17/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 440 став 2 во делот

2. Игорчо Точев од Кочани, Љубица Стојковска Перковска од Скопје и Лепосава Веноска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредба на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот дел: “став 2 на” содржан во ставот 2 на членот 440 од Законот за облигационите односи, упатувал на норма која создавала нејаснотии и нелогичности, бидејќи утврдената одговорност на која упатувал оспорениот дел од законската одредба, произлегувал од ставот 1 на членот 440 од Законот, а не од ставот 2 на тој член. Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбирал дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни и прецизни норми. Поради наведеното се предлага поведувања на постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба.

3. Судот, на седницата утврди дека според член 440 став 2 од Законот за облигационите односи, нема правно дејство спрема доверителите одредбата од договорот со која би се исклучувала или ограничувала одговорноста утврдена во став 2 на овој член.

Со иницијативата се оспорува ставот 2 во делот: “став 2 на” на членот 440 од Законот.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Членот 440 од Законот за облигационите односи уредува дека лицето врз кое ќе премине врз основа на договор некоја имотна целина (занаетчиска работилница или слично) на поединец или правно лице, или еден дел од таа целина одговара за долговите што се однесуваат на таа целина, односно на нејзиниот дел, покрај дотогашниот имател и солидарно со него, но само до вредноста на нејзината актива (став 1), а според ставот 2 на членот од Законот, нема правно дејство спрема доверителите одредбата од договорот со која би се исклучувала или ограничувала одговорноста утврдена во став 2 на овој член.

Со иницијативата се оспорува ставот 2 во делот: “став 2 на” на членот 440 од Законот за облигационите односи, со барање Уставниот суд да поведе постапка за оценување на неговата уставност и истиот да го укине, бидејќи упатувал на погрешна норма.

Од наводите од иницијативата, произлегува дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на членот од наведениот закон, бидејќи наместо да упатува на ставот 1 на членот од Законот, упатувал на ставот 2, што било погрешно.

5. Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.17/2016
31 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева