У.бр.73/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 3 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 549 став 1 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“бр.150/2010 и 100/2012).

2.Зоран Николов од Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се цитира содржината на член 549 став 1 точките 1 и 2 од Законот и содржината на член 13 од Уставот на Република Македонија. Потоа се наведува дека „осудителната пресуда која е утврдено дека е незаконска е основ за покренување на барање за штета согласно правните акти на Република Македонија, Устав и ЗКП (член 13). Во Уставот не е наведено дека ако незаконската осуда е од приватен тужител се нема право на надомест на штета. Незаконската осуда е осуда, независно дали е од државен орган или од приватен тужител.“ Подносителот на иницијативата укажува дека оваа иницијатива „не е претпоставка туку е заснована врз реален настан“, за што ги приложува Пресудата К.бр.51/08, донесена од Основниот суд во Гевгелија на 04.06.2008 година (за негова осуда), Пресудата Кзз.бр.73/2011, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 20.12.2011 година (за негово ослободување од осуда), и Пресудата П.4 бр.20/15, донесена од Основниот суд во Гевгелија на 06.05.2015 година (за одбивање на неговото тужбено барање за надомест на штета поради незаконска осуда).

Со иницијативата се предлага укинување на член 549 од Законот за кривичната постапка поради несогласност со член 13 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 549 став 1 од Законот за кривичната постапка „Право на надоместок на штета поради неоправдана осуда има лицето спрема кое била правосилно изречена кривична санкција или кое е огласено за виновно, а е ослободено од казната, а подоцна по повод вонреден правен лек новата постапка правосилно е запрена или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено, освен во следниве случаи, ако:
1) до запирање на постапката или пресудата со која обвинението се одбива дошло поради тоа што во новата постапка приватниот тужител се откажал од гонењето или оштетениот се откажал од предлогот, а до откажување дошло врз основа на спогодба со обвинетиот и
2) со решение во новата постапка обвинителниот акт бил отфрлен поради тоа што судот не бил надлежен, а овластениот тужител го започнал гонењето пред надлежниот суд.“

4. Според член 13 став 2 од Уставот, „лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.“

Од изнесената уставна одредба, во врска со наводите во иницијативата, произлегува дека незаконито осудено лице има право на надомест на штета.

Оспорената законска одредба, пак, определува дека право на надоместок на штета поради неоправдана осуда има лицето спрема кое (1) била правосилно изречена кривична санкција или (2) кое е огласено за виновно, а е ослободено од казната, а потоа (3) во тие две ситуации бил поднесен и уважен вонреден правен лек, па предметот е вратен на повторно судење пред пониските судови, при што (4) новата постапка правосилно е запрена или (5) со правосилна пресуда лицето е ослободено од обвинението или (6) обвинението е одбиено. Со други зборови, обвинетиот е најнапред правосилно осуден, а потоа ослободен. Оспорената законска одредба, понатаму, определува дека лицето нема право на надомест на штета ако во текот на новата постапка (7) настанало запирање на постапката поради спогодба меѓу приватниот тужител или оштетениот и обвинетиот од што произлегло приватниот тужител да се откаже од гонењето или оштетениот да се откаже од предлогот, или (8) донесена е пресуда со која се одбива обвинението поради спогодба меѓу приватниот тужител или оштетениот и обвинетиот од што исто така произлегло приватниот тужител да се откаже од гонењето или оштетениот да се откаже од предлогот, како и ако во текот на новата постапка (9) обвинителниот акт бил отфрлен поради тоа што судот не бил надлежен, но овластениот тужител веќе започнал гонење пред надлежен суд.

Според тоа, оспорената законска одредба определува дека граѓанинот нема право на надомест на штета од незаконита осуда во следните три ситуации: прво, ако во новата постапка настанало запирање на постапката поради спогодба меѓу приватниот тужител или оштетениот и обвинетиот; второ, ако во новата постапка е донесена пресуда за одбивање на обвинението поради спогодба меѓу приватниот тужител или оштетениот и обвинетиот, и трето, ако во новата постапка е отфрлен обвинителниот акт поради ненадлежност на судот, а веќе е започнато гонење од овластениот тужител пред надлежен суд. Наведените три ситуации можат да се распоредат во две групи: првата, граѓанинот нема право на надомест на штета од незаконита осуда, која е укината по повод на вонреден правен лек, во ситуација кога спротивставените страни (приватниот тужител или оштетениот и обвинетиот) во текот на новата постапка постигнале спогодба во врска со казнивото дело, односно поради материјални причини (па запрена е постапката или донесена е пресуда за одбивање на обвинението); втората, кога во текот на новата постапка не е завршена постапката, односно поради процедурални причини (отфрлен е обвинителниот акт поради ненадлежност на судот, но во тек е гонење пред надлежен суд). Тоа, конкретно, значи дека, ако спротивставените страни се спогодиле во врска со казнивото дело (на пример, обвинетиот да ја надомести материјалната и/или нематеријалната штета без да се утврдува неговата вина или, на пример, да нема таков надомест бидејќи оштетениот му го простил делото на обвинетиот), како и ако не е завршена новата постапка и непознат е исходот од судењето, постојат објективни причини поради кои граѓанинот нема право на надомест на штета од незаконитата осуда.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 549 став 1 од Законот треба да се разбере како конкретна и објективна разработка на член 13 став 2 од Уставот, а не како ограничување на правото на надомест на штета од незаконита осуда како што се наведува во иницијативата.

Судот, исто така, оцени дека оспорената законска одредба претставува конкретна и објективна разработка и на основното начело од Законот за кривичната постапка утврдено во член 13 на тој закон, според кое „лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надоместок на штета од буџетските средства, има право да биде рехабилитирано, како и други права утврдени со закон.“

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.73/2015
3 февруари 2016 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева