У.бр.54/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 септември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на стапките на даноците на имот бр.07-1200/4 од 04.07.2005 („Службен гласник на град Скопје“ бр.8/2005), донесена од Советот на Општина Кисела Вода под бр.09-1112/4 на 19 февруари 2015 година („Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр.2/2015).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред ја цитира содржината на членовите 1-3 од Одлуката, како и воведот од Одлуката според кој таа била донесена врз основа на член 36 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со член 6 од Законот за даноците на имот и членовите 26 и 27 од Законот за град Скопје. Потоа, во иницијативата се изнесува содржината на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот и се наведува: „од овој законски став произлегува дека Советот на Општина Кисела Вода не бил надлежен самостојно да ја донесе оспорената одлука туку заедно со Советот на Град Скопје и тоа согласно со Законот за градот Скопје. Дека така треба да биде произлегува и од ставот 2 на член 5 од Законот за даноците на имот според кој „за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, советот на општината, советот на општините на градот Скопје и Советот на градот Скопје формираат комисија.“ Во овој контекст е и ставот 4 на член 26 од Законот за даноците на имот според кој „решение за утврдениот данок од ставовите 1, 2 и 3 на овој член донесува градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје.“ Понатаму, во иницијативата се наведува дека според „досегашната практика решение за утврдениот данок за општините во градот Скопје ги донесува градоначалникот на градот Скопје, а не градоначалникот на општините во градот Скопје. Дека е тоа така ќе приложам и две решенија а се однесуваат на деловни простории кои се донесени од градоначалникот на град Скопје иако деловните простории се наоѓаат во општина Кисела Вода.“

Во иницијативата се наведува и тоа дека „наместо да се смалува данокот на имот за деловните простории на име амортизација, тој рапидно неосновано и противзаконито се зголемува, при што не се почитува и членот 5 ставот 3 од Методологијата за утврдување на пазарна вредност на недвижниот имот според кој „збирот на пресметковните бодови за секој од основните елементи ја претставува градежната вредност на која се пресметува амортизација и тоа до десет години старост на објектот 0%, а над десет години по 0,5% годишно од градежната вредност.“ “Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека „според членот 7 од Законот за даноците на имот, даночна обврска за данокот на имот „настанува со денот на стекнувањето на имотот, издавањето на одобрение за употреба на недвижниот имот од надлежен орган или од денот на отпочнување на користењето на имотот од обврзникот на данокот“, а не и подоцна (односно пред стекнувањето, одобрувањето на употребата или отпочнувањето на користењето на имотот, н.з.) како што е одлучено со оспорената одлука.“

При таква состојба, подносителот на иницијативата смета дека „оспорената одлука не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 33 и членот 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, со членот 5, членот 6 ставовите 4 и 5, членот 7 од Законот за даноците на имот и членот 5 став 3 од Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.“

3. Судот на седницата утврди дека во воведот на оспорената одлука се наведува дека таа е донесена „врз основа на член 36 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со член 6 од Законот за даноците на имот и членовите 26 и 27 од Законот за град Скопје“.

Во член 1 од оспорената одлука се наведува дека „во Одлуката за утврдување на стапките на даноците на имот, донесена од Советот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2005), во член 2 ставот 1 се менува и гласи:

„Пропорционалната стапка за пресметување на данок на имот на подрачјето на Општина Кисела Вода, како сопствен извор на приход на Општината, се утврдува според видот на имотот на следниот начин:

– за станбени згради (станови и станбени куќи), изнесува 0,10%;

– за деловни згради (погони, магацини, хали и стоваришта), деловни простории (дуќани), административни згради и административни простории, изнесува 0,15%, од кои 0,10% се распоредува во сооднос 50% за Град Скопје и 50% за Општина Кисела Вода, додека остатокот од 0,05% е приход на општина Кисела Вода;“

Понатаму, се наведува дека „во ставот 3 од овој член зборовите „Методологија за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот што ја пропишува Владата на Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Методологија за процена на пазарната вредност на недвижен имот донесена од министерот за транспорт и врски“.

Според член 2 од оспорената одлука, „во останатиот текст на Одлуката за утврдување на стапките на даноците на имот („Службен гласник на град Скопје“ бр.8/2005), останува непроменета.“

Според член 3 од Одлуката, „оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на Општина Кисела Вода“.“

4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, „секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека со закон се утврдува данок, други јавни давачки и намирувањето на јавните расходи, се уредува начинот на нивното плаќање и се определува дека секој субјект утврден со закон има обврска нив да ги плаќа.

-Според член 1 став 2 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015 и 97/2015), „овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка.“

Според член 4 точка 3 од наведениот закон, „даноци се давачки на даночниот обврзник кои мора да бидат платени без противуслуги, кои служат за општо државно добро и кои на сите даночни обврзници им се наметнати со закон.“

Од изнесените одредби на Законот за даночна постапка произлегува дека овој закон ги определува општите правила, материјални и процесни, кои се единствена и заедничка основа за сите видови на даноци, како и дека сите видови на даноци претставуваат законски пропишани давачки кои мора да бидат платени од даночниот обврзник без тој да добие повратни противуслуги за тие давачки, а кои служат за општо добро во државата.

– Според член 3 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 96/2004, 67/2007, 156/2009 и 47/2011), „извори на финансирање на општината се: (1) сопствени извори на приходи, (2) дотации на средства од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на фондовите и (3) задолжувањето.“

Во член 4 од наведениот закон се определени сопствените извори на приходи на општината и тоа: 1.локални даноци утврдени со закон, во кои влегуваат: данок на имот, данок на наследство и подарок утврден со закон, данок на промет на недвижности и други локални даноци утврдени со закон; 2.локални такси утврдени со закон, во кои влегуваат: комунални такси, административни такси и други локални такси утврдени со закон; 3.локални надоместоци утврдени со закон, во кои влегуваат: надомест за уредување на градежно земјиште, надоместоци од комунална дејност, надоместоци за просторни и урбанистички планови и други локални надоместоци утврдени со закон; 4.приходи од сопственост, во кои влегуваат: приходи од закупнина, приходи од камати и приходи од продажба на имот; 5.приходи од донации; 6.приходи од парични казни утврдени со закон; 7.приходи од самопридонес и 8.други приходи утврдени со закон.

Од изнесените одредби на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа произлегува дека општините се финансираат, покрај другото, и од локалните даноци утврдени со закон, а во кои спаѓа и данокот на имот.

– Според член 3 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012 и 188/2013), „данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок според овој закон“.

Според член 5 став 1 од наведениот закон, „основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот“; Според став 2 од истиот член „утврдувањето на пазарната вредност на недвижен имот ја врши лице проценувач кое е вработено во единицата на локалната самоуправа, а по барање на единицата на локалната самоуправа може да ја врши и лице кое е овластен проценувач“; Според став 3 „пазарната вредност од ставот 1 на овој член се утврдува според Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот“; Според став 4 „контрола и ревизија на утврдувањето на пазарната вредност од ставот 2 на овој член, врши Министерството за финансии.“

Според член 6 став 1 од наведениот закон, „стапките на данокот на имот од членот 3 на овој закон се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20%“; Според став 2 од истиот член „стапките на данокот на имот можат да се утврдуваат според видот на имотот“; Според став 4 „висината на стапките од ставовите 1 и 3 на овој член со одлука ја утврдува советот на општината“; Според став 5 „висината на стапките од ставовите 1 и 3 на овој член со одлука ја утврдува советот на општините во градот Скопје и Советот на Градот Скопје согласно со Законот за градот Скопје.“

Од изнесените одредби на Законот за даноците на имот произлегува дека данокот на имот се плаќа на недвижен имот и се пресметува врз основа на пазарната вредност на тој имот. Пазарната вредност на недвижниот имот ја утврдува проценувач вработен во единицата на локалната самоуправа или овластен проценувач според Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижен имот, а контролата и ревизијата на проценката ја врши Министерството за финансии. Стапките на данокот на имот, пак, се пропорционални на пазарната вредност на недвижниот имот и изнесуваат од 0,10% до 0,20% од утврдената вредност на имотот, можат да се утврдат според видот на имотот, а висината на стапките ги утврдува советот на општината во наведените законски рамки, со тоа што во градот Скопје нив ги утврдуваат советите на општините во градот Скопје и Советот на Градот Скопје согласно со Законот за град Скопје.

– Според член 22 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004 и 158/2011), „градот Скопје и општините во градот Скопје се финансираат од (1) сопствени извори на приходи, (2) приходи од даноци, (3) приходи од Буџетот на Република Македонија и буџетите на фондовите, (4) приходи од задолжување во согласност со закон и од (5) други приходи утврдени со закон“.

Во член 24 од наведениот закон се определени сопствени извори на приходи на градот Скопје и општините во градот Скопје и тоа: локални даноци, во кои влегуваат: данок на имот, данок на промет на недвижности, данок на наследство и подарок и други локални даноци; локални такси, во кои влегуваат: комунални такси, административни такси и други локални такси; локални надоместоци, во кои влегуваат: надомест за уредување на градежно земјиште, надомест од комунална дејност, надомест за просторни и урбанистички планови и други локални надоместоци; приходи од сопственост, во кои влегуваат: приходи од закупнина на имот, приходи од камати, приходи од продажба на имот; приходи од самопридонес; приходи од казни; приходи од донации и други приходи утврдени со закон.

Според член 26 од Законот, „приходот остварен по основ на најниската даночна стапка за данокот на имот, данокот за наследство и подарок и данокот на промет на недвижности, утврдена со закон, се распоредува во сооднос 50% за Градот Скопје и 50% за соодветната општина во градот Скопје.“

Според член 27 став 1 од наведениот закон, „градот Скопје може да утврди повисока стапка на данокот на имот од најниската стапка на данокот на имот утврдена со закон, најмногу до 0,05%“; Според став 2 од истиот член „општините во градот Скопје можат да утврдат повисока стапка на данокот на имот од најниската стапка на данокот на имот утврдена со закон, најмногу до 0,05%“; Според став 3 „приходите остварени по основа од ставот 1 на овој член се приход на Градот Скопје“; Според став 4 „приходите остварени по основа од ставот 2 на овој член се приход на општината во градот Скопје“.

Од изнесените одредби на Законот за градот Скопје произлегува дека Градот Скопје и општините во градот Скопје се финансираат, покрај другото, од локалните даноци утврдени со закон, во кои влегува и данокот на имот, при што приходот остварен од тој данок по основ на најниската стапка од 0,10%, утврдена со член 6 став 1 од Законот за даноците на имот, се распоредува во сооднос 50% за Градот Скопје и 50% за соодветната општина во Градот Скопје, а градот Скопје или општината во градот Скопје имаат законска основа (член 27 ставовите 3 и 4) самостојно да утврдат повисока стапка на данокот на имот над најниската стапка утврдена во закон, и тоа до 0,05%, и тој износ е приход на Градот Скопје или на соодветната општина во градот Скопје.

Имајќи ги предвид изнесената уставна одредба и одредбите од наведените закони, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и со наведените одредби од означените закони, со оглед дека Советот на Општина Кисела Вода е законски надлежен субјект самостојно да ги утврди стапките на даноците на имот. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на другите две прашања покренати со иницијативата (непредвидувањето намалување на даноците на имот по основ на амортизација, и моментот на започнувањето на плаќање на даноците на имот), Судот утврди дека од содржината на одредбите на оспорената одлука произлегува дека со нив не се уредуваат наведените две прашања, ниту пак упатуваат на норми од други законски и подзаконски прописи во кои би било предвидено непресметување на амортизација, како и моментот на започнувањето на плаќањето да биде поинаков од моментот определен во член 7 од Законот за даноците на имот, па нема процесни претпоставки за одлучување по тој дел од иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.54/2015
23 септември 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева