Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план за с. Јосифово, донесена од Владата на Република Македонија под бр.42-5719/1 од 15.06.2015 година, („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2015).
2. Друштво за производство, трговија и услуги „ВИЗБА-ВАЛАНДОВО” ДООЕЛ Валандово, застапувано од Наташа Ѓореска, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со законската легислатива во Република Македонија, од причина што не било постапено по член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.72 од 05.05.2015 година), според кој кон барањето за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, меѓу другото, било потребно да се достави и Потврда од надлежно Министерство дека немало склучено Договор за закуп на земјоделско земјиште или склучен договор за користење на лозови насади, Извештај за процена на евентуалната штета со престанување на договоро од овластен проценител, Изјава од подносителот на барањето за трајна пренамена дека е согласен да ја надомести проценетата штета предизвикана од престанување на важење на договорот и Доказ за депонирани средства за исплата на надоместок на штета за закупецот.
Понатаму, во иницијативата се упатува на член 15 од наведениот закон во кој било предвидено дека постапката за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште ќе започнела, доколку надлежниот орган ќе доставел комплетно барање со соодветна документација. Имено, во постапката која претходела на донесување на Одлуката на Владата на Република Македонија биле направени битни повреди на истата од причина што не бил земен во предвид фактот што како корисник и плодоуживател на лозовите насади се јавувал сега подносителот на оваа иницијатива, ниту истиот бил известен за поведување на постапка за трајна пренамена на земјоделското земјиште во градежно, ниту бил извршен увид на лице место дека предметните лозови насади се обработувале од подносителот на иницијативата, што било спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199 од 30.12.2014 година). Исто така од страна на подносителот на барањето за пренамена на земјиштето ниту била спроведена било каква проценка на вредноста на лозовите насади кои се наоѓале на конкретното земјиште.
Според наводите во иницијативата неспорен бил фактот дека сега подносителот е сопственик и плодоуживател на лозовите насади кои се наоѓале на земјоделското земјиште чија пренамена се бара, во текот на постапката за добивање на согласност за пренамена од земјоделско во градежно земјиште воопшто не биле почитувани правилата на постапката предвидени во Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.72 од 05.05.2015 година) и Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199 од 30.12.2014 година).
При постоење на ваков договор кој се уште бил во сила, според иницијативата не биле исполнети условите за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план за село Јосифово за изградба на објекти за намена домување во станбени куќи КО-Јосифово, општина Валандово, што е основ за поништување на предметната одлука.
Од друга страна, со таквиот начин на постапување со пренамена на земјоделско земјиште на кое активно се одгледувале лозови насади се доведувало во прашање егзистирањето на еден долгогодишен правен субјект кој активно учествува во економско правниот систем во Републиката, како и прашањето за надомест на штетата која истиот ќе ја претрпи со уништување на лозовите насади, за кои постоеле јасни и недвосмислени докази дека истиот ги поседува односно е нивни сопственик, плодоуживател како и владетел и тоа наназад долги години.
Така, врз основа на горе наведеното повеќе од јасно е дека подносителот со донесување на таквата одлука ќе претрпи огромна штета и загуба во своето работење бидејќи еден од поголемите извори од кои стекнува суровина за производство на вино се токму лозовите насади кои се опфатени со побиваната одлука, ниту побиваната одлука може да се реализира при нерасчистено стварно правни односи, односно постоење на предметниот договор кој е во сила и владеење на предметните лозови насади од страна на подносителот.
Предвид горенаведеното јасно се гледа дека со Одлуката за давање согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште за изработка на урбанистички план за село Јосифово за изградба на објекти со намена домување во станбени куќи КО-Јосифово, Општина Валандово на Владата на Република Македонија бр.42-5719/1 од 15.06.2015 година била направена суштествена повреда на Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.72 од 05.05.2015 година) и била донесена спротивно на одредбите и правилата за донесување на урбанистички план за село детално опишани во Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199 од 30.12.2014 година).
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи вкупно 3 (три) члена. Така, во член 1 од одлуката се предвидува дека со оваа одлука се дава согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план за село Јосифово за изградба на објекти со намена домување во станбени куќи КО-Јосифово, општина Валандово.
Согласно членот 2 од истата одлука, земјоделското земјиште за кое се дава согласност за трајна пренамена, со вкупна површина од 2711м2, ги има следните катастарски индикации:
___________________________________________________________
Катастарска Катастарска Викано Катастарска Катастарска
парцела бр. општина место култура класа
770 дел Јосифово Под Калково интензивно 1
лозје
_____________________________________________________________
Вкупна површина на земјиштето во планскиот опфат: 955800 м2
____________________________________________________________
Во членот 3 од оспорената одлука се предвидува дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобна за уставно судска оцена.
Имено, со оспорената Одлука, Владата на Република Македонија дала согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште за изработка на Урбанистички план за село Јосифово со цел изградба на објекти со намена домување во станбени куќи КО-Јосифово, општина Валандово.
Од содржината на оваа одлука произлегува дека Одлуката има карактер на поединечен, конкретен акт кој има правно дејство само за страните што се наведуваат во Одлуката, а не и за други, неопределени субјекти во правото, при што согласноста дадена со одлуката претставува основа за уредување на правата и обврските на двете страни дополнително. Оттука, Судот оцени дека не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите во иницијативата од причина што се работи за поединечен, конкретен акт за кој Судот не е надлежен да одлучува, поради што според оценката на Судот се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.54/2016
20 април 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева