Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 30 март 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 алинеја 2, член 65 став 1 во делот: „освен секретарот и кабинетските службеници” и член 70 став 2 во делот: „освен секретарот” од Законот за административните службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016).
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорениот член 17 алинеја 2 од Законот, бил преопшто формулиран, не бил прецизен и јасен, а како таков не обезбедувал правна сигурност на граѓаните. Од таквата формулација на оспорената законска одредба, произлегувало дека таа се однесувалa на осуда за кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина и со тоа се ограничувало по сила на закон правото на директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик да ја вршат својата функција и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не било во никаква врска со вршењето на оваа дејност.
Од наведените причини, одредбата на членот 17 алинеја 2 од Законот, не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Со оспорениот член 65 став 1 од Законот, административните службеници, освен секретарот и кабинетските службеници, задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година, а според оспорениот член 70 став 2 од Законот, за повреда на службената должност административниот службеник, освен секретарот одговара дисциплински.
Според наводите во иницијативата уредувањето дека секретарот и кабинетските службеници можеле да бидат изземени од оценувањето кое било задолжително за останатите административните службеници и дека можеле да бидат изземени од дисциплинска одговорност за повреда на службената должност, наспроти останатите административни службеници, не било во согласност со одредбите на членот 9 од Уставот. Согласно член 9 од Уставот се прокламира еднаквост на граѓаните на Република Македонија во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Оттука, според наводите во иницијативата спротивно на членот 9 од Уставот, биле уредени оспорените делови од одредбите на членовите 65 став 1 и 70 став 2 од Законот, и тие создавале нееднаква правна положба помеѓу самите административни службеници.
3. Судот на седница утврди дека согласно член 17 алинеја 2 од Законот за административните службеници, директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик може да биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е именуван и во следниве случаи:…- ако со правосилна судска одлука е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.
Според членот 65 став 1 од овој закон, административните службеници,освен секретарот и кабинетските службеници, задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година…
Во членот 70 став 2 од Законот, за повреда на службената должност административниот службеник, освен секретарот одговара дисциплински….
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение У.бр.147/2014 од 18 февруари 2016 година, Судот не повел постапка меѓу другото и за оценување на уставноста на член 17 алинеја 2, член 65 став 1 во делот: „освен секретарот и кабинетските службеници” и член 70 став 2 во делот: „освен секретарот” од Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016).
Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорените членови 17 алинеја 2, 65 став 1 во делот: „освен секретарот и кабинетските службеници” и 70 став 2 во делот: „освен секретарот” од Законот за административни службеници и оценил дека истите се во согласност со Уставот на Република Македонија, а во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба на член 28 став 2.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.158/2014
30.03.2016 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева