У.бр.34/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 21 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 11 став 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

3. Драган Дамески од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, одредбите од член 11 се оспорувале согласно принципот на забрана за ретроактивно дејство на законите од член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија и член 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите морале да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со член 11 став 1 се создавала обврска за месец јануари 2015 година, иако Законот бил донесен во месец февруари истата година и објавен на 12.02.2015 година, со што се нарушувало уставното начело на забрана на ретроактивно дејство на законите. Ваквата обврска била противуставна и ја нарушувала правната сигурност на граѓаните на Република Македонија.

Со став 3 од истиот член, исто така се создавало повратно дејство за граѓаните кои до донесувањето на Законот на 12.02.2015 година, веќе имале исплатено придонеси за месец јануари 2015 година и кои биле опфатени со законот, а не се однесувала единствено на оние лица кои до донесувањето на законот се уште не ги платиле придонесите за истиот месец. Овaa одредба, на граѓаните кои до донесувањето на Законот, веќе ја исполниле својата обврска за месец јануари 2015 година, им наметнувала обврска за порамнување по веќе извршена уплата и врз основа на тоа порамнување, дополнително да уплатат надоместоци за договори кои во моментот на законското исполнување на обврската за поднесување на пресметка, не биле предмет по кој се плаќал надомест по Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

На овој начин, овие одредби дозволувале директно кршење на основните и темелни права загарантирани со Уставот на Република Македонија, внесувале правна несигурност и биле во спротивност со принципот на уставност и законитост кој го обврзувал законодавецот да конципира прецизни, јасни и недвосмислени правни норми кои би претставувале солидна основа и би ја гарантирале правната сигурност на граѓаните како составен дел на владеењето на правото.

По однос на член 14 од истиот закон, кој се оспорувал бидејќи влегувањето во сила на овој закон со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, било во спротивност на темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните. Имено, оваа одредба не била во согласност со член 52 став 3 од Уставот на Република Македонија, каде било утврдено дека законите влегуваат во сила најрано на осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдувал Собранието, со денот на објавувањето.

Во интерес на примената на уставното начело за одложено влегување во сила на законите, зборувал и фактот што со член 37 од основниот Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008), била предвидена одложена примена за подолг период од уставно гарантираниот, па така законот влегувал во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а се применувал од 1 јануари 2009 година, за јануарската плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок, додека членот 31 се применувал од 1 јануари 2010 година, а членот 25 се применувал од 1 јануари 2015 година.

Во поткрепа на овие наводи од иницијативата е цитирано Решението У.бр.219/2007 од 05.12.2007 година на Уставниот суд на Република Македонија, а кое се однесувало на vacatio legis на законите.

Со иницијативата се предлага оспорените одредби да се поништат.

3. Судот на седница утврди дека според член 11 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015), одредбите од овој закон се однесуваат за плата, дел од плата, надоместок на плата, друг надоместок и надоместок врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор за јануари 2015 година. Согласно став 3 од истиот член, за придонесите платени пред влегување во сила на овој закон, ќе се изврши порамнување согласно одредбите на овој закон.

Согласно член 14 од истиот закон, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. а) Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Став 3 предвидува дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Имајќи ги во предвид погоре цитираните уставни одредби, недвосмислено произлегува дека оспорениот член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015), е во согласност со член 52 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Имено, оваа уставна одредба содржи правило според кое законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Овој период, од денот на објавувањето на законот до неговото влегување во сила, се нарекува vacatio legis и има за цел правните субјекти да имаат доволно време да се запознаат со содржината на објавениот закон кој ги утврдува нивните права, обврски и одговорности и да го прилагодат своето однесување на начин како што од нив го бара новиот закон. Токму поради ваквото значење на vacatio legis, оваа одредба е систематизирана во делот од Уставот кој се однесува на гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Притоа, уставната норма утврдува дека осмиот ден од објавувањето на законот, е најраниот момент од кога еден закон може да влезе во сила.

Но, член 52 став 3 од Уставот, истовремено предвидува и исклучок од правилото – законите да влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Имено, тие можат да влезат во сила и со денот на објавувањето, но таквиот исклучок треба да го утврди Собранието. Во таков случај, не постои vacatio legis, па оттука уставотворецот ваквата ситуација ја третира како исклучок. Дополнително, уставната формулација „а по исклучок, што го утврдува Собранието“, упатува дека Уставот му делегирал право на законодавецот тој да одлучува за ваквиот исклучок, без да предвиди одредени критериуми или услови под кои може да ја донесе ваквата одлука, ниту пак го ограничува во однос на одредени закони кај кои не може да го примени ова свое право. За разлика од општото правило, кај овој исклучок, најраниот и единствен момент од кога еден закон може да влезе во сила е денот на објавувањето на законот во „Службен весник на Република Македонија“.

Од номотехнички аспект, моментот на влегувањето во сила на законот (со или без vacatio legis), се утврдува во завршната одредба на истиот закон. Оспорената одредба од член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување е завршна одредба, каде законодавецот го искористил своето право да одлучи законот да влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Врз основа на ова, произлегува дека е испочитуван и уставно утврдениот момент кога законот може да влезе во сила во услови кога не се предвидува vacatio legis, па според тоа, воопшто не може да се постави прашањето за несогласност на цитираната оспорена законска одредба со член 52 став 3 од Уставот на Република Македонија, а со тоа и постоење на повреда на темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото.

Тоа што во случајот, како што се наведува во иницијативата, законодавецот не предвидел одложена примена на Законот за изменување и дополнување од моментот на влегување во сила на истиот, не го прави оспорениот член 14 од истиот закон, несогласен со член 52 став 3 од Уставот. Имено, одлуката за одложена примена на одреден закон е исклучиво во рамките на законодавната политика на Собранието кое одлучува според своја оцена за секој закон, дали ќе предвиди негова одложена примена. За разлика од отпочнувањето со примена, при влегувањето во сила на законите, Собранието има уставна обврска задолжително да го утврди моментот на влегување во сила, со можност да одлучи дали законот ќе влезе по осум дена од денот на објавувањето или истиот ден кога е објавен.

Понатаму, неспорно е дека Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/2008), во член 37, предвидува влегување во сила на овој закон со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Истовремено, се предвидува и одложена примена на Законот од 1 јануари 2009 година и тоа за јануарската плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок, понатаму, за член 31 од овој закон, примена од 1 јануари 2010 година и за член 25 од 1 јануари 2011 година.

Но, ова не значи дека законодавецот е обврзан во сите подоцнежни изменувања и дополнувања на истиот закон, секогаш да предвидува ист момент на влегување во сила и одложена примена како што претходно предвидел кај основниот закон. Ова оттаму што, измените и дополнувањата се донесуваат во форма на посебен закон и исто како кај основниот закон и преку нив исто така се остварува законодавната политика и правото на законодавецот да одлучи за моментот на влегување во сила и евентуалната одложена примена на секој закон посебно.

Во однос на наводите од иницијативата кои се однесуваат на Решението У. бр. 219/2007 од 05.12.2007 година на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 124 од Законот за меѓународното приватно право („Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007). Според оваа одредба, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ и истата се разликува во однос на оспорениот член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, според која овој закон влегува во сила со денот на објавувањето. Во ова решение, Судот изнел ставови за ситуација кога законот предвидува vacatio legis, за разлика од оспорениот член 14 кој предвидува да не постои ваков период.

б) Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решението У. бр. 43/2015 од 23.09.2015 година, меѓу другото, ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

Од страна на Судот, иницијативата за оценување на уставноста на овој член е отфрлена врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија поради постоење на процесни пречки за постапување по овој дел од иницијативата, имајќи во предвид дека се однесува на придонесите по основ на договор за дело, авторски договор и друг договор и роковите за нивното плаќање, како и дека престана да важи обврската за придонесите по тие основи, па произлегува дека смислата и на овие одредби не е таква како што се укажува со иницијативата пред престанокот на обврската.

Имајќи во предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во делот кој се однесува на оценување на уставноста на член 11 став 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.34/2015
21 октомври 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева