У.бр.90/2015-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 март 2016 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.90/2015 од 03 февруари 2016 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014), затоа што основано се постави прашањето за согласноста на одредбата со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, против решението од ставот 5 на овој член не е дозволена жалба.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандманот XXI е заменет членот 15 од Уставот. Според став 1 на овој амандман, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, се уредуваат постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, постапката за впаричување на имотот, како и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законoт за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11).

Според член 3 став 1 на овој закон, постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка се поведува со поднесување на предлог во вонпарнична постапка до вонпарничниот оддел во судот на чие подрачје се спроведува стечајната постапка. Во согласност со ставот 2 на истиот член, предлогот од ставот 1 на овој член го поднесува стечајниот управник или лице определено со планот за реорганизација на стечајниот должник, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Во членот 5 од Законот се уредува постапката за донесување на решение за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка. Според ставот 5 на овој член, доколку предлогот е уреден, односно по уредување на предлогот согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, судијата во рок од три дена ќе донесе решение со кое ќе утврди правен статус на објект во стечајната постапка. Во согласност со ставот 6 на истиот член, против решението од ставот 5 на овој член не е дозволена жалба.

Според член 13 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2008), за постапување и одлучување во вонпарничната постапка се надлежни основните судови. Во вонпарничната постапка постапува судија поединец, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

Според член 21 од Законот, во вонпарничната постапка судот одлучува со решение. Решението мора да биде образложено, освен во случаите кога се заснова врз претходна согласност на учесниците. Во согласност со член 22 на истиот закон, против решението донесено во прв степен, дозволена е жалба до повисокиот суд. Жалбата се поднесува во рок од 15 дена по приемот на решението, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот прокламира двостепеност во одлучувањето на судовите, како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на законитоста во остварувањето на слободите и правата на граѓаните.

Уставот го гарантира ова право без оглед на видот на судот, територијата на која тој ја остварува надлежноста или пак видот на споровите што се водат пред него, што значи дека ова право се гарантира секогаш кога е донесена одлука на суд во првостепена постапка.

Под изразот „одлука“, во генеричка смисла се подразбира поединечен правен акт што го донесува суд при постапувањето и решавањето на конкретна правна работа. Во формална смисла на зборот судскиот акт е правен акт кој го донесува судски орган (суд по определена судска постапка). Судскиот акт по правило се изразува во писмена форма и најчесто се нарекува пресуда, а може да се јави и во вид на одлука или решение.

Во согласност со наведената уставна гаранција, Законот за вонпарничната постапка пропишува право на жалба против решенијата на судот донесени во прв степен, на кој начин се операционализира уставната определба за двостепеност на судските постапки.

Меѓутоа, видно од членот 5 став 6 на Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, законодавецот го исклучил правото на жалба против решението со кое судијата во вонпарнична постапка, во прв степен, ќе утврди правен статус на објект во стечајната постапка, што значи дека постапката завршува со донесување на наведеното решение од страна на првостепениот суд, без можност за уставно гарантираната двостепеност на судската постапка.

Образложението на Владата на Република Македонија за оправданоста на ваквото законско решение (мислење на Владата на Република Македонија, бр. 42-10880/1 од 04.11.2015 година, доставено до Уставниот суд по однос на наводите во иницијативата) со фактот дека се работи за вонпроцесна постапка каде нема контрадикторност на странките односно постои само една странка, а тоа е застапникот на стечајната постапка – стечајниот управник кој единствен има правен интерес да се реши статусот на бесправните објекти кои биле изградени пред отворањето на стечајната постапка и дека со утврдувањето на нивниот статус тој може да ги даде на продажба и да постигне повисока цена од која како стечајна маса се намируваат доверителите, како и дека другите учесници во постапката – доверителите немаат интерес да вложуваат жалба на решение со кое ќе се намират во поголем износ отколку со впаричување на имот за кој нема утврден правен статус и кој поради тоа нема доказ за сопственост – имотен лист што ја прави продажбата невозможна, според Судот, не е основано и не ја отстранува несогласноста на оспорената законска одредба со Амандманот XXI од Уставот.

Според овој амандман на Уставот, законодавецот е должен да овозможи право на жалба против секоја одлука на судот донесена во прв степен. Неспорно е дека законодавецот, во согласност со наведениот амандман на Уставот, во Законот за вонпарничната постапка, пропишал право на жалба против одлуките на судот донесени во прв степен, но очигледно, ова начело го исклучил во член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај. Даденото образложение за целисходноста на оспореното законско решение не може да биде оправдување за противуставноста на таквото решение. Владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, се изразува преку цврстата уставна определба дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Поради наведеното, исклучувањето на можноста да се поднесе жалба против одлуката на судијата донесена во вонпарнична постапка во прв степен, со која се утврдува статусот на објект во стечајната постапка, нема уставна оправданост, поради што Судот оцени дека член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, Амандман XXI и член 51 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.90/2015
30 март 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева