У.бр.70/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 03 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 137 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

2. Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 137 став 2 од Законот наведен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од ставот 2 на член 137 се создавала правна фикција на извршена уредна достава на писмено, кое морало лично да се достави до странката и кое по својот карактер било од поголема важност за странката и со кое требало да се постапува со голема претпазливост и внимание.

Во иницијативата се наведува дека целта која што сакал да ја постигне законодавецот со определување на оваа правна фикција на извршена уредна достава било да се оневозможи на одреден начин евентуално избегнување на приемот на писмената и спречување на евентуални злоупотреби во смисла на одолговлекување на постапките и слично. Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле јасни и прецизни, туку биле недвосмислени правни норми со кои сериозно се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните. Доколку се анализирала оспорената одредба можело да се заклучи дека рокот од осум дена за прием на писменото кое морало лично да се достави до странката започнувал да тече од моментот кога било оставено известување до странката на која и било упатено писменото, а истата не била пронајдена за да и биде лично доставено. Во иницијативата се поставува прашањето како тоа од една страна странката не била пронајдена со цел да и се врачи писменото, а од друга страна и се оставало известување со цел да го подигне истото во рок од осум дена со напомена доколку истото не го подигне во тој рок, доставувањето ќе се сметало како неуспешно извршено. Според наводите во иницијативата ова било апсурдна правна ситуација без нималку правна логика, односно дека се создавала можност за арбитрерност и несигурност во постапувањето од страна на самите доставувачи на писмената кои паушално наведувале дека оставиле известување.

Исто така, во иницијативата е наведено дека оваа пракса особено била присутна кај доставувањето на писмена од страна на нотарите согласно доверената надлежност да постапуваат и одлучуваат во постапките со издавање на платен налог кога по истекот на роковите се предизвикувале одредени правни последици за странките во смисла на настанување на промени и престанок на права и обврски, без притоа странката и воопшто да биде запознаена и свесна за тоа. Понатаму во иницијативата е наведено дека странките во разни животни ситуации директно се соочувале со присилно извршување бидејќи се сметало дека доставувањето било успешно извршено и на тој начин биле ставени во незавидна положба да претрпат повеќе штета која подоцна многу тешко би можело да се утврди и надомести. Во иницијативата се предлага Уставниот суд да ги земе во предвид и сериозно да ги анализира укажувањата содржани во иницијативата и согласно својата надлежност да донесе решение со кое ќе поведе постапка за оценување на основаноста на истите од причина што со одредбите на член 137 став 2 од Законот за парнична постапка не биле во соглaсност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 137 став 1 од Законот за парничната постапка, тужба, платен налог, вонреден правен лек, пресуда, решение донесено во постапка поради смеќавање на владение, како и решение против кое е дозволена посебна жалба, ќе се достават лично до странката која е физичко лице, односно до нејзиниот законски застапник, односно полномошник. Другите писмена ќе се достават лично кога тоа со овој закон изречно е определено или кога судот смета дека поради приложените исправи во оригинали или од некоја друга причина е потребна поголема претпазливост. Писменото за кое со овој закон е определено дека треба лично да се достави, му се предава непосредно на лицето на кое му е испратено. (став 2) Ако лицето на кое писменото мора лично да му се достави, не се затече таму каде што треба да се изврши доставувањето, писменото ќе му се испрати препорачано по пошта. Ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на известувањето дека писменото треба да го подигне, ќе се смета дека достава е уредно извршена.(оспорен став 3) Ако писменото од ставот 1 на овој член треба да се достави до државни органи и до правни лица, доставувањето се врши согласно со одредбите на членот 127 од овој закон.(став 4)

4.Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во член 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015) се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Уставната основаност на оспорените член 137 став 2 од Законот за парничната постапка, веќе била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија.

Со Решение У.бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година, Судот изразил став дека ваквата законска регулатива е во спротивност со начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што не е наведено дали и кога странката го примила известувањето, за да може да започне засметувањето на рокот за подигање на препорачаната пратка, односно од содржината на одредбата не може да се утврди постоење на личен контакт со што со сигурност би се утврдило дека странката го примила известувањето. Од овие причини Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 137 став 2 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Меѓутоа, со Решение У.бр.96/2011 од 26 септември 2012 година, Судот ја запре поведената постапка, од причини што предлогот за укинување на оспорената одредба од Законот не беше изгласан.

Со Решение У.бр.216/2011 од 12 декември 2012 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 98 став 8, член 127 ставови 1 и 5, член 136 став 1, член 277 став 1 и член 280 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

Под точка 2 од истото решение, Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 98 ставoви 3,4 и 5, член 101 став 1, член 125-а, член 126-а, член 137 став 2 и член 418 ставови 2 и 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Судот во ова решение изразил став дека се произнел по однос на оспорените одредби на член 101 став 1, член 125-а, член 126-а, член 137 став 2 и член 418 став 5 од Законот, кои веќе биле предмет на оценување на овој суд и во наведените решенија се произнел дека истите не се во спротивност со Уставот и во образложението на решението e наведено:

„Според Судот предвидениот начин на достава на писмена регулира ситуација кога не постојат технички услови за достава во електронско сандаче на субјектите утврдени во членот 98 став 3 од овој закон. Имено, доставата со предавање на писмената на лицето овластено за примање на писмена или на работникот кој ќе се затекне во канцеларијата, односно во деловната просторија, според нас, само е рефлексија на начелото на економичност и ефикасност на постапката, а се со цел за побрзо и поекономично решавање на парничните спорови и како такво истото не е во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Идентична е и ситуацијата во став 5 од членот 127, како и во член 137 став 2 од Законот. Имено, доставувањето на начините наведени во овие оспорени членови се во функција на воспоставување на соодветни законски механизми, што е во ингеренција на законодавецот, со кои ќе се обезбеди побрзо и поефикасно постапување со цел за разрешување на споровите за основните права и обврски на човекот и да се постигне правосилно разрешување во што е можно пократок временски период. На овој начин сметаме дека се обезбедуваат правните претпоставки за почитување на начелото на судење во разумен рок и правната сигурност на граѓаните.„

При таква состојба, и немање на основи за поинакво одлучување, Судот во конкретниот случај оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во наведениот дел согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.70/2015
03.02.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева