У.бр.123/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови бр. 0202-957 од 06.12.2010 година донесена од Управниот одбор на ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша“ бр. 12 од 14 декември 2010 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Согласноста бр. 07-416/3 од 10.12.2010 година дадена од Советот на Општина Маврово и Ростуша („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша“ бр. 12 од 14 декември 2010 година).

3. ЕУРОЕДИЛ-ХОЛДИНГ ДООЕЛ с.Скудриње, АГРО-ПАРТНЕР Каплан ДООЕЛ с.Скудриње, Б.А ТРЕЈД ДООЕЛ с.Скудриње и НОВИТЕТ-ГРАФОПАК ДООЕЛ с.Скудриње, сите застапувани од адвокатот Самоил Филиповски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според иницијативата, двата оспорени акти не биле во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 7 став 3 и член 62 став 4 од Законот за локалната самоуправа.

Имено, донесувањето на овие акти било легитимно и засновано на Уставот и законите, меѓутоа нивното необјавување во службеното гласило на општината, претставувало пропуст и груба повреда на Уставот на Република Македонија и Законот за локалната самоуправа.

Со ваквото нетранспарентно постапување, на подносителите на иницијативата како засегнати страни, им било одземено уставно и законски гарантираното право да бидат навремено запознаени со донесените прописи.

Поради ова, се предлага поништување на двата оспорени акти бидејќи биле непосредно поврзани, а со цел да се отстранеле штетните последици.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и Законот за управување со отпад, член 6 став 2, Управниот одбор на ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови, на седницата одржана на 06.12.2010 година ја донел Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈКПД „Маврово“ од Маврови Анови со бр. 0202-957 од 06.12.2010 година.

Со оваа одлука се утврдуваат цените на услугите на ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови (член 1).

Согласно член 2 став 1 точка 1 од Одлуката, за физички лица корисници на услуги цената изнесува: за дворна површина, изнесување на смет по метар квадратен изнесува 0,36 денари за еден месец (алинеја 1); за станбена површина, изнесување на смет по метар квадратен изнесува 1,20 денари за еден месец (алинеја 2); за испорачана вода до корисникот се утврдува ангажирана вода во износ од 150 денари за еден месец, а по поставување на водомер за сите физички лица корисници, покрај 150 денари ангажирана вода ќе се наплаќа по 20 денари по m3 дополнително потрошена вода.

Точка 2 од истиот став, предвидува дека за правни лица, корисници на услуги цената изнесува: за дворна површина, изнесување на смет по метар квадратен изнесува 1,50 дени за еден месец (алинеја 1); за станбена површина, изнесување на смет по метар квадратен изнесува 4,56 денари за еден месец (алинеја 2); за правните субјекти хотели корисници се засметува месечна ангажирана вода по 60 денари од легло плус потрошена вода по m3 (алинеја 3); на секој субјект следува 2 m3 гратис по легло од хотел (алинеја 4); за правните субјекти продавници и слично ќе плаќаат паушал по 600 денари плус потрошена вода по водомер по цена од 30 денари за m3 (алинеја 5); за правните субјекти продавници и слично следува 15 m3 гратис (алинеја 6).

Според став 2 од член 2 од Одлуката, во цените на услугите што ги врши ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови не е вкалкулиран ДДВ.

Согласно став 3 од истиот член, утврдувањето на цените на услугите што ги врши ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови се однесува на целата територија на Општина Маврово и Ростуше каде што ЈПКД ги дава услугите.

Член 3 од Одлуката предвидува Одлуката да се достави до Советот на Општина Маврово и Ростуше согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавни претпријатија за добивање на согласност.

Со оваа одлука престануваат да важат сите претходно донесени одлуки (член 4 став 1). Став 2 од истиот член предвидува одлуката да се достави до директорот на ЈПКД и а/а.

Понатаму, врз основа на член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавните претпријатија и член 25 став 1 точка 29 од Статутот на Општина Маврово и Ростуша, како и врз основа на Одлуката бр. 0202-057 од 06.12.2010 година од Управниот одбор на ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови, Советот на Општина Маврово и Ростуша на седницата одржана на 10.12.2010 година ја дал Согласноста бр. 07-416/3 од 10.12.2010 година за примена на Одлуката бр. 0202-957 од 06.12.2010 година.

Согласноста е со примена од 01.01.2011 година.

Судот, исто така утврди дека двата оспорени акти се објавени во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша“ бр. 12 од 14 декември 2010 година.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, предвидува дека Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) се уредени: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа (член 1 од Законот).

Според член 2 точка 2 од овој закон, „прописи” се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.

Член 7 став 1 од овој закон, пропишува дека општината го уредува вршењето на своите надлежности со статутот и други прописи. Прописите на општината се објавуваат пред да влезат во сила (став 3). Начинот на објавувањето на прописите се уредува со статутот (став 4).

Органите на општината, комисиите на советот и јавните служби основани од општината се должни, без надоместок да ги информираат граѓаните за својата работа, како и за плановите и програмите кои се од значење за развојот на општината, на начин утврден со статутот (член 8 став 1 од Законот за локалната самоуправа). Општината е должна на граѓаните да им овозможи пристап кон основните информации за услугите што им ги обезбедува, на начин и под услови уредени со статутот (став 2).

Согласно член 36 став 1 точка 1 од истиот закон, советот го донесува статутот на општината и други прописи.

Според член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината.

Член 62 од Законот, во став 1 пропишува дека во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон. Прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 4). Прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено (став 5). Општината води збирка на објавените прописи, која е достапна на општ увид (став 6).

Согласно член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 9/1997, 6/2002, 19/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015 и 39/2016), јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Република Македонија, општините и Градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел за вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија (став 2 од истиот член).

Член 11 точка 5 од истиот закон, предвидува дека основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело.

Според член 19 став 2 точка 7 од Законот за јавните претпријатија, Управниот одбор на јавното претпријатие ги утврдува цените на производите и услугите.

Во член 3 точка 16 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 28/2006, 16/2007, 103/2008, 17/2011, 54/2011, 163/2013, 10/2015, 147/2015 и 31/2016), е дефинирано дека „давател на услуга” е јавно претпријатие основано од општината, од Градот Скопје, од Владата на Република Македонија или правно лице кое ги исполнува условите за вршење на дејноста пропишани со закон и во кое доминантен капитал има општината, Градот Скопје или Републиката.

Член 4 став 1 од овој закон, определува дека снабдувањето со вода за пиење, како и одведувањето на урбани отпадни води во реципиентот се дејности од јавен интерес.

Според член 6 став 7 од истиот закон, цената ја определува давателот на услугата, по претходна согласност на основачот.

Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 71/2004, 107/2007, 102/2008, 143/2008, 82/2009, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 147/2013, 163/2013, 51/2015, 146/2015, 156/2015, 192/2015, 39/2016 и 63/2016), во член 4 утврдува дека управувањето со отпадот е дејност од јавен интерес, која што се врши во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 6 точка 28 од овој закон, давател на услуга е јавно претпријатие основано од општините или Градот Скопје и правно и физичко лице кое склучило договор за давање на услуга од јавен интерес од локално значење.

Достапноста на правните норми за адресатите е едно од основните барања на темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото и принципот на правна сигурност како нејзин составен елемент. Ова има за цел оние чии права и обврски се утврдени со нормите, да бидат запознаени со нивната содржина и врз основа на тоа, да го прилагодат своето однесување.

Уставот на Република Македонија содржи конкретна норма со која се обезбедува таквата достапност. Имено, член 52 став 1 предвидува законите и прописите да се објавуваат пред нивното влегување во сила.

На законодавно ниво, прашањата кои се однесуваат на објавувањето на прaвните акти во службените гласила на општините се уредени со Законот за локалната самоуправа.

Овој закон утврдува обврска за објавување на прописите на општината пред нивното влегување во сила (член 7 став 3), при што под поимот „прописи“ се подразбираат општите акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината (член 2 точка 2). Истовремено, Законот утврдува дека донесувањето на статутот и другите прописи е надлежност на советот (член 36 став 1 точка 6).

Понатаму, Законот предвидува обврска за градоначалникот како орган на општината, да ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината (член 50 став 1 точка 3), при што е пропишан рок – најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (член 62 став 4).

На крајот, по однос на влегувањето во сила, Законот определува дека прописите кои ги донесува советот влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено (член 62 став 5).

Имајќи го во предвид ова, произлегува дека во случајот не постои законска обврска за објавување на двата оспорени акти во службеното гласило на општината.

Така, иако оспорената согласност е донесена од Советот на Општината, истата не е општ акт кој уредува вршење на општински надлежности и поради тоа нема статус на пропис кој согласно Законот за локалната самоуправа, треба да биде објавен во службеното гласило на општината.

Таа е поединечен правен акт кој не подлежи на уставно-судска контрола и претставува форма преку која Советот како надлежен орган, ја изразил својата согласност со претходно донесена одлука за утврдување на цените на услугите на јавното претпријатие чиј основач е општината.

По однос на оспорената одлука за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈКПД „Маврово“, неспорно е дека е општ правен акт, исто така донесен врз основа на законско овластување. Меѓутоа, во случајот не е исполнет вториот законски услов за објавување, бидејќи оспорената одлука не е акт кој е донесен од Советот на Општината. Имено, нејзин доносител е Управниот одбор на Јавното претпријатие, согласно неговата надлежност утврдена во член 19 став 2 точка 7 од Законот за јавни претпријатија.

За да во случајот постои законска обврска за објавување на оспорената одлука, покрај претходно споменатиот карактер на општ правен акт, Законот за локалната самоуправа исто така бара актот да биде донесен од советот на општината и единствено во тој случај истиот претставува пропис во смисла на овој закон кој градоначалникот на општината има обврска да го објави.

Поради овие причини и во случај кога оспорената одлука не би била објавена како што се наведува во иницијативата, не може по овој основ да стане збор за нејзина несогласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 7 став 3 и член 62 став 4 од Законот за локалната самоуправа.

Но и покрај непостоењето на законска обврска за објавување, а спротивно на наводите од иницијативата, двата оспорени акти се објавени во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша“ бр. 12 од 14 декември 2010 година.

Според Судот, иако таквото објавување не е услов за правната перфектност на двата акти, истото е во духот на начелото на информирање на јавноста од член 8 од Законот за локалната самоуправа и е во насока на запознавање на корисниците со цените на услугите на јавното претпријатие чие вршење на дејностите е од јавен интерес.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.123/2015
31 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева