Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеa 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992,) на седницата одржана на 13 април 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28-а став 4 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008,161/2008,114/2009,130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015).
2. Јонче Блажески од с.Другово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативaта, со член 28-а став 4 од Законот за работните односи се исклучувало правото на судска заштита загарантирано со член 50 од Уставот, а кое право се однесувало и на материјата уредена со член 32 од Уставот. Конкретно, во иницијативата се наведува дека: „Врз основа на императивната одредба на ставот 4 која ги условува ставовите 1, 2 и 3 на членот 28-а исклучиво со согласност од двете страни (став 4) во секој случај без исклучок првостепениот суд ќе ја отфрли тужбата како недозволена во околности што нема член во законот кој ја дозволува измената на договорот без согласност од двете страни. На тој начин судот е исклучен мериторно да одлучува по овој член односно индиректно исклучена е надлежноста на судот (член 15 од Законот за парнична постапка) а со тоа е повредено правото на судска заштита. Тоа право е уставно загарантирано во член 50 од Уставот и е во врска со членот 32 од Уставот.“ Според иницијативата, со повреда на членот 50 од Уставот (правото на судска заштита за правата од член 32) биле срушени темелните вредности од членот 8 став 1 алинеја 3 односно било срушено владеењето на правото.
Во иницијативата понатаму се наведува дека: „се поставува прашањето дали е само декор овој член во Законот за работни односи, ако судот врз основа на истиот може да одлучува само еднострано, односно, нема надлежност да го измени договорот за вработување без согласност на двете страни и е принуден тужбата за измена на договорот за вработување во секој случај да ја отфрли како законски недозволена. При разгледување на ова прашање Уставниот суд да има во предвид дека ова право отсекогаш било во судска надлежност и дека со бришење на ставот 4 од членот 28-а од Законот за работни односи ќе се врати можноста судот да одлучува по овој член, односно ќе се врати правото на судска заштита од член 50, а во врска со член 32 од Уставот. Бидејќи нема друг надлежен орган во Република Македонија кој може да одлучува за ова право, а со ставот 4 од членот 28-а исклучено е правото судот мериторно да одлучува по овој член, произлегува дека двете страни од членот 28-а, се без судска заштита, што е спротивно на Уставот. Во околности наведени во ова образложение бараме Уставниот суд врз основа на членот 110 став 1 да поведе постапка за оценување на согласноста со Уставот на ставот 4 од член 28-а од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2013) и да донесе решение за укинување на истиот.“
3. Судот на седница утврди дека со членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2010) по членот 28 се додава нов наслов и нов член 28-а кои гласат: „Измена на договорот за вработување“ и според членот 28-а став 1 измени на договорот за вработување можат да бидат предложени од страна на работодавачот или од страна на работникот. Измените на договорот за вработување се вршат со анекс на договорот за вработување. (став 2) Анексот на договорот за вработување се склучува во иста форма како и договорот за вработување, согласно законот. (став 3) Измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото.” (став 4)
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективен договор.
Со членот 50 од Уставот, е предвидено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознаен со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.
Од анализата на изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор и дека граѓаните можат да бараат заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија.
Согласно член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/ 2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015) предмет на уредување се работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. (став 1) Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување. (став 2)
Со членот 2 е уредено дека цел на Законот за работните односи е вклучување на работници во работниот процес, како и обезбедување на усогласено одвивање на тој процес, при што се почитува правото на работниците на слобода на трудот, достоинство и заштита на интересите на работниците во работниот однос.
Во членот 5 став 1 од Законот, одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: 1. „Работниот однос” е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.
Во главата со наслов II. „Договор за вработување“ согласно член 13 став 1 од овој закон, е уредено дека со потпишување на договорот за вработување се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот. Правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување (став 2).
Со член 28-а од Законот за работните односи се определува дека измените на договорот за вработување можат да бидат предложени од страна на работодавачот или од страна на работникот (став 1), дека измените на договорот за вработување се вршат со анекс на договорот за вработување (став 2), дека анексот на договорот за вработување се склучува во иста форма како и договорот за вработување, согласно законот (став 3) и дека измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото (став 4).
Според членот 29 став 1 од Законот за работните односи, се уредува дека одредбата во договорот за вработувањето која што е во спротивност со општите одредби за правата, обврските и одговорностите на договорните страни, определени со закон, колективен договор, односно акт на работодавачот е ништовна од моментот на склучувањето на договорот. Одредбите на законот, колективните договори, односно општите акти на работодавачот, со коишто била делумно одредена содржината на договорот за вработување, се составен дел на овој договор и го дополнуваат или непосредно се применуваат. (став 2)
Остварување на правата кај работодавачот и судска заштита е уредена во членот 181 став 1 од Законот за работните односи според кој ако работникот смета дека работодавачот не му ги обезбедува правата од работниот однос или крши кое било од неговите права од работниот однос има право да поднесе писмено барање до работодавачот кршењето да го отстрани, односно да ја исполни својата обврска. Ако работникот смета дека со писмена одлука на работодавачот е прекршено неговото право, има право во рок од осум дена од врачувањето на одлуката со која било прекршено правото, да бара од работодавачот истото да го отстрани. (став 2) Ако работодавачот во натамошниот рок од осум дена по врачувањето на писменото барање на работникот не ги исполни своите обврски од работниот однос, односно не го отстрани кршењето на правото, работникот може во рок од 15 дена да бара судска заштита пред надлежниот суд. (став 3)
Против одлуката за отказ на договорот за вработување работникот има право на приговор до органот на управување, односно работодавачот, во рок од осум дена од добивањето на одлуката за отказ на договорот за вработување. (став 4) Кога не е донесена одлука по приговорот, во рок од осум дена од денот на поднесувањето на приговорот или кога работникот не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката по приговорот, работникот има право да поведе спор пред надлежниот суд. (став 5) Без оглед на роковите од ставовите 2 и 3 на овој член работникот може паричните побарувања од работниот однос да ги остварува непосредно пред надлежниот суд. (став 6) Неизбраниот кандидат за вработување кој смета дека при изборот била прекршена забраната на дискриминација, во рок од 15 дена од приемот на известувањето од страна на работодавачот може да бара надомест на штета пред надлежниот суд. (став 7)
Согласно член 15 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/ 2009 и 116/2010), судот во текот на целата постапка по службена должност внимава дали решавањето на спорот спаѓа во судска надлежност и дали решавањето на спорот спаѓа во надлежност на суд во Република Македонија. Кога судот во текот на постапката ќе утврди дека за решавање на спорот не е надлежен суд туку некој друг домашен орган, ќе се огласи за ненадлежен, ќе ги укине спроведените дејствија во постапката и ќе ја отфрли тужбата. (став 2) Кога судот во текот на постапката ќе утврди дека за решавање на спорот не е надлежен суд во Република Македонија, по службена должност ќе се огласи за ненадлежен, ќе ги укине спроведените дејствија во постапката и ќе ја отфрли тужбата, освен во случаите во кои надлежноста на суд во Република Македонија зависи од согласноста на тужениот, а тој ја дал својата согласност. (став 3)
Од анализата на изнесените одредби од Законот за работните односи може да се констатира дека работен однос е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, и лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот (член 5 став 1 точка 1), дека работниот однос се уредува со Законот за работните односи и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1 ставови 1 и 2) и дека заради усогласено одвивање на организираниот процес на работа кај работодавачот, потребно е да се почитува правото на работниците на слобода на трудот, достоинство и заштита на интересите на работниците во работниот однос (член 2).
Понатаму, од член 13 став 1 на Законот произлегува дека работниот однос се заснова односно настанува со потпишување на договорот за вработување меѓу работникот и работодавачот, а од член 28-а произлегува дека измените на договорот за вработување можат да бидат предложени од страна на работодавачот или од страна на работникот (став 1), при што измените на договорот за вработување се вршат со анекс на договорот за вработување (став 2) кој се склучува во иста форма како и договорот за вработување, согласно законот (став 3), со тоа што измените можат да бидат извршени само ако и двете страни се договорат за тоа (став 4). Со членот 29 став 1 од овој закон се пропишува дека одредбата во договорот за вработувањето која што е во спротивност со општите одредби за правата, обврските и одговорностите на договорните страни, определени со закон, колективен договор, односно акт на работодавачот е ништовна од моментот на склучувањето на договорот, а со член 181 од Законот се регулира остварувањето на правата на работникот кај работодавачот и судската заштита пред надлежниот суд. Со член 15, пак, од Законот за парничната постапка се уредуваат обврските на судот по поднесувањето на тужба и поведувањето на постапката за остварување на правата на тужителот.
Имајќи ги предвид напред изнесените уставни и законски одредби произлегува дека предвидувањето во член 28-а став 4 од Законот за работните односи, измените на договорот за вработување да можат да бидат направени само ако двете страни се договорат за тоа, не значи исклучување на правото на судска заштита како што се наведува во иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на наведената законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 50 од Уставот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.3/2015
13.04.2016 г
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева