У.бр.124/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 24 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 129, член 137 став 1, член 150 и член 151 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011, 187/2013).

2. Петар Баришиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата, оспорените законски одредби од Законот за извршувањето не било предвидено лично доставување на налозите за извршување до должникот или доверителот, со што било повредено уставното право на жалба од член 15 и член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 8 од Општата декларација за човековите права. Доколку налогот за извршување не се достави до должникот или доверителот, тогаш странките не можат да го остварат загарантираното право на жалба. Редовните судови жалбените наводи на засегнатите странки дека налогот за извршување не им бил доставен од страна на извршителот, ги одбивале како неосновани, затоа што според судовите оспорените одредби од Законот за извршување не го обврзувале извршителот да ги доставува налозите за извршување и до странките.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 129 од Законот за извршување, со налогот за извршување врз плата се определува забрана на определен дел од платата и му се наложува на работодавецот кој на должникот му ја исплатува платата, паричниот износ за кој е наложено извршувањето да му го исплати, односно да му го исплатува на доверителот.

Според оспорениот член 137 став 1 од Законот, извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко или правно лице, се спроведува така што со налог за извршување и се наложува на банката паричниот износ за кој е издаден налог за извршување да го исплати на сметката на извршителот предвидена во членот 35 став (4) од овој закон.

Во оспорениот член 150 од Законот за извршување, е утврдено дека врз уделот во трговско друштво извршувањето се спроведува со запленување на уделот, негова процена и продажба и намирување на доверителот.

Според оспорениот член 151 став 1 од Законот, запленување на удел се врши со доставување на налогот за заплена на уделот на трговското друштво кое води книга на удели. Со запленувањето доверителот се стекнува со заложно право на уделот.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај од иницијативата произлегува дека подносителот ги оспорува одредбите поради тоа што со нив не било определено лично доставување на налозите за извршување до доверителот или должникот, со што било повредено правото на жалба. Притоа во иницијативата не се наведени аргументи поради кои подносителот ја оспорува секоја од конкретните оспорени одредби, кои уредуваат различна проблематика (налог за извршување, извршување врз побарување по сметка кај банка, извршување врз удел, запленување на удел). Единствениот аргумент за противуставноста на сите четири оспорени одредби е дека со нив не била предвидена лична достава на налогот за извршување.

Поаѓајќи од овие наводи во иницијативата, од уставната одредба од членот 110 алинеја 1 како и од востановената уставно-судска практика, произлегува дека Уставниот суд ја оценува согласноста на законските одредби онакви какви што се дадени, односно во онаа содржина како што е предвидена во самиот текст на одредбата и дека нема надлежност да одлучува за тоа што еден закон или пропис не содржел, а требало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поради наведеното, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.124/2015
24.02.2016. гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева