У.бр.71/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 став 2 во делот

2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите на членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените одредби од Законот, биле во спротивност со одредбите на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 8, член 50 став 2, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија, од следните причини:

Со уредувањето на оспорениот дел: “под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон” на членот 10 став 2 од Законот, подносителот напоменува дека во правниот систем на Република Македонија не постоел закон со кој може да се забрани пристапот до информации, туку само да се ограничел тој пристап во услови предвидени со закон. Со таквата формулација на оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, странките немале правна сигурност дека органите ќе ги приберат потребните информации по службена должност, односно граѓаните не ќе можеле да ги остварат своите загарантирани права, под изговор дека пристапот до определена информација е забранет, со што се повредувал уставниот принцип на владеењето на правото.

Подносителот на иницијативата цитирајќи ја содржината на оспорениот член 58 став 1 од Законот, наведува дека со таксативното набројување на доказните средства кои можат да се користат во управната постапка, се стеснувала можноста по однос доказните средства кои можeле да се користат во управната постапка.

Во продолжение нагласува дека заради правна сигурност на странките, правилно би било законодавецот во продолжение на оспорената законска одредба, после зборот “увид” да напишал “и други”, со цел странките да можат да понудат и други докази со кои ќе го докажеле своето тврдење дека одредено право треба да им биде признато или да докажат дека одредена наметната обврска не соодветствува на фактичката состојба. Во смисла на уредениот оспорен член од Законот, службените лица во управната постапка, своеволно можеле да одбијат определен доказ и да не го земат како релевантен, само заради тоа што тој не бил набројан во оспорениот член 58 став 1 од Законот, со што се повредувала правната сигурност на граѓаните, односно уставниот принцип на владеењето на правото.

Во однос на оспорениот член 91 од Законот со кој е уредено дека по барање на странката, јавниот орган кој донел управен акт во усна форма е должен да го потврди истиот во писмена форма најдоцна во рок од осум дена од денот кога е поднесено барањето, односно дека странката може да побара писмено потврдување во рок 30 дена од денот кога е соопштен усниот управен акт, можело да се постави прашањето кои се тие управни акти кои можат да се донесат во усна форма?

Подносителот напоменува дека законодавецот во стариот Закон за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2005, 110/2008 и 51/2011), со член 217 став 1 од тој закон, пропишал во кои случаи службеното лице може да донесе усно решение, но, за разлика од стариот закон, законодавецот во новиот закон не уредил кога може да се донесе усно решение. Оттука, со оспорениот член 91 од Законот, законодавецот утврдил дискреционо право за службеното лице да може во сите ситуации да донесе усно решение, што доведувало до настанување на правна несигурност за странката, а и до можна злоупотреба на оспорената законска одредба од страна на службеното лице доколку однапред знаело дека се работи за неука странка и дискреционо да одлучи негативно по определена работа, знаејќи дека нема да биде од него побарано управен акт во писмена форма.

Подносителот на иницијативата наведувајќи ја содржината на оспорениот член 104 став 2 алинеја 2 од Законот, според кој повторувањето на постапката е правен лек, нагласува дека според стариот Закон за општата управна постапка, повторувањето на постапката претставувал вонреден правен лек (како во граѓанската, така и во кривичната постапка). Според него од исклучителна важност било да има поделба на правните лекови на редовни и вонредни, па во таа смисла оспорениот член 104 став 2 алинеја 2 од Законот за општата управна постапка бил во спротивност со уставниот принцип на владеењето на правото.

Во продолжение на иницијативата, по цитирање и наведување што произлегувало од член 50 став 2, член 51 и член 96 од Уставот, подносителот на основа претходно наведеното предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот кои се оспоруваат.

3. Судот, на седницата утврди дека според член 10 став 2 од Законот, јавниот орган е должен по службена должност да ги прибави, разгледа и обработи информациите кои се чуваат во службената евиденција и регистрите, под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон.

Со иницијативата се оспорува делот од одредбата на членот 10 став 2 од Законот: “под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон.”

Според оспорениот член 58 став 1 од Законот за општата управна постапка, доказни средства, според овој закон, се сите средства што се погодни за утврдување на фактите во одделен случај, како што се: исправи, сведочења на сведоци, изјави на странките, вештачење и увид.

Според оспорениот член 91 од Законот, по барање на странката, јавниот орган кој донел управен акт во усна форма е должен да го потврди истиот во писмена форма најдоцна во рок од осум дена од денот кога е поднесено барањето. Странката може да побара писмено потврдување во рок 30 дена од денот кога е соопштен усниот управен акт.

Според член 104 став 2 од Законот, правни лекови се:

-жалбата,
-повторувањето на постапката и
-приговорот.

Со иницијативата се оспорува алинејата 2 на членот 104 став 2 од Законот.

4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со член 10 став 2 од Законот, е уредено дека јавниот орган е должен по службена должност да ги прибави, разгледа и обработи информациите кои се чуваат во службената евиденција и регистрите, под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон.

Предмет на оспорување со иницијативата е делот од одредбата на членот 10 став 2 од Законот: “под услов пристапот до овие информации да не е забранет со посебен закон.”

Причините кои се наведуваат со иницијативата за спротивноста на оспорениот дел од одредбата на членот од Законот со одредбите на Уставот, се темелат на претпоставки на подносителот дека јавниот орган би можел да ја употреби содржината на оспорената законска норма како изговор да не прибере одредени информации по службена должност во управната постапка.

Според Судот, овие причини за оспорување на одредба од закон како несогласна со Уставот, не се основа за покренување на уставниот механизам за оценување на согласноста на одредба од закон со одредби на Уставот, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не за тоа како одредена законска норма би можела да биде применета од страна на надлежните субјекти на конкретни правни ситуации.

Со оспорениот член 58 став 1 од Законот за општата управна постапка, се уредува дека доказни средства, според овој закон, се сите средства што се погодни за утврдување на фактите во одделен случај, како што се: исправи, сведочења на сведоци, изјави на странките, вештачење и увид.

Како причини за неуставност на оваа одредба од Законот, со иницијативата се наведува недоволна доуреденост на оспорената законска одредба, со укажување како правилно би било законодавецот да ја уредел законската одредба што се оспорува со иницијативата, односно во продолжение на оспорената законска одредба, после зборот “увид” да напишал “и други”, па од овие причини се оспорува членот од Законот, како несогласен со уставниот принцип на владеењето на правото.

Според Судот, овие причини не се основа за уставно проблематизирање на одредба од закон, бидејќи Уставниот суд одлучува за согласноста на постојната содржина на законската норма со одредбите на Уставот, а не од аспект на содржина што ја нема во законската норма која според подносителот би требало да ја има, што е всушност прашање од надлежност на законодавецот кој ги креира законите, а не на Уставниот суд, од кои причини отсуството на уставни аргументи за оспорување на овој оспорен член од Законот, претставува процесна пречка за впуштање на овој суд во одлучување по иницијативата.

Според оспорениот член 91 од Законот, по барање на странката, јавниот орган кој донел управен акт во усна форма е должен да го потврди истиот во писмена форма најдоцна во рок од осум дена од денот кога е поднесено барањето. Странката може да побара писмено потврдување во рок 30 дена од денот кога е соопштен усниот управен акт.

Членот 91 од Законот за општата управна постапка се оспорува од аспект на негова недоволна уреденост по однос на тоа кои се тие случаи во кои службеното лице може да донесе усно решение, односно од аспект дека во Законот немало уредување по однос на случаите во кои органот може да донесе усно решение, па од тие причини се доведувала во прашање правната сигурност на граѓаните.

Меѓутоа ваквите наводи не се точни, бидејќи со член 87 од новиот Закон за општата управна постапка, исто како и во стариот закон, се пропишани случаите во кои надлежниот јавен орган може да донесе и устен управен акт. Подносителот ова го немал во предвид, односно дека овој оспорен член од Законот е во непосредна корелација со членот 87 од новиот закон. Од наведените причини и во овој случај, во отсуство на уставни аргументи по однос оспорениот член 91 од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за впуштање во мериторно одлучување по иницијативата.

Со член 104 став 2 од Законот, е определено дека правни лекови се:
– жалбата,
– повторувањето на постапката и
– приговорот.

Со иницијативата се оспорува алинејата 2 на членот 104 став 2 од Законот.

Како причини за неуставност на членот 104 став 2 алинеја 2 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека не се согласува “повторувањето на постапката” да има третман на правен лек, туку на вонреден правен лек, меѓутоа овие наводи, според Судот не се основа за уставно проблематизирање на одредба од закон како несогласна со Уставот.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, а по однос на сите оспорени законски одредби, се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.71/2015
23 декември 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева