Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 128 став 6 во делот
2. Скендер Рушити од Куманово и други, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорениот дел на членот 128 став 6 од Законот за основното образование, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 7, член 9, член 23, член 32 ставови 1, 2 и 5, член 47 став 3, член 51, член 54 став 1, член 55 и член 58 став 2 од Уставот.
Со оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, се вршело воспоставување на нееднаквост помеѓу луѓето, бидејќи во новата постапка за избор на директор, директорот на кој му завршил вториот последователен мандат во исто училиште, бил во нееднаква позиција со останатите граѓани кои ги исполнувале условите за избор на директор. На тој начин на директорот, односно на граѓаните кои два последователни мандати биле директори на основно училиште им се ускратувала можноста за вршење на јавната функција-директор во основно училиште, а со тоа и работното место-директор на основното училиште, било недостапно за одредена група на граѓани.
Подносителите наведувајќи дека поттикнувањето, помошта, заштитата и развојот на науката, уметноста и културата се уставни категории во Република Македонија, сметаат дека со оспорениот дел од членот од Законот се оневозможувало исполнувањето на овие уставни категории. Ако се земела во предвид успешноста на директорот во претходните два мандати во остварувањето на тие норми од една страна и од друга страна законската пречка да се продолжи со таквата успешна работа, се добивало впечаток дека со тоа се загрозувало уставното право на одредена категорија на граѓани, повторно да бидат избрани за директор на основно училиште.
3. Судот, на седницата утврди дека според член 128 став 6 од Законот за основното образование, мандатот на директорот трае четири години, со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште.
Со иницијативата се оспорува законскиот член 128 став 6 во делот: “со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште”.
4. Според член 8 став 1 алинеja 1 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 23 од Уставот е определено дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според ставот 2 од членот 32 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5 од членот 32 од Уставот).
Според член 44 од Уставот секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Со член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 44 од Уставот секој има право на образование кое е достапно на секого под еднакви услови, а основното образование е задолжително и бесплатно.
Од погоре наведената уставна одредба, произлегува дека Уставот начелно го уредува правото на образование како комплексно прашање, оставајќи го неговото поблиско уредување со закон.
Тргнувајќи од тоа, Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, може да донесува закони, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со остварувањето на уставно утврденото право на основно образование, кое е задолжително.
Во рамките на уредувањето на овие прашања, законодавецот има легитимно право да ги пропише и условите под кои се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, да го уреди управувањето и раководењето со училиштето, а во таа смисла да ги утврди и условите кои треба да ги исполнува лицето за вршење функција директор на основно училиште, како и да го определи мандатот на директорот.
Со Законот за основното образование се уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем (член 1).
Во насока на остварување, односно реализирање на наведените прашања, законодавецот во главата X. Органи на управување, раководење и стручни органи на основното училиште, во член 128, пропишал дека орган на раководење во основното училиште е директорот (став 1).
Директорот е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работење на училиштето (став 2).
Според став 3 на истиот член, за директор на основно училиште може да се избира лице кое има најмалку високо образование и кое ги исполнува условите за наставник или стручен соработник во основно училиште и ако има најмалку пет години работно искуство во воспитно-образовната работа, положен испит за директор, во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да има соодветен сертификат, не постар од пет години, за познавање на англискиот јазик ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL IBT) – најмалку 30 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 3 бода, БУЛАТС (BULATS) – најмалку 20 бода или КЕТ (КЕТ) (Cambridge English) – положен, АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво А2 (А2) и да има положено психолошки тест и тест за интегритет.
Со ставот 6 на членот 128 од Законот, е определено дека мандатот на директорот трае четири години, со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште.
Со иницијативата предмет на оспорување е одредбата од ставот 6 на членот 128 од Законот, во делот: “со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште”.
Оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, законодавецот го уредил со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 24/2013). Пред наведените измени и дополнувања на Законот, членот 128 став 6 од истиот закон гласел: “мандатот на директорот трае четири години, со можност за уште еден мандат”. Со наведените измени и дополнувања, членот 128 став 6 од Законот, гласи: “мандатот на директорот трае четири години, со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште”, односно одредбата на членот од Законот е дополнета со зборот: “последователен” и зборовите “во истото училиште”.
Со наведените измени и дополнувања на Законот, всушност се врши допрецизирање на постојната одредба на членот 128 став 6 од основниот текст на Законот, со појаснување дека вториот мандат кој е даден како можност, се врши последователно по завршувањето на првиот мандат и се однесува за во истото училиште.
Според наводите од инцијативата, оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, не бил во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 7, член 9, член 23, член 32 ставови 1, 2 и 5, член 47 став 3, член 51, член 54 став 1, член 55 и член 58 став 2 од Уставот.
Причините за оспорувањето на делот од одредбата на членот од Законот, подносителите главно ги темелат на нивно несогласување директорот во основно училиште кој покажал успешни резултати во два последователни мандати, да не може повторно да биде биран во истото училиште.
Подносителите на иницијативата сметаат дека оспореното законско решение доведувало до неможност да се оствари уставната норма од членот 47 став 3 од Уставот, според која Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата, што значело загрозување на уставното право на одредена категорија граѓани, односно на директорите кои во два последователни мандати се покажале како успешни директори во истото основно училиште, што не било во согласност и со член 55 од Уставот од аспект на воспоставување на нееднаквост помеѓу луѓето и член 47 став 3 од Уставот.
Тргнувајќи од содржината на оспореното законско решение, а кое се однесува на прашањето за мандатот на вршител на јавна функција во образовна институција, според Судот истото не може да се согледува во контекст на погоре наведениот член 47 став 3 од Уставот, во контекст со член 55 од Уставот кој се однесува на уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, како и во контекст на член 58 од Уставот кој се однесува на влијанието на приватната сопственост и трудот како основа во управувањето и учество во одлучување (став 1), а кое учество во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби, со Уставот е препуштено да се уреди со закон, врз принципите на стручност и компетентност (став 2).
Законодавецот во рамките на уставното овластување, има право во зависност од развојот на општествените и економските односи, да ги уредува и по потреба да ги менува односите во основното образование, во насока за која оценил дека е целисходно. Воедно, Законодавецот е обврзан да го почитува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, што во суштина значи обврска на законодавецот во законот да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните по основ на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Според Судот, од аспект на погоре наведените уставни принципи, законодавецот ги утврдил условите, односно критериумите за избор на директор на основно училиште, времетраењето на мандатот на директорот и бројот на мандатите на исто лице за вршење на оваа функција, со што овозможил достапност на ова работно место под еднакви услови за сите, што е негова уставна обврска, поради што не може да се прифати дека со тоа се врши дискриминација и повреда на економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот, како што се наведува во иницијативата.
Што се однесува до оспорениот дел од одредбата на членот од Законот, според Судот, суштинско е што должината на мандатот и бројот на дозволените мандати се однесуваат подеднакво на сите вршители на оваа функција. Исто така, правото за директорите на основните училишта, чиј мандат истекол во конкретното училиште, изразено како можност од повторен последователен избор во истото училиште, со оспорениот дел од одредбата на членот од Законот се однесува подеднакво за сите директори со завршен мандат на раководната функција во училиштето, односно за сите нив, оспорениот дел од законската одредба уредува подеднаква можност за уште еден последователен избор во истото училиште.
Оттука, според Судот, оспорениот дел од одредбата на членот од Законот не имплицира повреда на членот 9 од Уставот, бидејќи на секому му е дадена можноста, повторно да бидат избрани за уште еден последователен мандат во истото училиште, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Правото на секој да учествува во вршење на јавна функција, е право кое произлегува од член 23 од Уставот. Со Уставот е уредено времетраењето на мандатот само за одредени носители на јавни функции на државната власт. Меѓутоа, мандатот за носителите на јавни функции, надвор од уредените со Уставот, уставотворецот препуштил да се уредува со закон, а како што е во конкретниот случај со Законот за основното образование, каде законодавецот оценил за целисходно, мандатот на директорот на основното училиште да изнесува четири години, односно, едно лице да може да биде на раководна функција-директор на основно училиште само два последователни мандати во истото училиште.
Според Судот, со оспореното законско решение не се повредува правото на секој граѓанин од член 23 од Уставот да учествува во вршењето на јавни функции, бидејќи со самиот избор на лицето на јавна функција (директор на основно училиште), лицето учествува во вршењето на јавна функција, а со тоа го остварува наведеното уставно право. Oспорениот дел од законската одредба, не само што не значи неможност за вршење на јавна функција, туку истото ниту го ограничува тоа право. Делот од одредбата на членот од Законот што се оспорува, не исклучува право и можност за лицето кое веќе вршело функција директор во времетраење од два последователни мандати во едно училиште, да може повторно да се јави како кандидат за вршење на оваа функција во друго училиште.
Исто така, уредувањето на времетраењето на мандатот од четири години за вршење функцијата директор на основно училиште со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште, не значи дека тоа раководно работно место било недостапно за одредена група граѓани, како што впрочем се наведува во иницијативата, бидејќи со самиот избор на лицето за директор, достапна му е позицијата раководно работно место во училиштето, што значи оспорениот дел од одредбата од членот од Законот не е во спротивност со членот 32 став 1 од Уставот кој го уредува правото на секој на работа и слободно да го избира вработувањето.
5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 128 став 6 во делот: “со можност за уште еден последователен мандат во истото училиште” од Законот за основното образование со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 32 став 2 и член 51 од Уставот.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.37/2015
23 септември 2015 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева