Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 25 мај 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членовите 28, 51, 52, 62, 63, 64 и 67 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992).
2. Здружението на граѓани Фронт за демократска Македонија – ФРОДЕМ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од актот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Со одредбите од членот 51 и 52 од Деловникот, се ограничувало правото на граѓаните на заштита на слободите и правата, бидејќи се барало доставување на факти и докази, што граѓаните ги ставало во крајно нерамноправна положба во однос на робусната моќ на државните институции и другите субјекти кои им ги повредиле правата и кои не им овозможуваат пристап до фактите и доказите. Доказ за неуставноста на одредбата било и тоа што Уставниот суд досега имал постапено по минорен, крајно незначителен број на барања на граѓаните, со што Уставниот суд не ја остварил својата надлежност од член 110 алинеја 3 од Уставот.
Подносителот на иницијативата понатаму се осврнува на делови од Решението У.бр.19/2016 од 24 февруари 2016 година, со кое Уставниот суд мериторно навлегол во одлучување по материја на судир на надлежности за што било предвидена сосема друга постапка и друг субјект иницијатор на постапката. Подносителот цитира делови од наведеното решение и изведува заклучок дека Уставниот суд одлучувал по материја на судир на надлежности на гранките на власта предвидена со темелното уставно начело на поделба на власта.
Во однос на член 67 од Деловникот, во иницијатива се укажува дека овој член го регулирал прашањето за утврдување на трајно загубување на способноста судија на Уставниот суд за извршување на функцијата, како и прашањето за одземање на неговиот имунитет, при што ова прашање било регулирано на неуставен начин бидејќи судиите биле ставени во привилегирана положба во однос на сите останати носители на јавни функции. Подносителот смета дека во оспорената одредба биле преклопени институтот трајно губење на способноста и одземањето на имунитетот, иако се работело за крајно различни правни и фактички ситуации со различни последици.
Во иницијативата се укажува дека со постоењето на вакви норми во позитивно-правниот поредок, особено во оваа сензитивна сфера, се поткопувале основните начела на кои се темели демократијата – владеењето на правото и правната држава и принципот на правната сигурност, поради што тие требало да бидат укинати како мошне штетни и тенденциозни и одредби кои можеле да предизвикаат повеќе негативни последици во практиката.
Подносителот на инцијативата бара од Уставниот суд на Република Македонија до одлучувањето по оваа иницијатива да ја замрзне својата работа и сите тековни постапки да ги стави во мирување, бидејќи во спротивно ќе се сметало дека сите дејствија се невалидни и преземени врз основа на оспорени одредби за начинот на работа на Уставниот суд.
Подносителите на иницијативата исто така наведуваат дека на 14 и 15 март 2016 година во повеќе наврати биле спречени во доставувањето на оваа иницијатива од страна на голема група на насилни граѓани, кои биле наоружени со шипки и други метални предмети, кои не им дозволувале пристап до Уставниот суд, поради што иницијативата била доставена преку пошта.
На 18 март поднесено е дополнение на иницијативата со кое се бара поведување постапка за оценување на уставноста на член 28 од Деловникот на Уставниот суд, со образложение дека алинеја 3 на овој член била непрецизна и предвидувала неисцрпна листа на процедурални пречки поради кои иницијативите можеле да бидат одбиени со што се создавала правна несигурност, можност за волунтаризам во постапувањето на Уставниот суд како и за притисок врз уставните судии од страна на политички партии и други субјекти.
3. Судот на седницата утврди дека според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата: ако не e надлежен да одлучува за барањето; ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во член 52 од Деловникот на Уставниот суд е предвидено дека, во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Согласно оспорениот член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и на единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.
Според оспорениот член 63 од Деловникот на Уставниот суд, органите од член 62 од овој деловник предлогот за решавање на судир на надлежност може да го поднесат откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или ја одбие надлежноста за решавање на ист предмет. Субјектите од член 62 од овој деловник кои поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежноста може да го поднесат откако и двата органи ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.
Судот на седницата исто така утврди дека според член 64 од Деловникот на Уставниот суд, предлогот за решавање на судир на надлежност содржи: предметот на спорот поради кој настанал судирот, органите меѓу кои настанал судирот и означување на конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет.
Согласно оспорениот член 67 од Деловникот на Уставниот суд, за утврдување на трајно загубување на способноста на судија на Уставниот суд за извршување на својата функција, како и одземањето на неговиот имунитет, Уставниот суд одлучува на седница. Трајното губење на способноста од став 1 на овој член се утврдува врз основа на акти, наоди, експертни и стручни мислења на медицински и други установи и органи со кои се утврдува здравствената или друга неспособност, во согласност со закон. Уставниот суд определува комисија составена од тројца судии на Уставниот суд која ги испитува околностите, фактите и доказите од значење за одлучување на Судот во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.
Според член 13 од Деловникот на Уставниот суд, подносителот на иницијативата и донесувачот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Деловникот на Уставниот суд е основен акт што ја уредува постапката пред Уставниот суд и него го донел самиот Уставен суд врз основа на член 113 од Уставот.
Од член 13 од Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот, во постапката пред Судот, едновремено треба да се јави и како учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел. Имајќи го предвид наведеното како и досегашната уставно-судска практика (ставот изразен во решенијата У.бр.20/2016 од 30 март 2016 година, У.бр.77/2014 од 9 јули 2014, У.бр.215/1993 од 8 февруари 1995 година и У.бр.177/1996 од 9 октомври 1996 година), Уставниот суд утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека иницијативата треба да се отфрли врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.47/2016
25.05.2016 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева