У.бр.157/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 12 став 1, во делот

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

а) член 26 , во делот: „блокирање на тркалата (лисици, блокатори на тркала) или“, од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, бр.07-3395/1, донесена од Советот на град Скопје на 4 декември 2008 година, и
б) член 3, во делот: „Доплатна карта за паркирање на место за лица со посебни потреби“, од Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“-Скопје, бр.02-1181/8, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ во Скопје на 17 декември 2009 година.

3.Симеон Петров од Скопје и Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност Македонија“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителот на иницијативата Симеон Петров наведува дека „не е спорно дека на места кои се предвидени за паркирање на возила на лица со посебни потреби не треба да се паркираат возила од други лица кои не спаѓаат во оваа категорија.“ Потоа, изнесувајќи го личниот пример од практиката, подносителот на иницијативата наведува дека „спорен е начинот на кој постапува ЈП „Градски паркинг“ доколку паркира возило лице кое нема право да паркира на паркинг место резервирано за лица со посебни потреби.“ Имено, кога ЈП „Градски паркинг“ ќе забележел паркирано возило на местото резервирано за инвалиди од лице кое не било инвалид, исправно било (1) веднаш да го слика возилото, што ќе биде доказ дека тоа било паркирано на паркинг местото за инвалиди, (2) истовремено ќе ја повикал сообраќајната полиција која, доколку возилото се уште било на паркинг местото за инвалиди, со пајак служба ќе го отстранела истото и ќе го ослободела ова место за да инвалидите што побрзо непречено можеле да ги користат (член 9 ставовите 1 и 2 од Правилникот), а (3) полицијата ќе му напишела глоба на несовесниот граѓанин врз база на сликите од ЈП „Градски паркинг“, или непосредно, и граѓанинот ќе ја плател услугата од пајак службата за доаѓање или отстранување на возилото, што претставувало доволна поука за сите тука да не паркираат; (4) глобата што ќе ја плател несовесниот граѓанин, кој паркирал на забрането место кое било предвидено за лица со посебни потреби, бил приход на Буџетот, а државата, преку соодветни фондови, им ги давала тие средства на лицата со посебни потреби, со што овие лица би имале бенефит од глобата. Наместо тоа, ЈП „Градски паркинг“ неисправно (1) го држел возилото на граѓанинот, кој не е инвалид, присилно со блокатори на паркинг местото за инвалиди и (2) на таков начин изнудувал наплата на доплатна карта, (3) оневозможувајќи долг временски период инвалидите да паркираат на тоа паркинг место.

Подносителот на иницијативата смета дека „ЈП „Градски паркинг“ во никаков случај не смее, за непрописно паркирање на паркинг место за инвалиди, да наплаќа доплатна карта и со тоа да обезбедува голема дополнителна заработка. ЈП „Градски паркинг“ ја злоупотребува положбата на инвалидизирани лица и остварува преку нив екстра профит. Инвалидизираните лица од оваа доплатна карта не гледаат никаков бенефит. Оваа доплатна карта по својата суштина е права казна – изнесува 3.000 денари. Право да казнува за паркирање на место за инвалидизирани лица има само полицијата, но не и ЈП „Градски паркинг“. Доколку Уставниот суд прифати за паркирање на места резервирани за лица со посебни потреби да се наплаќа доплатна карта, тогаш прифаќа да, иако ова паркинг место е резервирано за инвалиди, секој може на него да паркира само ако сака екстра да плати. Но тогаш се губи смислата за заштита на инвалидите бидејќи тие тука не можат да паркираат, а се обезбедува голема заработка на ЈП „Градски паркинг“ со искористување на правата на инвалидизираните лица.“

На крајот, во иницијативата се наведува дека оспорените одредби ги повредувале член 8 став 1 алинеја 8 и член 35 став 3 од Уставот, членовите 6, 71, 397 и 400 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007) и членовите 20, 22 и 24 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), според кои уставни и законски одредби „општината може на ЈП „Градски паркинг“ да му дозволи да управува со јавните паркинзи, при што ќе му дозволи да ги извршува само оние дејности кои не се во надлежност на сообраќајната полиција. ЈП „Градски паркинг“ врши надзор над јавните паркиралишта и кога ќе забележи дека на резервирано место за паркирање на возила на лица со посебни потреби, кое како такво е одобрено од Министерството за внатрешни работи, е паркирано возило кое не припаѓа на оваа група, не смее на возилото да стави блокатори и наплати доплатна карта, туку треба веднаш да го слика возилото и да ја повика сообраќајната полиција, која со пајак-служба ќе го отстрани возилото така да во најкраток временски период резервираното паркинг место за лица со посебни потреби биде слободно да овие лица го користат и мандатно ќе го глоби несовесниот граѓанин.“ Поради тоа, подносителот на иницијативата Симеон Петров бара поништување на оспорените одредби.

На 11 декември 2014 година Симеон Петров достави дополнување на иницијативата и со него побара Уставниот суд да го запре од извршување Решението со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, УПДР бр.1789/13, донесено од нотарот Сашо Клисароски на 25 декември 2013 година.

Во иницијативата на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност Македонија“ од Скопје се наведува дека се информирани за иницијативата на Симеон Петров и дека се приклучуваат кон неа во целост. Со иницијативата се бара „да се укинат оспорените членови се со цел и во интерес на лицата со инвалидитет, одбележаното паркинг место во најкус временски период да биде ослободено за користење“, односно (1) ЈП „Градски паркинг“ да не наплаќа доплатна карта за да можат и другите граѓани да го користат паркинг местото резервирано за лица со инвалидитет, (2) ЈП „Градски паркинг“ веднаш да го слика возилото што е непрописно паркирано и тоа да претставува доказ дека возилото е паркирано на недозволено место за што ќе се плати казна за направениот прекршок и (3) ЈП „Градски паркинг“ веднаш да ја повика сообраќајната полиција која со пајак-службата во најкраток временски период ќе го ослободи одбележаното паркинг место за лицата со инвалидитет, а не да става блокатори на неправилно паркираните возила.

4.а) Судот на седницата утврди дека членот 12 од Правилникот за начинот и условите на паркирање, времетраењето на паркирањето односно неговото ограничување и означување на ограничувањето на јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, е сместен во делот од Правилникот посветен на „Начинот и условите на паркирање“.

Според член 12 став 1 од Правилникот, „Доколку корисникот на паркинг место го пречекори предвиденото време за паркирање, а не го продолжи користењето на паркинг услугата, доколку таква можност е предвидена со системот за наплата на паркинг услугата на паркиралиштето, како и во случај на паркирање на возила на места предвидени за паркирање на возила на лица со посебни потреби, од страна на лица кои не спаѓаат во оваа категорија, прави повреда на условите за користење на паркинг местото, за што е должен да плати доплатен билет за секој започнат час.“

б) Имајќи ја предвид содржината на целината на член 12 став 1 од Правилникот, дека во случај на паркирање на возила на места предвидени за паркирање на возила на лица со посебни потреби, од страна на лица кои не спаѓаат во оваа категорија, тоа претставува повреда на условите за користење на паркинг местото, и дека за таквото користење на паркинг местото, наменето за лица со посебни потреби, несоодветниот корисник треба да обезбеди доплатен билет, Судот оцени дека таквото уредување има законска основа во член 10 став 1 точка 4 алинеја 14 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004 и 158/2011) според кој „надлежности, односно работи од јавен интерес од локално значење на градот Скопје е и изградба, одржување и користење на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, утврдени со урбанистички план“. Имено, предвидувањето на доплатен билет, во ситуација кога несоодветен корисник користи паркинг место наменето за лица со посебни потреби, претставува плаќање за извршеното неправилно користење, од една страна, и превентивно спречување на таквото неправилно користење на паркинг местата наменети за лицата со посебни потреби, од друга страна, односно уредување на користење на јавно паркиралиште (кое е добро од јавен интерес од локално значење на градот Скопје) засновано на наведената законска одредба, а не е овозможување на секој да може да го користи тоа паркинг место ако плати екстра цена и ако овозможи дополнителна заработка на ЈП „Градски паркинг“ на штета на лицата со посебни потреби, ниту е оневозможување долг временски период инвалидите да паркираат на тоа паркинг место, ниту пак е повреда на темелната вредност-хуманизам, социјална правда и солидарност, и на уставната обврска за посебна заштита на инвалидните лица, како што се наведува во иницијативите. Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Правилникот со наведената законска одредба, како и со определбите содржани во член 8 став 1 алинеја 8 и член 35 став 3 од Уставот, на кои упатуваат подносителите на иницијативата.

5.а)Судот на седницата, понатаму, утврди дека членот 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје е сместен во делот од Одлуката посветен на „Наплата на услугата на паркирање“.

Најнапред, во член 23 од Одлуката се определува дека „За користење на јавните паркиралишта корисникот е должен да плати соодветен паричен износ на име цена на услуга за паркирање“ (став 1). „Организаторот на паркирањето од членовите 6, 7 и 8 на оваа одлука (ЈП „Градски паркинг“-Скопје, друг субјект кој има концесија или јавно приватно партнерство, или домашно или странско правно лице кое има дозвола од Советот на град Скопје) донесува Ценовник на услугите за користење на јавните паркиралишта, со претходна согласност на Советот на град Скопје“ (став 2).

Според член 26 од Одлуката, „Ако корисникот на паркиралиштето не го изврши плаќањето (цена на паркирање, доплатен билет, други трошоци) на начин согласно оваа одлука, односно актот на организаторот на паркирањето, ќе се смета дека паркирањето е непрописно и овластено лице на организаторот на паркирањето може да побара блокирање на тркалата (лисици, блокатори на тркала) или отстранување на возилото од паркиралиштето (со пајак-возило).“

Покрај тоа, Судот утврди дека членот 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје беше оценуван од Уставниот суд, при што со Решение У бр.48/2010 од 22 декември 2010 година не се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведената одредба од Одлуката, а со Решение У бр.146/2012 од 5 декември 2012 година се отфрли друга иницијатива за оценување на истата одредба од Одлуката со образложение дека за таа одредба веќе се одлучувало и дека нема основи за поинакво одлучување.

б) Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.“

Со оглед дека членот 26 од Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје, бр.07-3395/1, беше оценуван по предметите У бр.48/2010 и У бр.146/2012, при што со првото решение од 22 декември 2010 година не се поведе постапка и со второто решение од 5 декември 2012 година се отфрли иницијативата, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 на Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата, поради што се одлучи како во точката 2.а) од ова решение.

6.а)Судот на седницата, исто така, утврди дека со член 3 од Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“-Скопје се определува цената на услугата за паркирање на патнички моторни возила на јавните паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“-Скопје. Притоа, во таа одредба од Одлуката се определува:
(а) во зона 1, цената на услугата изнесува:
-за 1 час=45,00 денари;
-месечна претплата за физички и правни лица=6.000,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на правни лица=4.000,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на станари за прво/второ возило=200,00/400,00 денари;
-доплатна карта за пречекорување на дозволеното време за паркирање=1.300,00 денари;
-доплатна карта за паркирање на место за лица со посебни потреби=3.000,00 денари;
(б) во зона 2, цената на услугата изнесува:
-за 1 час=35.00 денари;
-месечна претплата за физички и правни лица=4.000,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на правни лица=2.000,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на станари за прво/второ возило=200,00/400,00 денари;
-доплатна карта за пречекорување на дозволеното време за паркирање=1.300,00 денари;
-доплатна карта за паркирање на место за лица со посебни потреби=3.000,00 денари;
(в) во зона 3, цената на услугата изнесува:
-за 1 час=25.00 денари;
-месечна претплата за физички и правни лица=3.000,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на правни лица=1.500,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на станари за прво/второ возило=200,00/400,00 денари;
-доплатна карта за пречекорување на дозволеното време за паркирање=1.300,00 денари;
-доплатна карта за паркирање на место за лица со посебни потреби=3.000,00 денари;
(г) во зона 4, цената на услугата изнесува:
-за 1 час=25.00 денари;
-месечна претплата за физички и правни лица=1.500,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на правни лица=750,00 денари;
-месечна претплата за повластено паркирање на станари за прво/второ возило=100,00/300,00 денари;
-доплатна карта за пречекорување на дозволеното време за паркирање=1.300,00 денари;
-доплатна карта за паркирање на место за лица со посебни потреби=3.000,00 денари.

Покрај тоа, Судот утврди дека означената одлука престана да важи со член 13 од Ценовникот на услуги кои што ги извршува ЈП „Градски паркинг“-Скопје, донесен од Управниот одбор на Претпријатието на 25 февруари 2011 година, потоа дека со Решение У бр.110/2011 од 5 октомври 2011 година е отфрлена иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на наведената одлука поради тоа што Одлуката не била во правниот поредок, па има процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека со Решение У.бр.54/2011 од 7 ноември 2012 година повторно е отфрлена иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на наведената одлука, од истите причини како и претходното решение.

б)Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Со оглед дека Одлуката, чија одредба се оспорува, престана да важи и не е веќе дел од правниот поредок, Судот оцени дека има процесни пречки за постапување по иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба која исто така престана да важи. Поради тоа, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата, па одлучи како во точката 2.б) од ова решение.

7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.157/2014
14 октомври 2015 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева