Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.70/1992), на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром-Скопје, донесена од Советот на Општина Аеродром на 28 јануари 2014 година („Службен гласник на општина Аеродром“бр.3/2014).
2. Пандора Тошева, Слободанка Танурова и Даница Георгиевска, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
а/ Во иницијативата најнапред се наведува дека на 28 август 2013 година Општина Аеродром со одлука го утврдила Нацрт-ДУП за наведената четврт, а потоа била спроведена јавна презентација, на која бил изложен Нацрт-планот, и била организирана јавна анкета која траела 10 работни дена. Во табеларниот дел на изложениот Нацрт-план биле дадени погрешни податоци за изградената површина во три блока од четвртот И 11 (Блок 9, Блок 11 и Блок 12) и тие податоци не одговарале на графичкиот приказ, поради што граѓаните дале забелешки во анкетните листови, а претставниците на Општината изјавиле дека погрешните податоци во табелите биле техничка грешка. Граѓаните потоа биле повторно повикани во Општината и им било соопштено дека ќе била дадена нова верзија за дел од Нацрт-планот, заради што сопствениците на катастарските парцели, чии куќи ќе биле пренаменети во станбени згради, требало да се изјаснат со кои соседни катастарски парцели се согласни да се спојат нивните катастарски парцели за да се формираат градежни парцели за изградба на станбени згради. Во таа смисла, набргу по јавната презентација била спроведена дополнителна презентација, на која биле изложени еден до друг утврдениот Нацрт-план со погрешните податоци во табелите, од една страна, и скица со нова верзија за дел од трите блока од Нацрт-планот, за кој дел се однесувале погрешните податоци и кој дел биле катастарски парцели и куќи во приватна сопственост, од друга страна. Новата верзија за делот од трите блока бил потполно различен нацрт-план во однос на претходно утврдениот Нацрт-план, односно новата верзија била сосема нов нацрт-план. Во врска со тоа, подносителите на иницијативата доставиле до Уставниот суд два прилога, едниот за утврдениот Нацрт-план кој бил изложен на првата јавна презентација, а другиот за скицата со новиот нацрт-план изложен на дополнително спроведената јавна презентација. Притоа, на дополнителната јавна презентација на граѓаните им било кажано дека треба повторно да поднесат забелешки и да се изјаснат за тоа кој нацрт-план го прифаќаат, а истовремено претставниците на Општината предложиле рок од 2 работни дена за поднесување на забелешки и предлози, но, по кратко натегање, граѓаните издејствувале уште 2 дена повеќе, иако тоа било помалку од 10 работни дена определени во член 24 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Поради тоа, како и затоа што забелешките и предлозите не биле доставени на анкетни листови и што Законот не предвидувал произнесување на граѓаните по алтернативни верзии на нацрт-план туку само по утврден Нацрт-план, ниту пак граѓаните имаат законска основа за прифаќање или неприфаќање односно за надгласување по различни нацрт планови, таквата дополнителна јавна презентација и јавна анкета не биле во согласност со наведената законска одредба.
По спроведувањето на дополнителната јавна презентација, постапувајќи по инструкциите на претставниците на Општината, граѓаните доставиле забелешки, но тие не биле изнесени на анкетни листови, а барањата на граѓаните, да им се стават приемни печати на нивните поднесени забелешки, биле одбиени и не биле заведувани во книга за евиденција. Имено, по спроведувањето на првата јавна презентација, граѓаните ги давале своите забелешки на анкетни листови, на кои бил ставан приемен печат и кои биле заведувани во книга за евиденција, при што сето тоа се правело во просториите на УЗ Мичурин и се предавало на определено надлежно лице, а по спроведувањето на дополнителната јавна презентација надлежното лице во просториите на УЗ Мичурин само ги собирало поднесуваните забелешки, кои не биле на анкетни листови, на кои не се ставал приемен печат и не се заведувале во книга за евиденција, а образложението за таквото постапување било дека тоа е истата анкета и дека немало потреба од такви нови дејствија. Поради тоа, таквото постапување по спроведувањето на дополнителната јавна презентација не била во согласност, покрај со Законот за просторно и урбанистичко планирање, и со членовите 9 и 14 од Уредбата за канцелариско и архивско работење („Службен весник на Република Македонија“бр.58/1996), која била во важност во тоа време.
По спроведувањето на двете јавни презентации, официјалната и дополнителната, и спроведената јавна анкета, на анкетни листови и без нив, Стручната комисија на Општината доставила одговори до лицата кои поднеле забелешки, но одговорите не биле целосни. Имено, Комисијата не дала образложение за прифаќање или неприфаќање на сите забелешки поднесени од граѓаните, туку само на некои забелешки, а имало случаи кога било дадено образложение иако немало забелешки за нешто. Покрај тоа, Комисијата дала одговори само на забелешките изнесени на анкетните листови, а не и на забелешките изнесени дополнително и насловени како претставки иако во одделни претставки биле дадени забелешки на кои Комисијата дала одговори. Таквото постапување на Комисијата, исто така, не било во согласност со член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој комисијата е должна писмено да го образложи прифаќањето или неприфаќањето на сите забелешки. Во врска со тоа, подносителите на иницијативата доставиле пример од нивен приговор, по кој добиле известување од Општината, но во кој немало одговор на нивните забелешки, туку само известување дека поради зголемен обем на измени во Нацрт-планот, ќе се спровела втора јавна анкета. Потоа следувала втора јавна анкета по Нацрт-планот, но овој пат, за делот од трите блока (Блок 9, Блок 11 и Блок 12), на граѓаните им бил презентиран алтернативниот нацрт-план, а во останатиот дел од Нацрт-планот немало поголеми промени. Според тоа, втората јавна анкета не била организирана поради прифатени забелешки на граѓаните изнесени на претходната јавна анкета, а кои предизвикале значајни промени во Нацрт-планот, во кој случај Законот предвидувал можност за повторно спроведување јавна презентација и јавна анкета, туку новата јавна анкета била спроведена врз основа на алтернативниот нацрт план, кој се однесувал за делот од трите блока и кој план бил презентиран на дополнителната јавна презентација, па таквото повторно спроведување на јавна презентација и јавна анкета не било во согласност со член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во иницијативата, понатаму, се наведува дека седмиот примерок од донесениот план не бил заверен, ниту изложен кај донесувачот на Планот заради достапност на јавноста, а не бил ни картиран на хамер или астралон во рок од 30 дена од неговото донесување, но сепак Планот почнал да се применува, со што донесувањето на оспорената одлука не било во согласност ниту со член 27 ставовите 4, 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Подносителите на иницијативата наведуваат дека со замената на официјалниот Нацрт-план со нов нацрт во делот на трите блока, сопствениците на парцелите добиле само пренамена на станбените куќи во станбени згради, а вкупно изградената станбена површина за најголемиот број сопственици на парцели останала скоро иста или занемарливо зголемена во однос на претходно важечкиот детален урбанистички план кога објектите биле со намена станбени куќи. Со тоа, замената на официјалниот Нацрт-план драстично ја намалила површината и висината за градење во делот од трите блока односно коефициентот на искористеност на земјиштето и густината на населеност во тој дел биле драстично помали во споредба со другите блокови. Според тоа, новиот нацрт не ги третирал еднакво сите блокови и парцели, туку блоковите и парцелите со помала површина имале многу поголема изграденост во однос на блоковите и парцелите со голема површина. На тој начин граѓаните од наведените три блока биле ставени во нееднаква положба и биле дискриминирани во однос на другите граѓани, а тоа не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, се смета дека оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 10 и член 9 став 2 од Уставот, како и со член 24 ставовите 1, 4, 8 и 9 и член 27 ставовите 4, 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Подносителите на иницијативата сметаат дека од така донесениот детален урбанистички план можело да настанат тешко отстранливи штетни последици, поради што бараат Судот да донесе времена мерка со која ќе ги запре од извршување сите поединечни акти и дејствија донесени врз основа на оспорената одлука, до донесување на конечна одлука.
б/ На 18 мај 2015 година подносителите на иницијативата доставија поднесок до Уставниот суд насловен како „Прилог кон Иницијативата“, во кој наведуваат дека меѓу Нацрт-планот утврден од Општината, по кој била спроведена првата јавна презентација и јавна анкета, и донесениот ДУП, била јасно видлива големата разлика во делот од трите блока (Блок 9, Блок 11 и Блок 12), при што разликата настанала поради вметнатата скица со нов нацрт план, која била презентирана дополнително после првата јавна презентација и јавна анкета и по која скица граѓаните дале забелешки во вид на претставки кои не биле регуларно евидентирани и на кои не биле дадени одговори. Вметнатата скица била крајно неповолна и неприфатливо решение за граѓаните, но Општината ја вметнала и организирала втора јавна презентација и јавна анкета, иако таа постапка не била последица на прифатените забелешки од првата јавна презентација на утврдениот Нацрт-план и на првата јавна анкета спроведена преку анкетните листови. Таквата постапка не била во согласност со член 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Покрај тоа, во поднесокот се наведува дека донесениот Детален урбанистички план, и покрај усните и писмените барања на граѓаните, не бил изложен кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста туку според член 6 од Одлуката се чувал во архивата на Општината и кај спроведувачот-Секторот за урбанизам, потоа седмиот примерок не бил заверен, ниту пак Општината извршила картирање на планот на хамер или астралон во рок од 30 дена, а почнала примената на Планот, поради што оспорената одлука не била во согласност со член 27 ставовите 4, 6 и 7 од Законот.
в/ На 11 јуни 2015 година Слободанка Танурова, една од трите подносителки на иницијативата, достави поднесок до Уставниот суд насловен исто така „Прилог кон Иницијативата“, кон кој ги приложува табелите со погрешните податоци, обележани со маркер, за изградената површина во Блок 9, Блок 11 и Блок 12 од Нацрт-планот кој бил изложен на првата јавна презентација и јавна анкета, како и графичкиот приказ со објектите на кои се однесувале погрешните податоци, исто така обележани со маркер. Притоа, во поднесокот се наведува дека од приложените табели и графичкиот приказ произлегува дека: 1.во Блокот 9, на градежната парцела 9.1. била прикажана катност на објектот П+6 и висина од 21,0 м. со површина за градење 3.554 м2 и вкупна површина по катови 12.665 м2, што значело дека за таквата површина за градење-3.554 м2 и вкупна површина по катови-12.665 м2, катноста на објектот можела да биде П+3, не П+6, или пак за објектот П+6 со наведената површина за градење-3.554 м2 вкупната површина по катови требало да биде 24.872 м2, не 12.665 м2; на градежната парцела, пак, 9.2. била прикажана катност П+6 со површина за градење 3.503 м2 и вкупна површина по катови 12.542 м2, што значело дека за таквата површина за градење-3.503 м2 и вкупна површина по катови-12.542 м2, катноста на објектот можела да биде П+3, не П+6, или за објектот П+6 со наведената површина за градење-3.503 м2 вкупната површина по катови требало да биде 24.521 м2, не 12.542 м2; со тоа, и вкупната збирна површина по катови во табелите за Блок 9 погрешно биле прикажани-61.743 м2, наместо 79.422 м2; 2.во Блокот 11, на градежната парцела 11.1. била прикажана катност на објектот П+6 и висина од 21,0 м. со површина за градење 4.722 м2 и вкупна површина по катови 15.839 м2, што значело дека за таквата површина за градење-4.722 м2 и катност П+6 вкупната површина по катови требало да изнесува 33.054 м2, не 15.839 м2; со тоа, и вкупната збирна површина по катови во табелите за Блок 11 погрешно биле прикажани-45.408 м2, наместо 70.252 м2; 3.во Блокот 12, на градежната парцела 12.1. површината за градење била 1.564 м2 и вкупна површина по катови 8.977 м2, наместо 10.946 м2 за објект П+6 со површина за градење-1.564 м2; на градежната парцела 12.3. површината за градење била 1.552 м2 и вкупна површина по катови 6.770 м2, наместо 10.864 м2 за објект П+6 со површина за градење-1.552 м2; со тоа, и вкупната збирна површина по катови во табелите за Блок 12 погрешно биле прикажани-41.850 м2, наместо 53.480 м2. Значи, во утврдениот Нацрт-план за наведените блокови и градежни парцели биле предвидени објекти П+6, а во скицата или алтернативниот нацрт-план објектите биле со висина П+3+Пк.
Во поднесокот, понатаму, се наведува дека скицата, паралелно со утврдениот Нацрт-план, биле изложени на дополнителна презентација, при што во утврдениот Нацрт-план погрешните табели воопшто не биле корегирани, а во алтернативниот нацрт план објектите на наведените градежни парцели и блокови биле прикажани со драстично намалена висина и површина за градење. На усните укажувања од граѓаните, претставниците на Општината упорно тврделе дека се работи за техничка грешка, а на писмените приговори во врска со погрешните табели, не се осврнале, ниту ги корегирале, туку од граѓаните барале да се изјаснат за тоа кој нацрт план го прифаќаат. Инаку, на погрешните табели граѓаните реагирале со писмени поднесоци до Општината уште на првата јавна презентација и јавна анкета, за што до овој суд е доставен еден таков приговор, но тоа воопшто не било коментирано, ниту корегирано. Таквата постапка на донесување на ДУП-от (на утврден Нацрт-план паралелно изложување на алтернативен нацрт план, давање рок од 4 работни дена за забелешки на граѓаните по сосема нов нацрт план, …) не било во согласност со член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
По спроведувањето на дополнителната јавна презентација, забелешките на граѓаните дадени во вид на претставки никаде не биле заведувани, а потоа Стручната комисија, дури на 16 октомври 2013 година односно после повеќе од месец дена од завршувањето на јавната анкета, одговорила само на анкетните листови, но сепак дала формални одговори на претставките доставени по втората јавна презентација, во кои се барало зголемување на висината на објектите, со кусо известување дека забелешката не се прифаќа. Со оглед дека на дополнителната презентација било побарано од граѓаните да дадат забелешки во вид на претставки, на кои Општината не дала одговори иако на граѓаните им бил изложен потполно нов нацрт-план, бил повреден член 5 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на Република Македонија“бр.82/2008 и 13/2013) според кој органот кој постапува по претставките и предлозите бил должен по приемот да ја евидентира претставката односно предлогот, веднаш да ја земе во работа, да ја разгледа и по неа да постапи во согласност со овој закон. Според тоа, целокупната постапка околу донесувањето на скицата со нов, потполно различен нацрт план, и се она што следело по него, било потполно незаконито.
Во поднесокот се наведува и тоа дека претходниот ДУП, за спорната четврт, бил донесен во јуни 2012 година и тоа во време кога истекувал периодот на важност на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2002-2012 и кога веќе била започната постапка за донесување на нов Генерален урбанистички план за период 2012-2022, а што и било познато на Општината. Но, и покрај тоа, таа започнала нова постапка за донесување на ДУП за четврт И 11, при што со него била направена само пренамена на станбените куќи во станбени згради и со изградена површина на приватните градежни парцели со еднаква или занемарливо зголемена површина за градење, со што донесениот ДУП за четврт И 11 не ги почитувал потребите и интересите на сопствениците на парцели и ги дискриминирал во однос на другите граѓани.
г/ На 3 јули 2015 година Слободанка Танурова достави нов поднесок до Уставниот суд, насловен исто така „Прилог кон Иницијативата“, со кој прецизира некои бројки од нејзиниот поднесок од 11 јуни 2015 година. На пример, за Блок 9, на градежната парцела 9.1. во претходниот поднесок било наведено дека вкупната површина по катови изнесува 24.872 м2, а требало да стои 24.878 м2 (3.554 м2 х П+6 односно х 7 = 24.878 м2), …). Потоа во поднесокот се наведува дека погрешно дадените податоци во табелите од утврдениот Нацрт-план не биле случајно погрешени, ниту биле техничка грешка како што изјавувале претставниците на Општината, туку тоа било направено со цел Планот да поминел како таков ако никој не забележел дека вкупно изградената површина по катови не соодветствува на катност П+6. Но, граѓаните забележале дека податоците во табелите биле погрешни и реагирале писмено и усно, но „техничката грешка“ не била исправена, туку утврдениот Нацрт-план со погрешните податоци бил изложен на дополнителна презентација, заедно со скица на нова верзија на планот, која се однесувала само на парцелите и објектите за кои биле дадени погрешни податоци, па потоа скицата била вметната на нерегуларен начин и во постапка која не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
3. Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:
– на 20 август 2013 година Советот на Општина Аеродром го утврди Нацрт-планот, евидентиран во Општината под бр.07-293/39 на 21 август 2013 година;
– на 22 август 2013 година градоначалникот на Општината донесе Решение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот, евидентирано во Општината под бр.08-7350/1 на 23 август 2013 година; Во Решението се наведува дека организирањето на јавна презентација и јавна анкета ќе биде објавено во две дневни гласила преку соопштение (член 2), дека Нацрт-планот ќе биде изложен во просториите на УЗ Мичурин и дека јавна презентација ќе се одржи на 30 август 2013 година во 14 часот (член 4), дека јавната анкета ќе трае 10 работни дена од денот на објавувањето на соопштението и тоа од 29 август до 12 септември 2013 година (член 3), а заинтересираните граѓани и правни лица во предвидениот рок на анкетни листови ќе можат да ги дадат своите забелешки (член 5);
– на 23 август 2013 година градоначалникот на Општината издаде Соопштение за спроведување на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот, евидентирано во Општината под бр.08-7350/2 на 23 август 2013 година; Според Соопштението, јавната презентација се закажува за 30 август 2013 година во просториите на УЗ Мичурин со почеток во 14 часот, а јавната анкета по Нацрт-планот трае 10 работни дена, од 29 август 2013 година заклучно со 12 септември 2013 година секој работен ден од 9,30 до 17,30 часот, при што анкетните листови за учество во јавната анкета можат да се добијат кај надлежно лице во просториите на УЗ Мичурин и граѓаните можат да достават писмени забелешки, предлози и мислења на тие листи кај истото надлежно лице и во тие простории;
– на 27/28 август (вторник/среда) 2013 година беше објавено соопштението на градоначалникот на Општината во дневните весници „Вест“ и „Нова Македонија“;
– на 30 август 2013 година беше одржана јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот, на која присуствуваа 50-тина граѓани;
– на 23 септември 2013 година Стручната комисија, составена од три члена, изработи Извештај за постапување по одржана јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, евидентиран во Општината под бр.23-5797/1 на 23 септември 2013 година; Извештајот содржи два дела: 1. Записник од одржаната јавна презентација, и 2. Записник од јавната анкета, а во рамките на овој дел се изнесени забелешките доставени од граѓаните на 41 анкетен лист и одговорите на Комисијата по нив со образложение за прифаќање и неприфаќање на забелешките, при што се прифатени повеќе од 25 забелешки;
– на 4 октомври 2013 година Стручната комисија донесе Заклучок за повторување на постапката по Нацрт-планот, евидентиран во Општината под бр.23-5797/3 на 4 октомври 2013 година; Во Заклучокот се наведува дека „при разгледување на анкетните листови за Деталниот урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром – Скопје, (Комисијата) оцени дека Нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета, претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулационите линии, промена на намена на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот). Согласно став 10 член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12 и 55/13) градоначалникот на Општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Комисијата заклучи дека за Нацрт-планот мора да се спроведе втора јавна презентација и јавна анкета. Поради тоа, градоначалникот на Општина Аеродром за Нацрт-планот со вградени забелешки во планот, по втор пат треба да спроведе јавна презентација и јавна анкета, задолжително објавени со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, согласно став 11 член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12 и 55/13)“;
– на 21 октомври 2013 година Советот на Општина Аеродром донесе „Заклучок за усвојување на Информација од Одделение за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за повторување на постапка по Нацрт на ДУП за четврт И 11, општина Аеродром во Скопје, и потреба од донесување на Заклучок за повторно спроведување на јавна анкета и јавна презентација“, евидентиран во Општината под бр.07-390/10 на 24 октомври 2013 година;
– на 24 октомври 2013 година градоначалникот на Општината донесе Решение за организирање на втора јавна презентација и јавна анкета по Нацртот-ДУП, евидентирано во Општината под бр.23-6292/1 на 24 октомври 2013 година; Во Решението се наведува дека се организира втора јавна презентација и јавна анкета по Нацртот на ДУП за четврт И 11 (член 1), соопштението за тоа ќе биде објавено во две дневни јавни гласила (член 2), јавната презентација ќе се одржи на 1 ноември 2013 година во 14 часот во просториите на УЗ Мичурин и таму ќе биде изложен Нацртот на планот (член 4), јавната анкета ќе трае 10 работни дена од денот на објавувањето на соопштението и тоа е од 29 октомври до 11 ноември 2013 година (член 3), а заинтересираните граѓани и правни лица во предвидениот рок и на анкетни листови ќе можат да ги дадат своите забелешки (член 3);
– на 24 октомври 2013 година градоначалникот на Општината издаде Соопштение за спроведување на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот, евидентирано во Општината под бр.23-6292/2 на 24 октомври 2013 година; Според Соопштението, јавната презентација ќе се одржи на 1 ноември 2013 година во 14 часот во просториите на УЗ Мичурин и таму ќе биде изложен Нацрт-планот, јавната анкета ќе трае 10 работни дена од 29 октомври 2013 година заклучно со 11 ноември 2013 година и во тој рок заинтересираните физички и правни лица ќе можат да дадат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетни листови кои можат да се добијат во наведените простории од надлежно лице и на кое лице можат да се предадат пополнетите анкетни листови;
– на 25 октомври (петок) и на 28 октомври (понеделник) 2013 година беше објавено соопштението на градоначалникот на Општина Аеродром во дневните весници „Вест“ и „Нова Македонија“;
– на 1 ноември 2013 година беше одржана јавна презентација по втор пат по Нацрт-планот, на која присуствуваа 30-тина граѓани;
– на 20 ноември 2013 година Стручната комисија изработи Извештај за постапување по одржана по втор пат јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, евидентиран во Општината под бр.23-6767/1 на 20 ноември 2013 година; Извештајот содржи два дела: 1. Записник од одржаната по втор пат јавна презентација, и 2. Записник од јавната анкета, а во рамките на овој дел се изнесени забелешките доставени од граѓаните на 60 анкетни листови и одговорите на Комисијата по нив со образложение за прифаќање и неприфаќање на забелешките;
– на 18 декември 2013 година Општина Аеродром прими акт, евидентиран во Општината под бр.23-7173/2, со кој градот Скопје-Сектор за планирање и уредување на просторот дава позитивно мислење по Предлог-планот за четврт И 11, Општина Аеродром, поради негова усогласеност со Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022;
– на 28 јануари 2014 година Министерството за транспорт и врски издаде Согласност на Предлог-ДУП за четврт И 11, Општина Аеродром, евидентирана во Министерството под бр.14-1610 на 24 јануари 2014 година;
– на 28 јануари 2014 година Советот на Општина Аеродром го донесе Деталниот урбанистички план за четврт И 11, Општина Аеродром – Скопје, со Одлука евидентирана во Општината под бр.0701; Според член 4 од Одлуката, „Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на Општина Аеродром“, според член 5 „Советот на Општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или на астралон“, а според член 6 „донесениот Детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои: еден се чува во архива на донесувачот на планот, а еден кај органот што го спроведува-Сектор за комунални работи, урбанизам и заштита на животна средина.“
4. Според член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012 и 55/2013), кој важеше во време на донесувањето на оспорената одлука, „по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село, и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета“ (став 1). Според став 2 од истиот член, „Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот“, а според став 3 „За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај“. Во ставот 4 се определуваше дека „За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение“. Според став 5 од член 24 на Законот, „Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа“, а според став 6 „Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината“. Ставот 7 на член 24 од Законот пропишуваше дека „Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање“. Според ставот 8, „Извештајот од ставот 7 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот“, а според ставот 9 „Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 7 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози“.
Во член 24 став 10 од Законот се определуваше дека „Доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.“ Според став 11 од истиот член на Законот, „Времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.“
Од изнесените законски одредби, а во врска со аспектите на оспорувањето на конкретната одлука, произлегува дека, во ситуација кога нацртот на планот претрпел значајни промени околу опфатот, регулационите линии, намената на земјиштето и промени во поголем обем на другите параметри утврдени во нацртот на планот, а што се оценува од стручната комисија формирана од градоначалникот на општината, градоначалникот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета по нацрт-планот со вградените забелешки (став 10), при што повторната постапка се спроведува така што се објавува соопштение во најмалку две јавни гласила за времето и местото каде ќе биде изложен планот, во кој се содржани податоците, местоположбата и опфатот на планот, и во кое соопштение се даваат податоци за спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета.
Во конкретниот случај, на 4 октомври 2013 година Стручната комисија донесе Заклучок за повторување на постапката по Нацрт-планот, кој е евидентиран во Општината под бр.23-5797/3 и за тој заклучок беше информиран Советот на Општина Аеродром, кој пак на 21 октомври 2013 година донесе свој Заклучок за усвојување на Информацијата од Одделение за урбанизам и подготовка на урбанистички планови за повторување на постапката по Нацрт на ДУП за четврт И 11, евидентиран во Општината под бр.07-390/10. Потоа, градоначалникот на Општината на 24 октомври 2013 година донесе Решение за организирање на втора јавна презентација и јавна анкета по Нацртот на планот, евидентирано под бр.23-6292/1, издаде и објави соопштение за тоа во две јавни гласила-„Вест“ од 25 октомври 2013 година и „Нова Македонија“ од 28 октомври 2013 година, по што на 1 ноември 2013 година беше организирана втора јавна презентација, а од 29 октомври до 11 ноември 2013 година беше организирана втора јавна анкета, и на забелешките изнесени од граѓаните на анкетните листови Стручната комисија изработи Извештај со образложение, евидентиран под бр.23-6767/1 од 20 ноември 2013 година. Според тоа, Судот оцени дека втората јавна презентација и јавна анкета беше спроведена како последица на прифатените забелешки од граѓаните, изнесени во анкетните листови по првата јавна анкета, а не како последица на некој друг, нов нацрт план за наведената четврт. Поради тоа, Судот утврди дека повторената постапка има основа во член 24 ставовите 10 и 11 од Законот, во време на нивното важење, па не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 24 од Законот, а со тоа ниту за согласноста на Одлуката со членовите 8 и 9 од Уставот, на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.
5. Во однос на согласноста на Одлуката со член 27 од Законот, имајќи ги предвид наводите во дописот на Општината и содржината на членовите 4, 5 и 6 од оспорената одлука, според кои Планот се заверува со печат и потпис на претседавачот на Советот на Општината, дека Советот има обврска да го картира Планот на хамер или астралон и дека Планот се заверува во седум примероци од кои еден примерок се чува во архивата на Општината и друг примерок се чува кај Секторот за урбанизам заради спроведување, а не дека нема седум примероци и дека седмиот примерок не е достапен на јавноста како што се наведува во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката и со наведениот член од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Со оглед на тоа што нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, Судот утврди дека не се исполнети условите, за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Одлуката, утврдени во член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, бидејќи нема неуставен и незаконит акт кој би можел да предизвика тешко отстранливи последици.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.35/2015
10 февруари 2016 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева