У.бр.40/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 јули 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Будимир Јовановски од Куманово за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Будимир Јовановски од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот кои му биле повредени со Решение на раководителот на Фондот за ПИОМ – стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.146802 од 01.03.2011 година, Решение на Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиско инвалидско осигурување под УП.бр.0701-2272 од 16.05.2013 година, Пресуда на Управниот суд на Република Македонија У-4 бр.598/2013 од 24.03.2014 година, и Пресуда на Виши управен суд на Република Македонија УЖ-2. бр.286/2014 година од 19.02.2015 година.

3. Во барањето подносителот наведува дека со оспорените акти му биле повредени правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно дека со истите бил дискриминиран по основ на социјална припадност.

Правото на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, според подносителот на барањето, било повредено затоа што Фондот за ПИОМ го повредил правото само од причина што подносителот на барањето бил корисник на пензија согласно членот 226-б од Законот за служба во АРМ – закон кој бил вон сила .

Понатаму, во барањето се наведува дека одредувањето на висината на пензијата по член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија(„Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010) бил поповолен за барателот во споредба со член 226-б од претходниот Закон за служба во Армијата на Република Македонија кој бил вон сила.

Воените старешини пензионирани по Законот за служба во АРМ („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002,98/2002, 25/2003 и 112/2005 – закон кој е вон сила) биле еднакви со воените старешини пензионирани по Законот за служба во АРМ („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010 од 15.03.2010, а кој стапил на сила на ден 23.03.2010 година), па така, според подносителот на барањето, органите требале да имаат ист став по однос на ова прашање. Според тоа подносителот на барањето смета дека Фондот за ПИОМ, Комисијата на Владата, Управниот суд и Виши управен суд со своите решенија сториле повреда на правото по член 221 од наведениот закон.

Истовремено, подносителот на барањето од Уставниот суд бара да донесе одлука, по одржана јавна расправа, со која ќе му се наложи на Фондот за ПИОМ да утврди нова висина на пензиска основица врз основа на член 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

4. Судот во текот на постапката ја утврди следната фактичка состоја:

Од извршениот увид во приложената документација произлегува дека на подносителот на барањето со Решението на раководителот на Фондот за ПИОМ – стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.146802 од 1.03.2011 година, барањето за зголемување на пензијата на Будимир Јовановски од Куманово, ул. „Плоштад Маршал Тито“ бр.39-1/13, му е одбиено како неосновано, затоа што бил корисник на пензија согласно член 226-б од Законот за служба во АРМ („Службен весник на РМ“ бр.62/2002, 98/2002 и 112/2005).

Со Решението на Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во втор степен по предметите од пензиско инвалидско осигурување под УП.бр.0701-2272 од 16.05.2013 година жалбата против решението на раководителот на Фондот за ПИОМ – стручна служба – Филијала Скопје, П.бр.146802 од 01.03.2011 година е одбиена како неоснована.

Управниот суд на Република Македонија со Пресуда У-4 бр.598/2013 година од 24.03.2014 година го потврдува решението на Фондот за ПИОМ и Решението на Комисијата на Владата на РМ, во која се образложува дека не може да се утврдува нов износ на пензија бидејќи тужителот е корисник на пензија по член 226-б од Законот за служба во АРМ.

Со пресуда на Виш управен суд УЖ-2.бр.286/2014 од 19.02.2015 година жалбата на тужителот Будимир Јовановски од Куманово била одбиена како неоснована , а пресудата на Управниот суд У-4 бр.598/2013 од 24.03.2014 година е во целост потврдена , со образложение дека подносителот на барањето е корисник на старосна пензија по член 226-б од Законот за служба во АРМ („Службен весник на РМ“ бр.62/2002, 25/2003 и 112/2005) и по друга основа не може да се утврдува нова висина на пензија.

5. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) се определува дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако не е надлежен да одлучува по него.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Деловничката одредба, пак, определува дека барањата за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува се отфрлаат.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај се бара Судот да утврди постоење повреди на уставни права на граѓаните надвор од оние кои се во делокруг на Уставниот суд на Република Македонија според член 110 алинеја 3 од Уставот, односно надвор од неговата надлежност, како и што од изнесената фактичка состојба не произлегува дека оспорените акти содржат дискриминација на подносителот на барањето по основ на пол, национална, социјална и политичка припадност, туку тие акти се интерпретираат со цел да се извлече инстанционо произнесување на Уставниот суд на Република Македонија, што е исто така надвор од неговата надлежност според член 110 од Уставот. Според Судот, таквото барање не е во надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од цитираната деловничка одредба за отфрлање на барањето.

Поради изнесеното, во конкретниот случај Судот не е надлежен да одлучува по предметот затоа што не постојат основи за впуштање на овој Суд во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, при што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето за заштита на слободите и правата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.40/2015
1 јули 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева