У.бр.55/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 438 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 100/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Ристо Бачев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со членот 438 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка се поставувале посебни и дополнителни услови според кои пресудата можела да се побива само поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од членот 343 став (2) на овој закон и поради погрешна примена на материјалното право.

Иако во начело на првостепената одлука на судот било дозволена жалба, според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 438 став 1 од Законот се ограничувало и скратувало даденото право на жалба врз основа на сите останати начела и општи одредби од конкретниот закон, кој што се применувале и според кои се расправало во првостепената постапка, а со кои што се пропишувало дека на судот треба да му се изнесат сите факти и предложат сите докази (пример, член 116, 205, 423 став 3 и 4, член 436).

Со правилно утврдување на фактичката состојба се определувале и доказите кои ќе бидат земени како одлучувачки за крајниот исход на постапката. Па така за утврдување на фактите поткрепени со докази потребно било повеќе време и големи судски и други трошоци, но со оспорениот член првостепениот суд можел со одлуката истото да не го земе во предвид, што било честа пракса на судиите, а странката немала право да се жали врз основа на фактите и доказите изнесени во првостепената постапка.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека според член 438 ставови 1 и 2 од Законот, само лицата кои учествувале во постапката пред првостепен суд каде износот бил поголем од 180.000 или 300.000 денари имале право на целосна жалба како што е дадено во глава дваесет и четврта од ЗПП – редовни правни лекови, со што граѓаните се доведувале во нерамноправна положба врз основа на општествената, имотната и социјалната положба.

Според Амандманот XXI (член 15) од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Од ваквата поставеност на Уставот на Република Македонија, според наводите во иницијативата, произлегувало дека на сите граѓани без исклучок и без оглед на видот на постапката и на висината на паричниот износ наведен во тужбата – денар или милиони денари – им била гарантирана двостепеност на постапката, односно правото на жалба на првостепените судски одлуки без ограничување и суспендирање на поедини членови од ЗПП кои биле од суштинско значење за крајниот исход на постапката, а со членот 438 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка, правото на жалба било целосно ограничено и за такви факти и докази за кои што претходно се расправало.

Оттука, подносителот на иницијативата смета дека е недопуштено со оспорениот член 438 ставови 1 и 2 од Законот да се суспендира цела една глава од парничната постапка каде што е предвидено правото на жалба врз основа на секој член, став и точка од таа глава и одредби како да постапуваат странките и второстепените судови. Вака поставениот член , според подносителот на иницијативата, не можел да се правда заради скратување и забрзување на постапката бидејќи истата била максимално скратена и без оспорениот член со што законодавецот ја исполнил целта.

3. Судот на седницата утврди дека според член 438 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка пресудата или решението со кое се завршува спорот во постапката, во споровите од мала вредност, може да се побива само поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од членот 343 став 2 на овој закон и поради погрешна примена на материјалното право (став 1) и во постапката по повод жалба во споровите од мала вредност не се применуваат одредбите од членот 358 од овој закон( став 2).

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.223/2010 од 2 март 2011 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 438 став 1 од Законот за парничната постапка. Оспорениот член бил ценет vis a vis истите одредби од Уставот на кои и сега во конкретната иницијатива се повикува подносителот на иницијативата.

Имено, во наведеното решение по направената уставно судска анализа, Судот утврди дека по однос на основите во жалбата со кои може да се побива пресуда или решението, право е на законодавецот истите да ги утврдува. Ова дотолку повеќе што, ако пресудата има недостатоци поради кои не може да се испита, особено ако не содржи причини за решителните факти или тие причини се нејасни или противречни ќе се укине поради апсолутни суштествени повреди на одредбите од парничната постапка од член 343 став 2 точка 13 и предметот ќе се врати на повторно судење на првостепениот суд. Оттука, произлегува и должноста на првостепениот суд да ја утврди целосно и правилно фактичката состојба, иако жалба по тој основ не може да се изјави, бидејќи не ќе може да даде причини за решителните факти, што значи дека преку суштествените повреди, второстепениот суд внимава и на правилно и целосно утврдена фактичка состојба.

Со Решение У.бр.91/2012 од 6 март 2013 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 438 став 2 од Законот за парничната постапка, а под точка 2 од истото решение ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на член 438 став 1 од истиот закон, во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Во наведеното решение Судот утврди дека од анализата на наведената содржина на уставните и законски одредби и наводите во иницијативата, произлегува дека законодавецот со Законот за парничната постапка во посебна постапка ги уредил специфичностите на споровите од мала вредност на начин кој ја овозможува брзината и ефикасноста на постапката, но и го обезбедува правото на жалба под условите и во рок определени со Закон. Во однос на деловите на оваа посебна постапка за кои не е нешто друго определено, се применуваат одредбите од општата парнична постапка, Судот утврди дека одредбите за постапката по спорови од мала вредност, немаат селективен пристап од аспект на членот 9 од Уставот и кореспондираат на одредбите од член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, односно со една од темелните вредности на уставниот поредок, основните права и слободи на човекот и граѓаните и владеењето на правото.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став во наведените решенија, Судот оцени дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното според Судот се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

При разгледување на иницијативата и впуштање во уставно судска анализа за конкретното прашање, Судот го имаше во вид и прилогот кон иницијативата доставен од подносителот на иницијативата. Но, бидејќи содржината на истиот упатува и укажува на практична примена на одредбите од Законот за парнична постапка, Судот не се впушти во нивна оценка затоа што според Деловникот Уставниот суд нема надлежност да ја цени примената на законите, што е во надлежност на редовните судови.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2015
24 јуни 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева