Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбан блок 22 и дел од Урбан блок 23 за град Струга, бр.07-145/11 од 12 февруари 2007 година, објавена во „Службен гласник на Општина Струга“ бр.1 од 15.02.2007 година.
2. ДОО „СТРУШКИ ГАЛЕБ“ – Струга до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 28 став 1 точка 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи согласно наведената законска одредба со која се уредувал планскиот период, планирањето се вршело за период од најмалку 5 години за детален урбанистички план. Со Одлука на Советот на Општина Струга бр.07-154/15 од 9 февруари 2005 година бил донесен Детален урбанистички план за блок 22 и за урбан блок 23. Овој Детален урбанистички план бил со плански период од 5 години со планиран развој за периодот од 2004 – 2009 година. Во време на новиот урбанистички план веќе постоечкиот во овие урбани блокови во целост бил реализиран.
Подносителот на иницијативата на КП.бр.2592 имал изграден хотел и дворно место според ДУП кој важел при нивната изградба во 1982 година. Меѓу оваа парцела и улицата Партизанска, која истовремено била и регионален пат Струга – Охрид, со тогашниот, а и според ДУП од 2005 година постоел уреден паркинг простор и зелен појас. Со новиот ДУП во просторот на терминалот и јавното зеленило биле предвидени градба на објекти на приватни инвеститори.
Во време на донесување на ДУП-от спорните места биле во сопственост на Република Македонија, а сегашните сопственици воделе постапка за денационализација која била завршена во 2014 година. Оттука, според подносителот на иницијативата, ДУП-от бил донесен во време кога не можел да биде донесен, односно во време кога бил во правна сила порано донесениот план. Имено, се додека тој бил во правна сила, односно пред истекот на рокот од 5 години, не можело да се носи нов план. На овие урбани блокови од порано постоел донесен и целосно реализиран ДУП, со реализирање на предвидените плански зафати. Поради ова, со ваквото носење на планови се создавала правна несигурност што се косело со една од темелните основи на секој правен поредок.
Од наведените причини се предлага Уставниот суд да ја уважи иницијативата и да ја укине или поништи оспорената одлука и истовремено да донесе и времена мерка во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката Советот на Општина Струга, донесува Детален урбанистички план за Урбан блок 22 и дел од Урбан Блок 23 за град Струга.
Во член 2 од Одлуката се наведува дека Деталниот урбанистички план за Урбан Блок 22 и дел од Урбан Блок 23 за град Струга, содржи:
– Текстуален дел на планот,
– Графички приказ на планските решенија на опфатот,
– Билансни показатели за планскиот опфат,
– Стручна ревизија,
– Извештај за постапување по стручната ревизија,
– Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки на планот.
Согласно член 3 од Одлуката, Извештајот од јавната анкета е составен дел на Одлуката.
Според член 4 од Одлуката Деталниот урбанистички блок 22 и дел од Урбан Блок 23 за град Струга, ќе го спроведува Општинската администрација на Општина Струга, врз основа на согласност на Предлог-планот бр.18-409 од 31.01.2007 година издадена од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.
Во член 5 од Одлуката се наведува дека Деталниот урбанистички план за УБ 22 и дел од УБ 23 за град Струга се заверува со печат и потпис на Градоначалникот на Општина Струга, со назначување на бројот и датумот на седницата на кој е донесен.
Со член 6 од Одлуката се предвидува дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на Општина Струга“.
4. Судот на седницата ја утврди следнава фактичка состојба:
– Предлог план изготвен од „ИНПУМА“ – Скопје со Тех.бр.110/2006 од јануари 2007 година,
– Стручна ревизија на Нацрт-план изготвен од „ПРОСТОР“ – ДОО Куманово, од јуни 2006 година,
– Одговор на стручна ревизија од изготвувачот на планот од јуни 2006 година,
– Стручно мислење од Министерство за транспорт и врски бр.18-11581 од 26.07.2006 година,
– Одлука за утврдување на Нацрт – планот бр.07-4243/10 од 03.08.2006 година,
– Одлука за организирање на јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, бр.08-6839/1 од 06.12.2006 година,
– Записник од спроведена јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, бр.33 – 86 од 18.01.2007 година,
– Известување за постапување по Извештајот бр.09-100/2 од 22.01.2007 година,
– Согласност на Министерство за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот бр.18-409 од 31.01.2007 година.
5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005). Во глава VI „Преодни и завршни одредби“ на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (01 јули 2005 година) ќе продолжи според одредбата на законот кој бил во сила на денот на неговото отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.
Со оглед на тоа што во претходната постапка се утврди дека Урбанистичкиот план сé уште не ја поминал фазата на јавна анкета и јавна презентација, согласно член 8 од Законот, анализата на правната и фактичката состојба во врска со постапката за донесување на оспорената одлука се врши во однос на новиот Закон кој е во примена од 01 јули 2005 година.
Со член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.
Со член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на Градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на Градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
Согласно член 24 став 6, пак, од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.
Според член 28 став 1 точка 3 од истиот закон, планирањето на просторот се врши за период од најмалку 5 години за ДУП.
Во член 28 став 2 од истиот закон, се предвидува дека со донесувањето на нов Просторен план на Републиката и нов урбанистички план, престанува да важи постојниот план.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, утврдената фактичка состојба врз основа на доставената документација, како и наводите во иницијативата, Судот смета дека постапката за донесување на Одлуката за Детален урбанистички план е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, од одговорот и доставената документација од страна на Советот на Општината, произлегува дека наводите во иницијативата дека при донесувањето на оспорената одлука не биле почитувани одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не се основани.
Наводот во иницијативата дека оспорениот ДУП бил донесен во време кога не можел да биде донесен, односно во време кога бил на правна сила порано донесениот план кој додека е во правна сила, односно пред истекот на рокот од 5 години не може да се носи нов план, според Судот, е неоснован. Ова од причина што урбанистичките планови ги носи општината во кое истата ја изразува својата визија за просторот, односно својот план со кој го планира просторот, што значи дека при постоење на нови елементи или нови околности, општината може истата да ги инкорпорира во нов ДУП и пред рокот, како што се укажува во иницијативата. Имено, подносителот во иницијативата упатува на член 28 став 1 точка 3 од Законот, кој важел во време на донесување на оспорениот ДУП, но го занемарува член 28 став 2 од истиот закон според кој со донесувањето на нов урбанистички план престанува да важи постојниот план. Токму оваа законска одредба, според Судот, упатува на правото на општината по нејзино наоѓање и оценка, како планер на просторот да може во секое време доколку се јави потреба за тоа во нова постапка, спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, да донесе нов ДУП со што не се повредува член 28 став 1 алинеја 3 од Законот.
Со оглед на тоа што Советот на Општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука ги почитувал сите фази на постапката утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со член 28 став 1 точка 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.35/2016
31 мај 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева