Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за укинување на Одлуката на Советот на Општина Босилово бр.07-401/1 од 27.02.2012 година за овластување на Јавното претпријатие за комунални дејности „Огражден“-Босилово за управител на гробиштата на територија на Општина Босилово бр.08-3437/1 донесена од Советот на Општина Босилово на 30.11.2015 година.
2. Градоначалникот на Општина Босилово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата Одлуката донесена од Советот на Општина Босилово била Actio popularis sui generis и истата била во спротивност со член 50 став 1, член 110 став 1 и член 108 од Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа и Законот за гробишта и погребални услуги.
Имено, Одлуката која била донесена од Советот на Општина Босилово на ден 30.11.2015 година под број 08-3437/1 била во спротивност со законот од причини што во членот 5 став 1 од Законот за гробишта и погребални услуги точно било наведено дека одржувањето на гробиштата, на гробници и гробови и давање на погребални услуги како дејност од јавен интерес бил во надлежност на локалната самоуправа.
Во иницијативата се наведува дека Одлуката за укинување на Одлуката на Советот на Општина Босилово бр.07-401/1 од 27.02.2012 година за овластување на ЈКПД „Огражден“-Босилово за управител на гробиштата на територија на Општина Босилово била во спротивност со член 5 став 1 од Законот за гробишта и погребални услуги и член 22 став 1 точка 4 од Законот за локална самоуправа.
Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката за укинување на Одлуката на Советот на Општина Босилово бр.07-401/1 од 27.02.2012 година за овластување на Јавното претпријатие за комунални дејности „Огражден“-Босилово за управител на гробиштата на територија на Општина Босилово бр.08-3437/1 донесена од Советот на Општина Босилово на 30.11.2015 година е утврдено дека се укинува Одлуката на Советот на Општина Босилово бр.07-401/1 од 27.02.2012 година за овластување ЈПКД „Огражден“-Босилово за управител на гробиштата на територијата на општина Босилово.
Според членот 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Босилово“.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобна за уставносудска оцена.
Имено, со оспорената одлука, Советот на Општина Босилово ја укинува Одлуката на Советот на Општина Босилово бр.07-401/1 од 27.02.2012 година за овластување на Јавното претпријатие за комунални дејности „Огражден“-Босилово за управител на гробиштата на територијата на Општина Босилово.
Од содржината на оваа одлука произлегува дека Одлуката има карактер на поединечен, конкретен акт кој има правно дејство само за Јавното претпријатие за комунални дејности „Огражден“, а не и за други неопределени субјекти во правото. Оттука, Судот оцени дека не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите во иницијативата, од причина што се работи за поединечен, конкретен акт за кој Судот не е надлежен да одлучува, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.24/2016
25 мај 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева