У.бр.48/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 7 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 268 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија”, број 38/2005, 110/2008 и 51/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената законска одредба која уредува дека решението може во секое време да се огласи за ништовно по службена должност или по предлог од странката или од Јавниот обвинител, не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со оспорениот член од Законот, не бил уреден рок во кој може да се поништи правосилно решение.

Самиот факт што за ова вонредно правно средство не бил предвиден рок за огласување на решението за ништовно, го правел оспорениот став од членот од Законот спротивен на принципот на правната сигурност, бидејќи доволно било надлежниот орган по свое наоѓање или по нечие барање, да оценел дека треба да биде донесено поинакво решение од правосилно донесеното пред повеќе години, па правосилното решение да го огласи за ништовно, со што се повредувало уставното право на сопственост, како и принципот на законитост и правната сигурност на граѓаните, без кои нема владеење на правото.

3. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 268 став 1 од Законот за општата управна постапка, решението може во секое време да се огласи за ништовно по службена должност, или по предлог од странката или од Јавниот обвинител на Република Македонија.

4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оспорениот став 1 на членот 268 од Законот за општата управна постапка кој уредува дека решението може во секое време да се огласи за ништовно по службена должност, или по предлог од странката или од Јавниот обвинител на Република Македонија, бил предмет на уставно-судска оцена пред овој суд, при што Уставниот суд, со Решение У.бр.259/2009 од 26.05.2010 година, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 268 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/2005 и 110/2008).

Подносителот на иницијативата по наведениот предмет, го оспорувал членот 268 став 1 од Законот, со наводи дека оспорената одредба според која во секое време без ограничување, може да се поништи едно решение, можело да претставува основ за злоупотреба од страна на државен орган и странките, поради што со оспорената законска одредба се повредувале со Устав загарантираните права на сопственост и наследување утврдени во член 30 од Уставот, како и правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите утврдено во член 9 став 2 од Уставот.

Ставот на Судот по наведениот предмет, бил следниот:

“Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за општата управна постапка во кои се предвидени случаите кога решението се огласува за ништовно, правните последици од поништувањето на решението (членови 267 и 269) како и содржината на оспорениот член, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека тие се неосновани. Ова од причини што според Судот оспорениот член 268 став 1 не може да се гледа изолирано сам за себе, туку напротив за да се разбере неговата суштина тој треба да се гледа во корелација со член 267 од истиот Закон, во кој мошне конкретно и јасно се утврдени случаите кога решението донесено во управната постапка се огласува за ништовно. Имено, од анализата на членот 267 од Законот, произлегува дека за да едно решение биде прогласено за ништовно треба да постојат сериозни прекршувања на Законот, поради што тоа решение не може да опстои во правниот поредок.

Според Судот, ништовните решенија содржат тешки повреди на законот, поради што тие не можат да се конвалидираат односно да опстојат во правниот поредок како такви, од каде во секое време, односно без временско ограничување, тие можат да се огласат за ништовни.

Според Судот, отстранувањето на ништовното решение од правниот поредок, односно непризнавањето на неговата правна важност во правото не се врши само во интерес на странките, туку и во јавен интерес, односно во интерес на заедницата, на кој начин се овозможувало почитување на начелото на владеењето на правото кое начело во конкретниов случај, оправдано го надминува принципот на правната сигурност на граѓаните.”

5. Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на членот 268 став 1 од Законот, а аргументите во сега доставената иницијатива за повторно оценување на уставноста на оваа законска одредба, не упатуваат на основи за поинакво одлучување по ова прашање, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.48/2015
7 октомври 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева