У.бр.53/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16.03.2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 73 став 1 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира членот 104 ставови 2, 3 и 4 од Законот за работните односи и наведува дека во оваа одредба на работникот му била дадена можност да побара продолжување на договорот за вработување до неговата 67, односно 65 година возраст, но и покрај вака направените измени во работното законодавство, на судијата, со оспорената одредба, му престанувала функцијата со навршување на 64 години старост. Оттаму, основано се поставувало прашањето за согласност на оспорената одредба со уставно утврденото начело за еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот на Република Македонија.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 32 ставови 1, 2 и 5 од Уставот и се наведува дека од овие одредби произлегувало: право на работа за секого, слободен избор на вработувањето, достапност на работното место за секого под еднакви услови, како и тоа дека граѓаните во Република Македонија, во слободите и правата, се еднакви пред Уставот и законите, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Со други зборови, законодавецот имал уставна обврска при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на слободите и правата на работникот (судијата) и работодавачот, кои произлегуваат од работниот однос, вклучително и продолжувањето на договорот за вработување да ги стави во еднаква положба по наведените основи, па и по основ на општествената положба, судија, работник. Но, со оспорената одредба не било така, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок од членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, членот 9, членот 32 ставови 1, 2 и 5 и членот 51 од Уставот.

Имено, согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот во оспорената одредба не било застапено владеењето на правото, бидејќи судиите биле ставени во нееднаква положба во однос на останатите вработени во Република Македонија, при што требало да се има предвид дека Уставот на Република Македонија не дозволувал со закон поинаку да се утврдуваат слободите и правата, отколку што биле пропишани со Уставот. Оттаму, очигледно било и тоа дека оспорената одредба не била во согласност и со членот 51 од Уставот.

Покрај наведеното, требало да се има предвид дека судијата за време на мандатот е во редовен однос, но со неуставноста на оспорената одредба грубо се повредувало неговото право на работа, бидејќи бил дискриминиран во однос на другите вработени, а престанокот на мандатот со навршени 64 години не можел да значи и престанок на редовниот работен однос, па на него требале да се применат одредбите од Законот за работните односи. Судијата не бил функционер, туку тој со изборот добивал мандат за вршење на судиската функција.

Во иницијативата се посочува на донесената одлука на Уставниот суд У.бр.124/2008 од 14.01.2009 и донесеното решение У.бр.114/2014 од 01.04.2015, па врз основа на сето наведено се предлага по спроведената постапка оспорената одредба да се укине или поништи.

Воедно во иницијативата се предлага донесување на решение за привремена мерка поради постоење на тешко отстранливи последици, бидејќи судијата на кој ќе му престанел мандатот врз основа на оспорената одредба (навршени 64 години) не можел повторно да се врати на своето работно место, а како би требало да се изврши нов избор и доделување на нов мандат за вршење на судиската функција.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 73 став 1 од Законот за судовите, на судијата му престанува судиската функција, меѓу другото, со навршување на 64 години старост.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор (став 5).

Во член 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со точката 1 на Амандманот XXVI на Уставот заменет е ставот 3 на членот 99 од Уставот на Република Македонија. Според ставот 1 алинеја 3 од наведениот Амандман на Уставот, на судијата му престанува судиската функција, меѓу другото, ако ги исполни условите за старосна пензија.

Тргнувајќи од анализата на точката 1 на Амандманот XXVI на Уставот, произлегува дека уставотворецот определил уставен основ за престанок на судиската функција, помеѓу другото и со исполнување на условите за старосна пензија.

Условите за стекнување на старосна пензија се уредени со членот 18 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 173/2015 и 217/2015), според кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Анализата на оспорената одредба од Законот за судовите покажува дека во истата е предвиден престанок на судиската функција, со навршување на 64 години старост.

Ваквата законска уреденост во оспорената одредба егзистира во правниот поредок по интервентната одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.124/2008 од 14 јануари 2009 година, со која Судот ги поништи членот 66 став 1 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 111/2008) и членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008).

Имено, претходната формулација: „условите за старосна пензија“ во оспорените одредби, според ставот на Судот, доведувала до нееднаква правна положба на јавните обвинители, односно судиите во зависност од нивниот пол, бидејќи овозможувала престанок на јавнообвинителската и судиската функцијата на жените со навршени 62 години живот, во однос на мажите со навршени 64 години живот. Целосната имплементација на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, особено по однос на нивниот пол, според Судот води кон тоа жените и мажите да имаат исто уставно право, под исти услови да извршуваат јавна функција и под исти основи таа функција да им престане. Ова од причина што Уставот не дозволува полот да биде основ за вршење на функцијата, туку само стручноста, компетентноста и одговорноста на вршителите на јавна функција.

Оттаму, повикувањето во иницијативата на Одлуката на Судот У.бр.124/2008 од 14 јануари 2009 година е несоодветно. Истото се однесува и на решението У.бр.114/2014 од 01 април 2015 година со кое Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи. Имено, станува збор само за основано сомнение по однос на неговата согласност со Уставот, што значи дека не е донесена конечна одлука на Судот, а од друга страна начинот на кој постапката ќе заврши не е од значење за формирањето на став по однос на проблематиката што се третира во овој предмет.

Ова од причина што членот 104 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015 и 33/2015) во целина гласи: „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено. Оттаму, цитираниот член 104 став 2 од Законот за работните односи, на кој се повикува подносителот на иницијативата има супсидијарна примена во случаите кога со друг закон истата проблематика поинаку е уредена, како што е случајот со Законот за судовите.

Судот смета дека оспорената одредба не може да биде оценувана по однос на нејзината согласност со членот 32 ставови 1, 2 и 5 од Уставот, бидејќи одредбата не се однесува на правото на работа, слободниот избор на вработување, заштита при работа или достапност на работното место, кои одредби наоѓаат одраз при остварувањето на правото на вработување, но не и при престанокот на судиската функција со навршување на 64 години живот. Од друга страна, тоа што престанокот на судиската функција е уреден со оспорената одредба е во согласност со членот 32 став 5 од Уставот, бидејќи токму оваа уставна одредба предвидува остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредат со закон и со колективен договор.

Судот врз основа на направената анализа оцени дека оспорената одредба е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставови 1, 2 и 5 и член 51 од Уставот.

Оттаму, според Судот не се исполнети деловничките услови за донесување на решение за запирање на извршувањето согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.53/2015
16.03.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева