У.бр.58/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Поднасловот

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски решенија, цитирани во иницијативата, биле неодржливи во правниот поредок на Република Македонија, затоа што ако имало правосилна судска одлука со која се пропишуваат сите можни санкции и правни последици од таа одлука, дополнително, по правосилноста на таквата одлука, никој немал право, па ни Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевстката комора, да предвидува други санкции и последици, па ниту привремено или трајно одземање на стекнатата лиценца.

Ова затоа што според Амандманот XXV точка 1 од Уставот на Република Македoнија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Тука требало да се има предвид и одредбата на членот 14 став 2 од Уставот, според која никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Според тоа, оспорените законски одредби биле спротивни на овие две уставни одредби, што значело и несогласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Од наведените уставни одредби произлегувало дека владеењето на правото, преку кое се обезбедувала примена на правните норми на конкретни случаи, претставувало механизам кој го исклучува самоволието и арбитрерноста на носителите на власта, односно се обезбедувала супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Со оспорените законски одредби се повредувала и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, што според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, исто така претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Во случајов, законодавецот и коморите од оспорениот член 132 став 1 од Законот за здравствената заштита, противуставно ја презеле судската власт.

Во тој контекст биле и одредбите од член 13 од Законот за судовите, според кои правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство (став 2). Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон (став 3), а не Лекарската, Стоматолошката или Фармацевтската комора, како што било пропишано со оспорените законски одредби.

Според тоа, оспорените законски одредби и делови не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 14 став 2, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и Амандманот XXV на Уставот.

При одлучувањето, подносителот предлага Уставниот суд да ја има предвид својата одлука У.бр.66/2014 од 28.01.2015 година, со која се укинаа член 99-а став 3 и став 4 во делот: „Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за превоз трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај“ од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и делови и истите да ги поништи.

Воедно, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука, врз начелата на приоритет и итност, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби и делови, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за здравствена заштита, пред членот 132, стои поднаслов: „Привремено или трајно одземање на лиценцата“.

Според член 132 став 1 од овој закон, Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може привремено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование.

Согласно став 4 на истиот член, привремено одземање на лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование може да се изврши најмногу за период од седум години, ако здравствениот работник има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија.

Според став 6 на овој член, трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според Амандманот XXV со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за здравствената заштита се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствена дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност (член 1).

Со член 15 од Законот се определува значењето на одделните поими употребени во овој закон. Така, според член 15 став 1 точка 16 од Законот, „Комора“ е здружение на здравствени работници што се основа согласно со овој закон, во кое здравствените работници се здружуваат заради остварување и застапување на заеднички интереси од одделна професија; а според точка 18 од истиот член, „Лиценца за работа“ е јавна исправа која ја докажува стручната обученост на здравствениот работник за вршење на здравствени услуги.

Според член 115 став 1 од Законот, здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата (во натамошниот текст: здравствени работници со високо образование) можат самостојно да вршат здравствени услуги со завршување на пробната работа, положување на стручниот испит и добивање лиценца за работа.

Согласно член 123 став 1 од истиот закон, издавањето, обновувањето, продолжувањето и одземањето лиценца за работа на здравствените работници со високо образование го вршат Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора заради утврдување на стручната оспособеност на здравствените работници за самостојна работа. Според ставот 2 на истиот член, лиценцата за работа се издава за период од седум години.

Според член 131 од Законот, здравствен работник со високо образование на кој му е привремено одземена лиценцата за работа може повторно да се стекне со лиценца ако во текот на годината што следи по истекот на роковите на важност утврдени со овој закон помине дополнителна обука согласно со програмата од членот 127 од овој закон и успешно ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на соодветната комора.

Со членот 132 од Законот се уредува материјата на привремено или трајно одземање на лиценцата. Така, се утврдува дека Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може привремено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование (став 1).

Според ставот 2 на истиот член, привремено одземање на лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование може да се изврши најмногу за период од седум години, ако здравствениот работник:
1) не ја продолжи лиценцата за работа во роковите утврдени со овој закон;
2) не ја заврши дополнителната обука во утврдениот рок;
3) не ја заврши со успех дополнителната проверка на стручните знаења и способности;
4) има судско правосилно решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија;
5) ги прибавил доказите за исполнување на условите пропишани со овој закон спротивно на законот и тоа се утврди по доделувањето на лиценцата за работа;
6) врши дополнителна дејност спротивно на членовите 222 и 223 од овој закон;
7) работи надвор од лиценцата за работа или работи во услови за кои нема дозвола за работа издадена согласно со овој закон,
8) сторил повреда на Кодексот на медицинската етика и деонтологија и тоа е утврдено од Судот на честа при соодветната комора и
9) врши здравствени или консултантски услуги и/или склучува договор за вршење на здравствени или консултантски услуги со приватни здравствени установи спротивно на членот 167-а од овој закон.

Според ставот 6 на истиот член, трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

Согласно член 133 од Законот, против решението за привремено и трајно одземање на лиценцата за работа, здравствениот работник со високо образование има право на жалба до министерот за здравство во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека лиценцата за работа е еден од пропишаните услови за самостојно вршење на здравствени услуги на здравствените работници со високо образование.

На Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора, кои претставуваат стручно професионални здруженија, со Законот за здравствената заштита им се пренесени јавни овластувања, како што е овластувањето за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценци на здравствените работници, заради утврдување на стручната оспособеност на здравствените работници за самостојна работа.

Законот пропишува дека лиценцата за работа се издава за период од седум години, при што ги пропишува условите за стекнување на лиценца, обновување на лиценцата, продолжување на лиценцата, повторно стекнување со лиценца за здравствен работник на кого привремено му е одземена лиценцата, како и условите за привремено или трајно одземање на лиценцата.

Прашањето за времено или трајно одземање на лиценцата за работа на здравствените работници со високо образовние, веќе била предмет на анализа пред Уставниот суд. Имено, Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија’’ број 38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008, 67/2009, 88/2010 и 44/2011 и 53/2011), кој важел пред донесувањето на сега важечкиот закон, исто така пропишувал дека Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може времено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование. Временото одземање на лиценцата за работа можело да се изврши најмногу за период од седум години под услови утврдени со Законот, додека трајно одземање на лиценцата за работа се вршело ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

По анализата на уставноста на овие законски решенија, Уставниот суд, со Решение У.бр.73/2005 од 5 октомври 2005 година, не повел постапка за оценување на уставноста на одредбите со кои се пропишувало наведеното (член 153-ѕ), со образложение дека со уредувањето на прашањата околу обновувањето на лиценците за работа па и за нивното времено или трајно одземање, законодавецот воспоставил норми за контрола на здравствените работници како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, со цел да се унапреди квалитетот на здравствената заштита на пациентите, заштитата на пациентите од здравствените работници кои лошо ја извршуваат својата должност, но, исто така, и за стимулирање на здравствените работници кои покажуваат висок степен на квалитет во својата работа. Имајќи предвид дека ограничувањето на важењето на лиценците за работа, со можност за обновување, како и нивното времено или трајно одземање се однесува за сите здравствени работници со високо образование подеднакво и под исти услови утврдени со закон, Судот оценил дека оспорените одредби од Законот не создаваат нееднаквост меѓу здравствените работници ниту пак го ограничуваат нивното право на работа и слободниот избор на вработување, поради што не го поставил прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 32 став 1 од Уставот.

Со сега доставената иницијатива се оспорува актуелното законско решение за привремено одземање на лиценцата во случаите кога постои правосилно судско решение со кое привремено му е забрането вршење на дејност или професија на здравствениот работник, како и законското решение за трајно одземање на лиценцата за работа ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот. Според наводите во иницијативата, со правосилната судска одлука биле пропишани сите можни санкции и правни последици од таа одлука, од каде произлегувало дека никој немал право, па ниту наведените комори, да предвидува други санкции и последици, па ниту привремено или трајно одземање на стекнатата лиценца. На таков начин се повредувале одредбите на Уставот според кои судската власт ја вршат судовите, затоа што во случајов произлегувало дека законодавецот и коморите противуставно ја преземале судската власт, како и се повредувала уставната одредба според која никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука, што се` заедно водело кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Очигледно е дека сегашните решенија во Законот за здравствената заштита во однос на временото и трајното одземање на лиценцата на здравствените работници со високо образование, се идентични со решенијата во Законот за здравствената заштита кој бил во правна сила пред донесувањето на сегашниот закон, и за кои веќе Уставниот суд расправал и со Решение У.бр.73/2005 оценил дека се во согласност со Уставот, па со оглед дека условите не се променети, Судот оцени дека истото образложение за оценката на уставноста на тие решенија (претходно наведено) во целост важи и за сегашните законски решенија.

Правото на коморите времено или трајно да ги одземаат лиценците за работа на здравствените работници со високо образование, утврдено со оспорените одредби, се заснова на претходно донесена правосилна судска одлука со која на здравствениот работник привремено му е забрането да ја врши дејноста или професијата, односно е утврдено дека сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот.

Оттука, произлегува дека одземањето на лиценцата само се надоврзува на правосилната судска одлука, во насока на нејзина операционализација, што има оправдување како мерка која законодавецот ја пропишал со цел контрола на здравствените работници како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, заради обезбедување и унапредување на квалитетот на здравствената заштита на пациентите.

Според Судот, погрешно во иницијативата на одземањето на линценцата за работа и` се дава својство на судска одлука, поради што и погрешно се упатува на повреда на член 8 став 1 алинеја 4, член 14 став 2 и Амандманот XXV од Уставот. Вината за сторено казниво дело на здравствениот работник кое произлегува од вршењето на неговата здравствена дејност, се утврдува со правосилна судска одлука, а одземањето на лиценцата за работа на таквиот здравствен работник е логична последица од таквата одлука, односно нејзина реализација со цел заштита на здравјето на пациентите и спречување на можноста за повторување на делото и настапување на неотстранливи последици по животот и здравјето на пациентите, што е во насока на заштита на јавниот интерес и во поткрепа на начелото на владеењето на правото.

Повикувањето на подносителот на иницијативата при одлучувањето Уставниот суд да ја има во предвид својата одлука У.бр.66/2014 од 28.01.2015 година, со која се укинати член 99-а став 3 и став 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај, Судот оцени дека е несоодветно во даденава ситуација. Имено, во наведената одлука станува збор за трајно одземање на возилото во моментот на сторување на прекршок (без правосилна судска одлука), што не може да се доведе во корелација со трајно одземање на лиценца за работа на здравствен работник со високо образование, врз основа на правосилна судска одлука.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби и делови.

Поради наведеното, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 14 став 2, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и Амандманот XXV на Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.58/2015
21 октомври 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева