У.бр.26/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на решение на Основниот суд Охрид О1-18/4 од 03.11.2014 година и решението на Апелациониот суд Битола ГЖ.бр.3109/14 од 25.10.2014 година и барањето за заштита на слободите и правата за кои подносителот на барањето Светозар Ристески од Охрид смета дека му биле повредени со означените судски решенија.

2. Светозар Ристески од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија, во поднесокот насловен како иницијатива, бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на судските решенија означени во точката 1 од ова решение, како и постапка за оценување на уставноста и законитоста на постапката за донесување на означените решенија. Во истиот поднесок е истакнато и посебно барање за остварување и заштита на правата и слободите кое се однесува на забраната на дискрими-нација, според него повредени, односно вознемирени со означените решенија.

Со спорните решенија се вршел атак, се вознемирувале, се оспорувале и прекршувале, пред се стандардите од членот 6 став 1 (право на правична судска постапка), членот 13 (право на реална жалба) в.в. со член 6 став 1, како и од членот 1 (заштита на сопственоста) од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Конвенцијата била меѓународен договор, ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија, и имал предност во примената пред домашните прописи. Релевантни биле и цитираните член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11 и став 2, потоа член 15, член 30, член 50, член 51, член 98, член 110 и 118 од Уставот.

Во натамошниот текст на поднесокот се наведува дека нотарот Момана Иваноска, по спроведената оставинска постапка, донела решение О.бр.199/12 УДР 405/12 од 27.06.2014 година со кое го регулирала правниот и на закон заснован интерес на Светозар Ристески. Незадоволен од решението тој вложил приговор против истото пред надлежниот суд. Судијата Снежана Јаневска, постапувајќи како првостепен вонпарничен суд во Основниот суд Охрид, донела решение 01-18/14 од 14.07.2014 година за одбивање на приговорот како неоснован, иако немала такво овластување согласно членот 128 став 2 од Законот за вонпарничната постапка. Незадоволен од одлуката Светозар Ристески поднел жалба преку Основниот суд Охрид до Апелациониот суд Битола, но по жалбата постапувал истиот првостепен судија-Снежана Јаневска, без да го проследи предметот до повисокиот суд и донела решение за отфрлање на жалбата како недозволена. Повторно незадоволен од вака донесеното решение Светозар Ристески изјавил жалба директно до Апелациониот суд Битола, кој со решение ГЖ.бр.3109/14 од 25.12.2014 година, без никакво образложение, жалбата ја одбил како неоснована, а решението го потврдил.

Решенијата на двата суда претставувале опасни преседани, бидејќи Основниот суд разгледувал, анализирал и одлучил по изјавена жалба до Апелациониот суд Битола и заклучил дека жалбата не треба да биде испратена до повисокиот суд, туку по неа одлучувал судијата кој го донел нападнатото решение. Судовите не направиле разлика помеѓу приговор и жалба, како различни правни средства, односно лекови, а првостепениот судија постапувајќи по жалбата изјавена против решението, заклучил дека законодавецот го дозволил правото на жалба единствено, ако првостепениот суд во целост или делумно го укине решението на нотарот. Анализата на судот отишла и понатаму со давање на правно-релевантно, дури и автентично толкување на Законот и задоволителна евалуација за сопствената работа.

Правото на ефективен правен лек, на пристап до судот и до правдата, на правна сигурност и правично судење, вклучително и на двостепеност на постапката биле дел од, пред векови, стекнатите правни вредности и гаранции. Правната сигурност и владеењето на правото биле стандарди втемелени и облигаторни, согласно Уставот на Република Македонија и на Европската конвенција. Конечно, неколку институти, како што бил и „изземањето на судија“, на кој подносителот имал право, согласно Европската конвенција и согласно закон и Устав, немал можност да го употреби, иако со судијата кој постапувал по предметот во прв степен имал сериозни несогласувања кои произлегле од друг предмет. Едноставно, во таа постапка немало правична постапка со што при одлучувањето, наведените процесни гаранции биле ускратени. Нападнатите одлуки биле правно апсурдни и било видно дека постапката по изјавената жалба била спроведена спротивно на Уставот и Законот и биле направени сериозни повреди на стандардите загарантирани во членот 6 и членот 13 од Европската конвенција.

Во поднесокот се предлага, по спроведување на постапката судските решенија да бидат укинати или поништени.

3. Судот на седницата врз основа на приложената и доставена документација ја утврди следната фактичка состојба:

Со решение 0.бр.199/12 УДР 405/12 од 27.06.2014 година нотарот Момана Иваноска за законски наследници на оставината на покојниот Ристески Давинче и тоа една идеална половина (1/2) од недвижен имот опишан во И.Л. бр.49 КО Арбиново ги огласил Ристески Светозар (син на оставителот) и Наумоска Јованка (ќерка на оставителот) како законски наследници на по една идеална половина од целокупниот имот. Елисафка Ристеска (сопруга на оставителот) се откажала од наследство на оставината. Во постапката пред нотарот интересите на учесникот Светозар Ристески ги застапувал адвокатот Венко Калачоски.

Незадоволен од решението останал учесникот Ристески Светозар и изјавил приговор преку нотарот до Основниот суд Охрид, во кој, меѓу другото, навел дека нотарот немал предвид дека Елисафка Ристеска се откажала од наследството по однос на нејзиниот дел од имотот, освен со исклучок на оние делови кои се наоѓале на м.в. Село, кој му бил оставен на Светозар како син на покојниот, бидејќи одамна му бил подарен. Всушност сега покојниот Ристески Давинче, во секоја прилика, недвосмислено укажувал дека имотот на м.в. Село го подарува на неговиот син. Бидејќи станувало збор за традиција што се почитува, договорот за подарок не ретко се правел во устна форма, уште повеќе што Светозар Ристески веќе имал на тоа место изградено викенд куќа, која ја користел и сега. Од страна на нотарот постоењето на устен договор било игнорирано. Оттаму, нотарот, покрај другите повреди, погрешно ја утврдил фактичката состојба на штета на подносителот на приговорот.

Снежана Јаневска, како првостепен вонпарничен судија, согласно член 128 став 2 од Законот за вонпарничната постапка, со решение 01.бр.18/2014 од 14.07.2014 година приговорот на учесникот Светозар Ристески го одбила како неоснован и го потврдила решението на нотарот Момана Иваноска. Во решението е ставена правна поука, според која, против вака донесеното решение не е дозволена жалба.

Покрај вака дадената правна поука Светозар Ристески на 24.10.2014 година изјавил жалба против решението, која жалба истиот судија со решение 01.-18/14 од 03.11.2014 година ја отфрлил како недозволена, согласно членот 128 од Законот за вонпарничната постапка. Во ова решение е дадена правна поука со право на жалба во рок од 8 (осум) дена по приемот на истото.

Апелациониот суд Битола, со решение ГЖ.бр.3109/14 од 25.12.2014 година ја одбил како неоснована жалбата на Светозар Ристески и го потврдил првостепеното решение.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од анализата на членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, во кои е определена апстрактната надлежност на Уставниот суд произлегува дека Судот нема надлежност да ја оценува уставноста и законитоста на судските одлуки. Судските одлуки немаат дејствие erga omnes бидејќи настануваат како резултат на спроведена постапка за конкретен случај, од каде истите немаат карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена. Оттаму, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Уставот за отфрлање на иницијативата во делот со кој се бара оценување на уставноста и законитоста на двете судски одлуки.

Во делот кој се однесува на барањето за заштита на слободите и правата, подносителот на барањето наведува дека со судските одлуки му биле повредени правото на правична судска постапка, правото на реална жалба, како и заштитата на сопственоста гарантирани со членовите 6 став 1 и член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и членот 1 од Протоколот 1 на Конвенцијата. Поаѓајќи од анализата на членот 110 алинеја 3 од Уставот, произлегува дека означените права и слободи од барањето, не спаѓаат во корпусот на слободи и права кои ги штити, во овој вид на уставно-судска постапка, Уставниот суд на Република Македонија, од каде Судот и за овој дел од барањето не е надлежен да постапува. Оттаму, Судот оцени дека и по однос на овој дел од поднесокот се исполнети условите за отфрлање на барањето за заштита на слободите и правата, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Судот, анализирајќи го поднесокот како целина наспроти уставните и деловничките одредби кои се однесуваат на надлежноста на Уставниот суд во сферата на апстрактната надлежност и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, оцени дека наведените барања не спаѓаат во категоријата барања што ги штити Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и д-р Гзиме Старова.

У.бр.26/2015
9 декември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева