Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 111 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 151/2014, 33/2015, 192/2015 и 215/2015).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.
Со неа системите за затоплување биле поделени на производство, дистрибуција и снабдување, а причината за ваквата поделба била содржана во истата одредба (сигурно, безбедно, непрекинато и квалитетно снабдување со топлинска енергија).
Член 121 од истиот закон, не предвидувал ваква поделба за системите за топлинска енергија кај кои вкупната инсталирана моќност на потрошувачите била помала од 80 MW.
На овој начин, оспорената одредба предвидувала поделбата на производство, дистрибуција и снабдување на системите за затоплување да се однесува само на големите претпријатија, но не и на малите претпријатија со што била спротивна на темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и на членовите 51 и 55 став 2 од Уставот со кои се обезбедувала еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Во иницијативата е дадено пошироко образложение, каде се наведува дека оспорената одредба се однесувала само на поголемиот систем на затоплување („системот на скопска топлификација“) и даден е опис според подносителот на иницијативата, на процесот на „либерализација“ на пазарот на топлинска енергија во Република Македонија кој резултирал со зголемување на приходите само на наведениот систем на затоплување.
3. Судот на седницата утврди дека според член 111 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 151/2014, 33/2015, 192/2015 и 215/2015), заради сигурно, безбедно, непрекинато и квалитетно снабдување со топлинска енергија на потрошувачите на своето подрачје единиците на локалната самоуправа се должни да овозможат извршување на следниве енергетски дејности: 1) производство на топлинска енергија; 2) дистрибуција на топлинска енергија и 3) снабдување со топлинска енергија.
4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Согласно член 121 став 1 од Законот за енергетика, носителот на лиценца за дејноста регулирано производство на топлинска енергија не може да биде носител на лиценца за дејностите дистрибуција на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија. Според став 2 од истиот член, носителот на лиценца за дејноста дистрибуција на топлинска енергија не може да биде носител на лиценца за дејностите производство на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија. По исклучок од одредбите на ставовите 1 и 2 на овој член, ако во еден систем за топлинска енергија вкупната инсталирана моќност на потрошувачите е помала од 80 MW лиценците за вршење на дејностите за производство или регулирано производство на топлинска енергија, оператор на системот за дистрибуција на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија можат да му бидат доделени на едно лице (став 3).
Член 111 од Законот за енергетика кој е овде оспорен, претходно бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд на Република Македонија, кој со Решението У. бр. 96/2013 од 28.05.2014 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 алинеја 5 во делот: „пазар на топлинска енергија“ и Поглавје VIII „Пазар на топлинска енергија“ со членовите 111, 112, 113, 114, 115, 116, 117, 118, 119, 120 и 121 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011).
Во овој предмет, Судот одлучувал по иницијатива на подносителот на предметната иницијатива, при што оценил дека оспорените одредби од Законот, ценети од аспект на наводите во иницијативата, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 9, член 114 став 1, Амандманот XVI, Амандманот XVII од Уставот, член 115 став 2 и членот 117 ставови 1 и 4 од Уставот на Република Македонија.
Горенаведените одредби од Законот за енергетика се оспорувале поради тоа што прогласувале „некаков си“ пазар на топлинска енергија, за што немало техничка и друга основаност и на единиците на локалната самоуправа им била укината оваа надлежност (иако било прашање од локално значење и интерес) и целосно била пренесена на органот на централната јавна власт – Регулаторната комисија за енергетика. Локалната самоуправа со оспорените одредби немала никаква улога во снабдувањето со топлинска енергија, освен што градоначалникот добивал годишни извештаи за продадената количина на енергија, согласно член 118 став 5 од Законот за енергетика.
Од друга страна, како причина поради која овде се оспорува член 111 од Законот за енергетика е тоа што предвидувал поделба на производство, дистрибуција и снабдување на системите за затоплување да се однесува само на големите претпријатија, но не и на малите претпријатија, при што како поткрепа на ваквиот навод е цитиран и член 121 од истиот закон, кој пак не предвидувал ваква поделба за системите на топлинска енергија кај кои вкупната инсталирана моќност била помала од 80MW.
Ваквиот навод на содржината на оспорената одредба е погрешен, бидејќи со неа се утврдува должност за единиците на локалната самоуправа на своите подрачја да овозможат извршување на енергетските дејности: производство на топлинска енергија; дистрибуција на топлинска енергија; и снабдување со топлинска енергија, а заради сигурно, безбедно, непрекинато и квалитетно снабдување со топлинска енергија на потрошувачите, без притоа да се определи дека ваквата поделба се однесува исклучиво на големите претпријатија.
Погрешното толкување на оспорената одредба, го прави беспредметно и цитирањето на член 121 од Законот за енергетика во иницијативата, кој не се однесува на поделбата на системите за топлинска енергија како што се наведува, туку уредува дека носителот на лиценца за дејноста регулирано производство на топлинска енергија не може да биде носител на лиценца за дејностите дистрибуција на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија, односно дека носителот на лиценца за дејноста дистрибуција на топлинска енергија не може да биде носител на лиценца за дејностите производство на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија (став 1 и 2). Притоа овој член, содржи исклучок од овие два става, односно лиценците за вршење на дејностите за производство или регулирано производство на топлинска енергија, оператор на системот за дистрибуција на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија можат да му бидат доделени на едно лице, под услов ако во еден систем за топлинска енергија вкупната инсталирана моќност на потрошувачите е помала од 80 MW (став 3).
Имајќи го во предвид ова, произлегува дека овие наводи не можат да бидат основ за уставно проблематизирање на оспорениот член 111 од Законот за енергетика, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на законската норма со одредбите од Уставот, а не како во случајот, од гледна точка на содржината која подносителот на иницијативата смета дека ја има.
Бидејќи Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба, а не постојат основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
Притоа, Судот имаше во предвид дека содржината на оспорената одредба не е променета со измените и дополнувањата на Законот за енергетика кои се донесени по погоре цитираното Решение на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.96/2013 од 28.05.2014 година.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.104/2015
18 февруари 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева