под број 47-1125/4 даде соодветен одговор на барањето.
Со оглед на тоа дека од страна на Судот беше направен увид на веб страната на Советот на Општина Карпош за донесени детални урбанистички планови за 2016 година и се констатира дека Општината има донесено ново урбанистичко решение за предметните парцели кои се опфатени со оспорената одлука. На 10 мај 2016 година со писмо заведено под број 09-1125/11 доставено од страна на Советот на Општина Карпош, Судот е известен дека е донесена нова Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8 Септември“ бул.„Партизански одреди“ и ул.„Љубљанска“ Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на 5 јануари 2016 година заведена под број 09-89/2 и истата е објавена во („Службен гласник на општина Карпош“ бр.2/2016).
4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Судот оценувајќи ја постапката за донесување на конкретниот урбанистички план од аспект на наводите во иницијативата и прибавените и доставени докази утврди дека оспорената одлука не е во правниот поредок, односно во конкретниот случај донесена е нова одлука со која е донесено ново урбанистичко решение за предметните парцели кои биле опфатени со оспорената одлука.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.83/2015
31.05.2016 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева