У.бр.5/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 24 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Божидар Тасевски од Куманово, застапуван од Адвокатското друштво Наумов, Менкиноски и партнери од Скопје, за заштита на слободите и правата што му биле повредени со Решението за денационализација, број 17-1217/62, донесено од Комисијата за денационализација на Министерството за финансии на 30 ноември 2000 година.

2. Божидар Тасевски од Куманово преку Адвокатското друштво Наумов, Менкиноски и партнери од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободи и права што му биле повредени со решението означено во точката 1 од ова решение.

Подносителот на барањето најнапред укажува на три судски пресуди поврзани со оспорениот акт: Пресудата 08 П1 45/12, донесена од Основниот суд во Куманово на 14 јуни 2013 година, Пресудата ГЖ.бр.-5397/13, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 5 март 2014 година и Пресудата Рев2.бр.584/2014, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 11 јуни 2015 година. Со првостепената пресуда се одбивало како неосновано неговото тужбено барање да му се признае правото на користење на 57 м2 неизградено градежно земјиште кое било дел од неговото дворно место, а во сопственост на Република Македонија, со второстепената пресуда се одбивала неговата жалба како неоснована и се потврдувала наведената првостепена пресуда и со Пресудата на Врховниот суд се одбивала неговата ревизија исто така како неоснована. Таквите пресуди го повредувале правото на Божидар Тасевски утврдено во Решението број 16411/1, донесено од Собранието на Општина Куманово на 24 јули 1968 година, со кое решение се вршела измена на друго решение (број 07-12009/1, донесено од Собранието на Општината на 12 мај 1965 година) и му се доделувало на него и на уште две други лица национализирано градежно неизградено земјиште на КП број 55/64 и 55/84 на користење. По таквото решение, подносителот на барањето бил воведен во владение со составување на записник, а на 9 декември 1997 година Одделението за премер и катастар во Куманово донел и решение во кое за носител на правото на КП број 22082, со површина од 367 м2 во кои се вклучени и спорните 57 м2 дворно место, се утврдувал Божидар Тасевски. Но, спротивно на правата од овие акти, Комисијата за денационализација на Министерството за финансии донела Решение број 17-1217/62 од 30 ноември 2000 година, со кое дел од КП број 55/64 во површина од 57 м2 градежно неизградено земјиште го вратила на наследниците на поранешниот сопственик по нивно барање, а потоа во посебна судска постапка покрената од нив против Катастарот во Куманово, стекнале право на сосопственост. Во таквата постапка не бил вклучен Божидар Тасевски, поради што не можел да ги изнесе своите правни аргументи или пак да побара трансформација на тоа земјиште од државна во приватна сопственост. Од тие причини, во 2011 година поднел тужба со барање да му се признае правото на користење на 57 м2 неизградено градежно земјиште, но со наведените пресуди му било одбиено тоа барање.

При таква состојба, подносителот на барањето предлага Уставниот суд да донесе решение со кое „се утврдува повреда на правото на сопственост на подносителот Божидар Тасевски со донесувањето на Решение за денационализација број 17-1217/62 на Република Македонија преку Министерството за финансии-Комисија за денационализација од 30 ноември 2000 година.“

3. Судот на седницата утврди дека Божидар Тасевски поднел жалба против Решението за денационализација донесено на 30 ноември 2000 година, која жалба била отфрлена со Решение бр.47-650/2 од 8 октомври 2002 година, и дека предмет на спор пред редовните судови било право на користење на градежно неизградено земјиште.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.“

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити наведените уставно утврдени слободи и права на човекот и граѓанинот, а од изнесената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека заштита на слободи и права по член 110 алинеја 3 од Уставот може да се бара во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт.

Со оглед на тоа што оспореното решение за денационализација се проблематизира по истекот на рокот од 2 месеци, како и што суштината на спорот се однесува на право на користење на градежно неизградено земјиште, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по таквото барање и дека има процесни пречки за постапување по барањето, поради што утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.5/2016
24 февруари 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева