У.бр.82/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– Член 2 став 1 алинеја 2, во делот „јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје“ од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“бр.27/2014 и 199/2014) и

– Член 3 став 1 алинеја 2, во делот „јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во радот Скопје“ од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 154/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/ 2014).

3. ЈП „Комуналец“ од Кичево и Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативa за оценување на уставноста на законите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата поднесена од ЈП „Комуналец“ oд Кичево, оспорените делови од законските одредби биле во директна спротивност со членовите 8 и 115 на Уставот, член 22 од Законот за локалната самоуправа и член 2 и член 4 став 1 точките 1, 4 и 5 од Законот за комунална дејност. Во таа смисла, во иницијативата се наведува дека „јавните претпријатија основани од општините, општините во Градот Скопје односно Градот Скопје, не можат да имаат статус на работодавачи – институции во јавниот сектор, ниту вработените во овие јавни претпријатија, претежно од комунална дејност, не можат да добијат статус на вработени во јавен сектор или јавни службеници кои ќе паднат во надлежност на државата – Министерството за информатичко општество, кое ќе носи акти за систематизација на работните места на вработените и ќе одлучува за дисциплинската одговорност на работниците, вработувањето, оценувањето, распоредувањето и друго, т.е. противуставно е државата преку овој член да врши упад во надлежноста на локалната самоуправа и да воведува принцип на административно централизирано управување.“

Во иницијативата понатаму се наведува дека според член 8 од Уставот локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок, дека според член 115 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, особено во областа на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, и дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и законите. Во членот 22 точка 4 од Законот за локална самоуправа било наведено дека општината е надлежна за комуналните дејности-снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведувањето и пречистувањето на отпадните води, јавното осветлување, третманот на атмосферските води, јавната чистота, собирањето на комунален отпад, чистење на оџаци, изградба и одржување на пазари, одржувањето и користењето на паркови, …

Исто така во иницијативата се укажува дека според членовите 2 и 4 од Законот за комунални дејности е регулирано дека комуналните дејности се дејности од јавен интерес, но се стопанска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица (индивидуална и заедничка потрошувачка), за кои општината обезбедува услови за соодветен обем, квалитет, достапност, континуитет и надзор над нивното вршење. Давател на комуналната услуга е јавно претпријатие основано од општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и Владата на Република Македонија или правно или физичко лице кое поседува дозвола за вршење на комунална дејност, а корисник на комунална услуга е правно и физичко лице кое ги користи услугите на давателот на услугата, при што за меѓусебните права и обврски тие склучуваат меѓусебен договор. Не можело да се спори дека јавните претпријатија подлежат на пазарните законитости, подлежат на конкуренција како што тоа било наведено во Законот за јавните претпријатија.

Оттука, очигледно било дека законодавецот не ги имал предвид одредбите од Уставот, Законот за локална самоуправа, Законот за јавни претпријатија и Законот за комунални дејности, како и Одлуката на Уставниот суд У.бр.184/2011 од 15.02.2012 година со која бил поништен членот 3 точките 1 и 2 во деловите „култура“ и „општините, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје“ од Законот за јавните службеници. Имено, во Одлуката на Судот на многу јасен начин биле образложени член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 32 став 5, член 47 став 2, член 114 и Амандман XVI на Уставот, точка 1 од Амандман XVII, член 115 ставовите 2 и 3, член 117 став 1, точка 2 од Амандман XVII … Она што посебно било истакнато во Одлуката е дека Законот за јавни службеници имал супсидиарна примена односно тој не се применувал и не се однесувал на оние прашања за вработените и институциите во јавните служби од наведените дејности, каде со посебни закони веќе биле на поинаков начин уредени правата и обврските. Комуналните дејности биле уредени со посебна законска регулатива. Според Законот за комунални дејности, заради организирање и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објекти од комуналната инфраструктура од локален карактер, кои се протегаат или служат за давање на комунални услуги на подрачјето на една општина, општината може да основа јавно претпријатие. Средствата за вршење на комунални дејности се обезбедуваат од цената на комуналните дејности, буџетот на општината односно Градот Скопје и другите средства утврдени со закон. Значи, средствата кои се остварувале во комуналните претпријатија не биле народни пари како што сметале надлежните од Министерството за информатичко општество, туку тие средства биле од облигационите договори со корисниците на комуналните услуги, а комуналните услуги не ги користеле сите граѓани па да плаќаат како што се плаќаат даноците и другите јавни давачки. Оттука произлегувало дека со оспорените законски одредби законодавецот, по Одлуката на Уставниот суд, повторно го кршел Уставот, Законот за локална самоуправа и законите кои ја уредуваат комуналната дејност вршејќи административна централизација на власта.

Според наводите во иницијативата се предлага поведување и потоа поништување на наведените одредби од Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија во целина.

Со иницијативата поднесена од страна на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија – Скопје се оспоруваат член 2 став 1 алинеја 2 во делот „од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје“ од Законот за вработените во јавниот сектор и член 3 став 1 алинеја 2, во делот „од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје“ од Законот за административни службеници, бидејќи истите не биле во согласност со членовите 8 и 115 од Уставот, членовите 1, 14 и 15 од Законот за комунални дејности и членовите 1, 9 и 10 од Законот за јавните претпријатија. Имено, во член 8 од Уставот се наведува дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок, а во Амандман XVII точка 1 со кој е заменет член 115 став 1 од Уставот било утврдено дека во општините граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детска заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон. Според член 115 ставовите 2 и 3 од Уставот општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, надзорот над законитоста на работата на општината врши Републиката и таа може со закон да довери на општината вршење на определени работи. Такви овластувања имал и Градот Скопје врз основа на член 117 ставовите 1, 3, 4 и 5 и Амандман XVII точка 2 на Уставот.

Понатаму, во членот 9 од Законот за комунални дејности било регулирано дека заради организирање и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објекти на комуналната инфраструктура од локален карактер, кои се протегаат или служат за давање на комунални услуги на подрачјето на една општина, општината можела да основа јавно претпријатие доколку на нејзиното подрачје не постои јавно претпријатие. Според членовите 1, 9 и 10 од Законот за јавните претпријатија, Владата на Република Македонија, советот на општините и советот на Град Скопје донесуваат акт за основање на јавно претпријатие и со тој акт се утврдува дејноста, фирмата и седиштето, износот на средствата за основање и начинот на нивно обезбедување, организацијата на јавното претпријатие, начинот и спроведувањето на одлуките на органите на јавното претпријатие. Според Законот за локална самоуправа и Законот за Градот Скопје, општините односно Градот Скопје биле надлежни за вршење на комуналните дејности и за таа цел основаат јавни служби во согласност со закон, кои се во сопственост на основачот.

Во иницијативата се цитира содржината на член 2 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор и на член 3 став 1 од Законот за административни службеници, при што се наведува дека со овие одредби „директно се крши темелната вредност на уставниот поредок од член 8 на Уставот на Република Македонија – локалната самоуправа и правото на граѓаните и општините непосредно да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено од областа на комуналните дејности (член 115 од Уставот). Ако надлежноста на општината да основа јавно претпријатие и да одлучува за неговата организација е уставна темелна вредност, Државата со закон не смее да го крши Уставот и да ги одзема уставните надлежности на локалната самоуправа, префрлајќи ги во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација, т.е. директно централизирајќи надлежности и дејности од локалната самоуправа. Комуналните дејности се дејности од општ интерес, но се од локално значење и се во исклучива надлежност на локалната самоуправа, која одлучува меѓу другото и за организацијата на претпријатието. Државата не може да врши упад во надлежноста на локалната самоуправа преку членот 2 од Законот за вработување во јавниот сектор и членот 3 од Законот за административни службеници, со тоа што директно ќе го контролира вработувањето и организацијата на комуналните претпријатија, кои само остваруваат финансиски средства и не се финансирани од буџет.“

Поради тоа, според наводите во иницијативата оспорените законски одредби, со кои се определувал статус на јавен службеник на вработените во јавните комунални претпријатија, биле во спротивност со Уставот на Република Македонија. Во поткрепа на ова тврдење, тие укажуваат на Одлуката на Уставниот суд У.бр.184/2011 од 15.02.2012 година според која „вработените во јавните претпријатија основани од општините, општините на Градот Скопје и Градот Скопје, како и самите институции кои по природата на надлежностите вршат комунални дејности, по својата положба, права и обврски не можат да бидат под правниот режим на Законот за јавните службеници, ниту од аспект на основањето, вработувањето, финансирањето, правото на плата и надоместоци на плата, надзорот, ефикасноста и одговорноста од работењето, статусот и регистарот на претпријатијата, надзорот над ефикасноста и законитоста на работењето од Државниот комунален инспекторат и други работи кои се веќе комплексно уредени со одредбите од повеќе посебни закони.“

Со иницијативата се предлага Уставниот суд да ја провери уставноста на наведените одредби од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, бидејќи смета и тврди дека постои неусогласеност и спротивставеност со Уставот и законите, па потоа истите да ги поништи или укине.

4. Судот на седница утврди дека во член 2 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014) се предвидува дека „Работодавачи во јавниот сектор (во натамошниот текст: институции), согласно со овој закон, се: органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје.“

Во членот 3 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 154/2015) се пропишува дека „Административен службеник е лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции: органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на децата, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје.“

Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/ 2014), содржи 33 члена, при што член 1 од тој закон се однесува на посебните услови за именување на претседател и член на управен одбор, член 2 за посебните услови и начинот на именување на директор, член 3 за посебните услови за именување на член на надзорен одбор во јавно претпријатие.

Со членот 4 од оспорениот закон се менува член 37 од изворниот текст на Законот и се определува дека работните места на вработените во јавните претпријатија се групираат во групи и подгрупи и тоа: група I подгрупа 2 – јавни службеници, група III подгрупа 5 – даватели на јавни услуги во јавните претпријатија и група IV подгрупи 1, 2, 3, 4 и 5 – помошно-технички лица, при што актот за систематизација го донесува директорот по претходна согласност од управниот одбор на јавното претпријатие и од Министерството за информатичко општество и администрација во врска со усогласеноста на описите на работни места со Каталогот на работни места утврден во Законот за вработените во јавниот сектор. Со членот 5 се менува членот 37-а од изворниот текст на Законот и се однесува на вработените во јавното претпријатие кои вршат административни работи, при што со него се определува дека на тие лица се применува Законот за административните службеници и колективните договори, а нивните звања ги пропишува директорот во Актот за систематизација и согласно со колективните договори.

Со членовите од 6 до 9 и членовите 11 и 12 од оспорениот закон се вршат измени на членовите 37-а, 37-б, 37-в, 37-г, 37-д, 37-е, 37-ж од изворниот текст на Законот и се однесуваат на категориите, нивоата и општите и посебните услови за работните места на давателите на јавните услуги заради кои е основано јавното претпријатие, а членот 10 врши измена на член 37-ѓ од изворниот текст на Законот и се однесува на нивоата и посебните услови за вршење на помошно-техничките работи во јавното претпријатие.

Членот 13 од оспорениот закон врши измена на член 37-з од изворниот текст на Законот и пропишува обврска за директорот, по претходно мислење од Министерството за информатичко општество и по претходна согласност од Министерството за финансии за јавните претпријатија основани од Република Македонија односно по претходна согласност од советот на општината за јавните претпријатија основани од општините, да подготвува годишен план за вработување за следната година, а со член 14 се менува член 37-s и се уредува постапката за вработувањето на административни службеници (барање од директорот до Агенцијата за администрација со приложување на годишниот план и известување за обезбедени финансиски средства од надлежниот орган).

Членовите 15-25 од оспорениот закон вршат измена на членовите 37-и до 37-р од изворниот текст на Законот и се однесуваат на вработувањето, унапредувањето, остварувањето на правата и должностите, оценувањето и дисциплинската одговорност на давател на јавна услуга кој е вработен во јавното претпријатие. Членот 26 од оспорениот закон врши дополнување со осум нови члена од член 37-с до 37-ч на изворниот текст од Законот и тие ги утврдуваат видовите на дисциплинска одговорност (дисциплинска неуредност и дисциплински престап), дисциплинските мерки за нив (писмена опомена, парична казна, распоредување на непосредно пониско ниво на работно место, престанок на работниот однос), постапката и надомест на материјалната штета предизвикана на јавното претпријатие од давателот на јавната услуга вработен во јавното претпријатие.

Членовите 27-33 од оспорениот закон се преодни одредби (донесување на нови статути и акти за систематизација од јавните претпријатија, останување на директорите до започнување на примената на овие измени, започнатите постапки да завршат по старите правила од Законот за јавните претпријатија, доставување на докази за познавање на странски јазици и работа со компјутери од вработените во рок од две години од започнувањето на примената на овие измени, задолжување на Законодавно-правната комисија да утврди пречистен текст на Законот) и завршни одредби (членовите 1-3 од овој закон започнуваат да се применуваат една година од влегувањето во сила на овој закон, кој влегува во сила на 07 март 2014 година, а останатите одредби се применуваат од започнувањето на примената на Законот за вработени во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014).

5. Судот на седница утврди дека во однос на оспорените одредби од Законот за вработените во јавниот сектор (член 2 став 1 алинеја 2) и Законот за административни службеници (член 3 став 1 алинеја 2), двете иницијативи ги оспоруваат деловите од тие законски одредби во однос на членовите 8 и 115 од Уставот и поврзано со нив членовите 22 од Законот за локална самоуправа, членовите 1, 2, 4 и 9 од Законот за комунални дејности и членовите 1, 9 и 10 од Законот за јавните претпријатија, наведувајќи дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок, дека општината самостојно одлучува во определени области меѓу кои и за комуналните дејности, дека дејностите во тие области се од јавен интерес со локално значење за што општината може да основа јавни претпријатија кои се во сопственост на општината, дека средствата за вршење на комунални дејности се обезбедуваат пред се од цената на комуналните дејности, поради што општината сама одлучувала за организацијата, не можела да добие статус на институција-работодавач во јавниот сектор и вработените не можеле да добијат статус на вработени во јавен сектор за кои државата преку Министерството за информатичко општество и администрација ќе носела акти за систематизација на работните места на вработените во општинските јавни претпријатија и ќе одлучувала за дисциплинската одговорност на работниците, вработувањето, оценувањето, распоредувањето и друго во тие јавни претпријатија.

Во врска со делот од наводите во иницијативите поврзани со статусот на општината, Уставот определува дека „темелна вредност на уставниот поредок е локалната самоуправа“ (член 8 став 1 алинеја 9) и дека „во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставниците учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон“ (Амандман XVII точка 1 на Уставот).

Според член 115 став 2 од Уставот, „општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.“

Судот оцени дека од изнесените уставни одредби несомнено произлегува дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок, дека во неа се одлучува за прашања од локално значење во области утврдени со Уставот и со закон и дека тие надлежности општината ги врши самостојно.

Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014), пак, уредува општи начела, класификација на работните места, видови на вработувања, општи права и должности со одговорности, мобилност, како и други прашања за вработените во јавниот сектор (член 1). Притоа, во член 3 од Законот се определува дека „за вработените во јавниот сектор се применуваат одредбите од овој закон, одредбите од посебните закони, прописите донесени врз основа на овој закон и посебните закони и со колективните договори“ (став 1) и дека „за прашањата кои не се уредени со овој закон, како и за прашања за кои овој закон не упатува на примена на посебен закон и на колективен договор, а се однесуваат на работниот однос на вработениот, се применуваат општите прописи за работните односи“ (став 2). Во врска со општите начела за вработените во јавниот сектор, Законот во Глава II ги утврдува тие начела (членовите 4-13), потоа во врска со класификацијата на работните места во јавниот сектор, Законот тоа го прави преку групи, подгрупи, категории и нивоа, во Глава III (членовите 14-17), во врска со евиденцијата на вработените во јавниот сектор, Законот тоа го уредува во Глава IV (членовите 18-20); видовите на вработувања во јавниот сектор се определени во Глава V од Законот (членовите 21-23), а општите права, должности и одговорностите и престанокот на работниот однос на вработените во јавниот сектор се уредени во Глава VI од Законот (членовите 24-41). Главата VII од Законот е посветена на мобилност на вработените во јавниот сектор (членовите 42-44). Оспорениот член 2 став 1 алинеја 2 од Законот за вработените во јавниот сектор определува дека „работодавачи во јавниот сектор, согласно со овој закон, се … и јавните установи и јавните претпријатија основани од …општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје“.

Имајќи ја предвид целината на Законот за вработените во јавниот сектор, произлегува дека со него се уредуваат правата и обврските од работниот однос во јавниот сектор, при што со овој закон се регулираат определени прашања од работниот однос и се утврдува дека на вработените во јавниот сектор се применуваат и одредбите од посебните закони и колективните договори, а на дел од вработените во јавниот сектор се применуваат општите прописи за работните односи, со тоа што одредбите од овој закон се однесуваат и на вработените во јавните установи и јавните претпријатија основани од општините. Таквите одредби имаат основа во член 32 став 5 од Уставот според кој „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“. Оттука произлегува дека уредувањето на општите начела и општите права и обврски од работниот однос на вработените во јавните установи и јавните претпријатија основани од општините, при важење и на одредбите од посебните закони и колективните договори, не може да се смета за повреда на локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок и на самостојноста на општината во одлучувањето и вршењето на дејности од јавен интерес со локално значење.

Во врска со делот од наводите во иницијативите дека Министерството за информатичко општество и администрација ќе донесувало акти за систематизација на работните места на вработените во општинските јавни претпријатија и ќе одлучувало за дисциплинската одговорност на работниците, вработувањето, оценувањето, распоредувањето и друго во јавните претпријатија основани од општините. Меѓутоа во член 17 став 7 од Законот за вработените во јавниот сектор, се определува дека „Актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места, раководното лице на институцијата го донесува по претходна согласност од Министерството за информатичко општество и администрација во однос на нивната меѓусебна усогласеност како и нивната усогласеност со одредбите од овој закон, како и од органот надлежен за давање согласност на актот утврден со закон или со друг пропис во однос на нивната усогласеност со тие закони или прописи.“ Според тоа, тој навод во иницијативите нема основа во Законот, па не може да се постави прашањето за уставноста на Законот од тој аспект на оспорување.

Во однос на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 154/2015) со него се уредува статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници (член 1 став 1), при што Законот најнапред ги определува работите кои се административни, а тоа се стручно-административни, нормативно-правни, извршни, статистички, административно-надзорни, плански, информатички, кадровски, материјални, финансиски, сметководствени, информативни и други работи од административна природа (член 2), а потоа во оспорениот член 3 став 1 алинеја 2 од Законот се утврдува дека „административен службеник е лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции: … јавни установи и јавни претпријатија основани од општините“. Оттука произлегува дека и овој закон исто така врши уредување на права и обврски од работен однос како и Законот за вработените во јавниот сектор, со што и Законот за административни службеници има основа во член 32 став 5 од Уставот, а со тоа и оспорената одредба од тој закон, поради што Судот смета дека со таквата законска одредба не се врши повреда на локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок и на самостојноста на општината во одлучувањето и вршењето на дејности од јавен интерес со локално значење, како што се наведува во иницијативите.

Во врска со наводите во иницијативата на ЈП Комуналец од Кичево дека целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2014) не е во согласност со Уставот, имајќи предвид дека во иницијативата не се изнесени причини поради кои се оспорува тој закон, произлегува дека има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2014
16.03.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева