У.бр.140/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 8 став 1 точки 1, 3 и 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи, бр.01-2013/1 донесен на 31 октомври 2012 година од Регулаторната комисија за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/ 2011, 168/2011 и 135/2012).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативта во оспорената точка 1 од членот 8 став 1 од Правилникот било предвидено да се плаќа TNUt – трошок за пренос на електрична енергија во годината t, (денари) MOt – трошок за организирање и управување со пазарот на електрична енергија во годината t, (денари) и DNUt – трошок за дистрибуција на електрична енергија во годината t, (денари), но тие трошоци биле веќе опфатени со Ot – оперативни трошоци за годината t, дефинирани во Прилог 3, (денари) и затоа со плаќањето на сите стварни и измислени трошоци, сите трошоци за плати, целата амортизација и приносот за капитал, се наметнувала потреба уште еднаш да се плати она што веќе било платено.

Во иницијативата е наведено дека членот 8 став 1 точка 3 од оспорениот правилник, било предвидено приносот на капитал да се пресметува како процент од MARt – регулиран максимален приход за годината t, (денари), а тоа според наводите во иницијативата не одговарало на вистината и не било предвидено со друг закон, односно не постоела врска помеѓу приносот на капитал и вкупниот приход. Во иницијативта е наведено дека тоа биле две наполно различни сметководствени величини кои според Законот за енергетика, било потребно да се раздвојат. Процентот = µ к кој се користел во пресметката се одредувал произволно и во ниту еден закон ниту пак во Правилникот не било определено како да се пресмета.

Понатаму, во иницијативата многу обемно е образложено кој од многуте начини на одредување на цена на електрична енергија го применувала Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, кои формули биле применети, кои трошоци биле опфатени како оперативни трошоци, кои претпријатија давале податоци и изјави за точноста на истите со заклучок дека со наводите во иницијативата ќе биде прикажано колку несериозно се одредувале трошоците. Како доказ со пример од праксата се споменува Одлуката УП1 број 08-121/13 донесена од страна на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 28 јуни 2013 година објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2013), која била укината со Решение на Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, кое било донесено по поднесена жалба на ЕВН „Електростопанство на Македонија“ АД–Скопје, на седницата одржана на 29 јули 2013 година. Подносителот на иницијативата наведува дека против ова решение поднел иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата се бара да се укинат ставките TNUt – трошок за пренос на електрична енергија во годината t, (денари), MOt – трошок за организирање и управување со пазарот на електрична енергија во годината t, (денари) и DNUt – трошок за дистрибуција на електрична енергија во годината t, (денари) поради тоа што правото не дозволувало за иста работа два пати да се плати lus non patitur ut idem bis solvatur. Според наводите во иницијативата било излишно граѓаните уште еднаш да плаќаат она што веќе го платиле.

Подносителот на крајот на иницијативата бара да биде третиран како рамноправна странка и да има увид во доказите кои ќе ги стекне спротивната странка односно Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и наведува дека оспорениот член 8 став 1 точки 1, 3 и 4 од Правиликот не биле во согласност со член 8 и член 51 од Уставот, член 9 став 2 точка 11 , член 23 став 1 точка 12, член 24 став 4 точка 2 од Законот за енергетика и член 5, член 6, член 8 став 1, член 9, член 11 став 3, член 12, член 38 став 1 и член 201 од Законот за облигациони односи.

3. Судот на седница утврди дека во член 8 став 1 точки 1, 3 и 4 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи, бр.01-2013/1 донесен на 31 октомври 2012 година од Регулаторната комисија за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/2011, 168/2011 и 135/2012), Прилог 2 се менува и гласи:

„Методологија за пресметка на регулиран максимален приход за регулирана дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи.

– Регулиран максимален приход

Регулираниот максимален приход (MAR) што снабдувачот со електрична енергија на тарифни потрошувачи може да го оствари од вршење на регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи за соодветната година од регулираниот период, се пресметува со примена на следнава формула:

MARt = Ot + Dt + CPTt + Et + TNUt + MOt + DNUt + Mt + LCt – Kt

Каде што:

MARt – регулиран максимален приход за годината t, (денари)
Ot – оперативни трошоци за годината t, дефинирани во Прилог 3, (денари)
Dt – амортизација за годината t, дефинирана во Прилог 3, (денари)
CPTt – пренесени трошоци во годината t, (денари)
Et – трошок за купување на електрична енергија за снадбување на тарифните потрошувачи на електрична енергија во годината t, (денари)
TNUt – трошок за пренос на електрична енергија во годината t, (денари)
MOt – трошок за организирање и управување со пазарот на електрична енергија во годината t, (денари)
DNUt – трошок за дистрибуција на електрична енергија во годината t, (денари)
Mt – мрежа за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t, (денари)
LCt – средства за ликвидност за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t, (денари)
Kt – фактор на корекција за годината t, (денари)

– Трошок за купување електрична енергија

Трошокот за купување електрична енергија за снабдување на тарифните потрошувачи во годината t, се пресметува со примена на следнава формула:

Каде што:
Еt = + +

Еt – трошок за купување електрична енергија за снадбување на тарифните потрошувачи во годината t, (денари)
– трошок за купување електрична енергија од производителот на електрична енергија на кој во лиценцата му е утврдена обврска да обезбеди јавна услуга во годината t, (денари)
– набавка на електрична енергија на отворениот пазар по пазарни цени, согласно член 80, став 4 и став 5 од Законот за енергетика во годината t, (денари)
– трошок за отстапувањата во однос на планираната и реализираната потрошувачка на електрична енергија, во согласност со Правилата на пазар на електрична енергија во годината t, (денари)

– Маржа

Маржата за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t, се пресметува со примена на следнава формула:

Мt = µ/100 * MARPt
каде што:

Мt – маржа за регулираната дејност снадбување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t (денари)
µ – процент за утврдување на маржата одобрена од страна на Регулаторната комисија за енергетика за годината t
MARPt – регулиран максимален приход, дефиниран во точка 1 од овој Прилог, за годината t, исклучувајќи ја маржата (М), средствата за ликвидност (LC) и елементот на
корекција Kt, (денари).

– Средства за ликвидност

Средствата за ликвидност за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t, се пресметува со примена на следнава формула:

LCt = у / 100 * MARPt
каде што:

LCt – средства за ликвидност за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t (денари)
у – процент за утврдување на средствата за ликвидност за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи, одобрен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, кој не може да биде поголем од 3,5%
MARPt – регулиран максимален приход, дефиниран во точка 1 од овој Прилог, за годината t, исклучувајќи ја маржата (М), средства за ликвидност (LC) и факторот за корекција (Кt), (денари).

– Фактор на корекција

Факторот на корекција за годината t, се пресметува со примена на следнава формула:

Кt = (Rt-1 – MARKt-1)*(1 + irt-1/100)

каде што:
Rt-1 – остварениот приход во годината t-1, од вршење на регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во годината t, (денари)
MARKt-1 – регулиран максимален приход остварен од вршење на регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи за годината t-1, повторно пресметан со признаени вредности наместо прогнозирани за да се утврди факторот на корекција, (денари)
irt-1 – просечна пасивна каматна стапка објавена од Народна банка на Република Македонија за годината t-1, (%)

– Распределба на приходот

Регулираниот максимален приход за регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи за годината t, ќе се обезбеди со примена на Тарифен систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поедок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.

Во членот 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/11, 136/11, 79/13, 164/13, 41/14, 151/14 и 33/2015), е определено дека со Законот за енергетика се уредува пазарот на електрична енергија (точка 5).

Во член 3 од наведениот закон е определено значењето на одделните изрази употребени во овој закон, при што во точката 44 од означената законска одредба се утврдува дека под квалификуван купувач се подразбира купувач кој купува енергија од производители, снабдувачи или трговци по слободен избор, а во точката 89 се утврдува дека под регулирана енергетска дејност се подразбира енергетска дејност преку која се извршува обврската за јавна услуга и се врши под услови, на начин, цени и тарифи пропишани, односно одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија е регулаторно тело основано со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ брoj 16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 154/2014 и 33/2015), заради регулирање на одделни прашања во енергетскиот сектор.

Статусот, составот, надлежностите и работењето на Регулаторна комисија за енергетика се определени во Глава III (членови 15 – 36) од Законот.

Според член 22 точка 4 од Законот, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика донесува одлуки за цени и тарифи врз основа на соодветните прописи.

Според член 30 став 1 точка 2 од Законот за енергетика, заради извршување на работите од својата надлежност Регулаторната комисија за енергетика донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон и прописите донесени во согласност со овој закон, вклучително и одлуки со кои на вршителите на регулираните енергетски дејности им наредува или им забранува определено однесување со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија или енергенти и ефикасна конкуренција на одделните енергетски пазари.

Според став 2 на овој член, во постапката за донесување на одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон е предвидена поинаква постапка. Според став 5 на истиот член, актите на Регулаторната комисија за енергетика од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, а според став 6 на истиот член, актите на Регулаторната комисија за енергетика од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член се објавуваат на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика.

Според член 31 став 1 од Законот, против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.

Согласно член 197 став 1 од Законот за енергетика, XVII.1. Примена на поглавјето за пазар на електрична енергија, „По исклучок од членот 82 став (1) на овој закон тарифни потрошувачи се: 1) мали потрошувачи на електрична енергија, со потрошувачка на електрична енергија во 2015 година над 1000 MWh, до 30 јуни 2016 година; 2) мали потрошувачи на електрична енергија, со потрошувачка на електрична енергија во 2016 година над 500 MWh, до 30 јуни 2017 година; 3) мали потрошувачи на електрична енергија, со потрошувачка на електрична енергија во 2017 година над 100 MWh, до 30 јуни 2018 година; 4) мали потрошувачи на електрична енергија, со потрошувачка на електрична енергија во 2018 година над 25 MWh, до 30 јуни 2019 година и 5) домаќинствата и сите останати мали потрошувачи на електрична енергија, до 30 јуни 2020 година.“ Потрошувачите кои се стекнале со својство на квалификувани потрошувачи се должни да склучат договор со снабдувач со електрична енергија најдоцна 30 дена пред денот на стекнувањето на својството квалификуван потрошувач. (став 2) Снабдувачот за тарифни потрошувачи е должен да го извести својот потрошувач за обврската од ставот 2 на овој член најдоцна 90 дена пред денот на кој потрошувачот ќе се стекне со својството квалификуван потрошувач. (став 3) До 30 јуни 2020 година снабдувачите за тарифни потрошувачи ќе ги снабдуваат потрошувачите кои, во согласност со одредбите на овој член, ќе го имаат својството на тарифни потрошувачи. (став 4) По исклучок од членот 4 на овој закон, снабдувањето со електрична енергија на тарифните потрошувачи ќе се смета за регулирана енергетска дејност, а ќе престане да се извршува од 1 јули 2020 година. (став 5) Регулаторната комисија за енергетика, најдоцна до 30 јуни 2011 година, ќе донесе: 1. Правила за снабдување на тарифните потрошувачи на електрична енергија, во согласност со начелата од членот 28 на овој закон; 2.Правилник за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи, во согласност со начелата од членот 24 на овој закон и 3. Тарифен систем за продажба на електрична енергија за тарифни потрошувачи врз основа на начелата од членот 24 на овој закон. (став 6) Во смисла на одредбите од оваа глава, тарифен потрошувач на електрична енергија е потрошувач кој купува електрична енергија по пропишани услови и цени и не може да го избира својот снабдувач.(став 7)

Во член 199 став 1 од Законот за енергетика, снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи набавува електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем за кој има лиценца за снабдување на тарифни потрошувачи. Цените за набавка и соодветните договори со производителот од членот 66 на овој закон, ги одобрува Регулаторната комисија за енергетика. (став 2) Снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи обезбедува, за потребите на тарифните потрошувачи, потребен преносен и/или дистрибутивен капацитет, како и услуги од операторот на пазарот на електрична енергија. (став 3) Снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи им фактурира на своите потрошувачи за испорачаната електрична енергија и обезбедени услуги, во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија за тарифни потрошувачи. (став 4) Снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи може да набави електрична енергија на отворениот пазар по пазарни цени, ако: 1. пазарните услови и цени се поповолни од условите и цените утврдени за производителот од членот 66 на овој закон или 2. сопственото производство на производителот од членот 66 на овој закон, определено со регулираниот договор, не е доволно за задоволување на потребите за електрична енергија за тарифните потрошувачи по регулирани цени. Снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи е должен да изготви и да ги достави на одобрување до Регулаторната комисија за енергетика правила за набавка на електричната енергија од ставот 4 на овој член, а кои ги содржат условите, начинот и постапката на набавките, засновани на транспарентни и недискриминаторни начела. (став 5) Снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи е должен до операторот на пазарот на електрична енергија да доставува податоци за трансакциите, односно договорите и билансите за потребите од електрична енергија на своите потрошувачи неопходни за пресметка на неурамнотежувањата, во согласност со пазарните правила, мрежните правила за пренос и мрежните правила за дистрибуција. (став 6) По исклучок од ставот 4 на овој член и во мерка неопходна заради обезбедување на сигурноста во снабдувањето на тарифните потрошувачи, Регулаторната комисија за енергетика, по барање на снабдувач на тарифни потрошувачи, може со одлука привремено да задолжи друг учесник на пазарот којшто е носител на обврска за обезбедување на јавна услуга, во рок утврден со одлуката да набавува електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи. Снабдувачот на електрична енергија за тарифни потрошувачи ќе обезбеди доказ за неговата неможност да набави електрична енегија на начин со кој се обезбедува сигурност во снабдувањето. (став 7) Регулаторната комисија за енергетика може да ја укине одлуката од ставот 7 на овој член веднаш штом ќе утврди дека причините за нејзиното донесување престанале да постојат. (став 8).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика, како независно и самостојно регулаторно тело основано со Законот за енергетика, е надлежна за регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика. Заради извршување на работите од својата надлежност, Регулаторната комисија за енергетика, помеѓу другото, донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон и прописите донесени во согласност со овој закон. Во постапката за донесување на овие одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон е предвидена поинаква постапка. Против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија. За законитоста на поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика се одлучува во управен спор.

Врз основа на член 22 став 1 алинеја 3 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/11), Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на седницата одржана на ден 21 февруари 2011 година, донесе Правилник за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2011).

Правилникот содржи 6 глави, 25 членови и 5 прилога.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на седницата одржана на ден 29 ноември 2011 година, донесе Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи, под број 01-1616/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 168/2011).

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на седницата одржана на ден 31 октомври 2012 година, го донесе оспорениот Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи, под број 01-2013/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 135/12). Со оспорениот член 8 од овој правилник се менува „Прилог 2“ – „Методологија за пресметка на регулиран максимален приход за регулирана дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи“ кој е составен од 6 точки, од кои со наводите во иницијативата се оспорени точките 1 „Регулиран максимален приход“; 3 „Маржа“ и 4 „Средства за ликвидност“. Со овие измени на правилникот,во Методологијата која што е составен дел од Правилникот за цени на тарифни потрошувачи, не се направени суштински измени, туку само се појаснува и допрецизира методологијата за пресметка на регулиран максимален приход за регулирана дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи.

Согласно член 1 од Правилникот за цени на електрична енергија на тарифни потрошувачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 21/2011, 168/2011 и 135/12), со овој Правилник се уредува начинот и условите за формирање, одобрување и контрола на цените (во понатамошниот текст: регулирање на цените) со кои се остварува регулиран максимален приход потребен за вршење на следните регулирани дејности: 1. производство на електрична енергија, со цел да се задоволат потребите на тарифните потрошувачи, како и да се обезбедат системски услуги, оперативна резерва и енергија за урамнотежување за потребите на операторот на електропреносниот систем, во рамките на ограничувањата и можностите на производните единици и 2. снабдување со електрична енергија на тарифните потрошувачи. Одредбите од овој Правилник се однесуваат на правните лица кои што врз основа на лиценци издадени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија ги вршат регулираните дејности наведени во став 1 од овој член (во понатамошниот текст: „регулирано претпријатие“). (став 2)

Според член 2 од Правилникот, регулирањето на цените на електричната енергија, согласно начинот и постапката утврдени во овој Правилник, има за цел да обезбеди: создавање на стабилни и предвидливи услови за работење на регулираните претпријатија при вршењето на регулираните дејности од член 1 на овој Правилник; заштита на потрошувачите и корисниците од злоупотреба на доминантна позиција на пазарот и неоправдано високи цени и тарифи; урамнотежување на меѓусебните интереси на регулираните претпријатија вршители на регулирани дејности од член 1 на овој Правилник и на корисниците на регулираните дејности; поттикнување за ефикасно работење на регулираните претпријатија; создавање услови за развој и одржување на постојните и изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија; создавање услови со неопходните инвестиции во производните капацитети да се обезбеди одржливо функционирање на електроенергетскиот систем; недискриминаторен третман на регулираните претпријатија и примена на објективни критериуми и транспарентни методи и постапки за регулирање на цените на електрична енергија; надоместување на трошоците кои што регулираните претпријатија ги имаат во вршењето на регулираната дејност и соодветен повраток на капиталот; обезбедување и унапредување на сигурноста на снабдувањето, како и безбедно, непрекинато и квалитетно производство и снабдување со електрична енергија; унапредување на енергетска ефикасност, заштеда на енергија, ефикасно искористување на енергетските ресурси; заштита и унапредување на животната средина во вршењето на регулираните дејности.

Во членот 4 од Правилникот, претпријатието кое врши две или повеќе регулирани дејности или покрај регулираната дејност врши и некоја друга дејност која во смисла на овој Правилник не се смета за регулирана дејност, должно е во своите интерни пресметки да води одвоена евиденција за секоја од дејностите која ја врши поодделно, како и консолидирани биланси за другите дејности и да изготви биланс со преглед на приходите, расходите и резултатите од работењето за секоја дејност пооделно во согласност со закон.

Од членот 4 од Правилникот јасно произлегува обврската за одвоена сметководствена евиденција. Не се основани наводите во иницијативата во однос на непочитувањето на член 23 став 1 точка 12 во врска со ефективното раздвојување на сметководствената евиденција во согласност со овој закон, со цел да се избегне вкрстено субвенционирање на дејностите за производство, пренос дистрибуција и снабдување со енергија или природен гас заради отстранување на вкрстени субвенции меѓу групите потрошувачи и прелевање на приходите и трошоците при вршењето на регулираните или нерегулираните енергетски дејности е целосно неточна паушална и не одговара со фактичката состојба.

Според член 7 став 1 од овој правилник, цените се регулираат преку определување на горната граница на приходот што му се дозволува на регулираното претпријатие да го оствари во текот на една календарска година (во понатамошниот текст: регулиран максимален приход), преку регулирани просечни цени, односно цени за испорачана електрична енергија во согласност со соодветни тарифни системи. Регулираниот максимален приход се утврдува на ниво што на регулираното претпријатие му овозможува да оствари: 1. покривање на оперативните трошоци и амортизацијата на средствата за вршење на соодветната регулирана дејност направени во рамки на нормализираните трошоци при остварување на пропишан квалитет на вршење на регулираната дејност; 2. обезбедување на определена стапка на принос на капиталот, во која се вклучени и инвестициите, со кои ќе се овозможи оспособување, одржлив развој и достапност на услугите кои што се обезбедуваат за сите потрошувачи на електрична енергија на територијата на Република Македонија. Регулираниот максимален приход од став 2 на овој член ги вклучува и приходите кои што регулираното претпријатие ги остварува по други основи при вршењето на регулираната дејност. (став 3) Приносот на капиталот од вршењето на регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи се утврдува преку маржа за снабдување, во согласност со овој Правилник.(став 4)

Во член 10 став 1 од Правилникот, е наведено дека регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во себе ја содржи обврската за остварување на јавна услуга во согласност со Законот за енергетика, а особено: 1. Набавување на електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем од производителот на електрична енергија на кој во лиценцата му е утврдена обврска да обезбеди јавна услуга по цени одобрени и објавени од Регулаторната комисија за енергетика; 2. обезбедување, за потребите на тарифните потрошувачи, потребен преносен и/или дистрибутивен капацитет, како и услуги од операторот на пазарот на електрична енергија; 3. фактурирање на своите потрошувачи за испорачаната електрична енергија и обезбедени услуги, во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија за тарифни потрошувачи; 4. набавка на електрична енергија на отворениот пазар по пазарни цени, согласно член 199, став 4 од од Законот за енергетика. Според ставот 2 на овој член, регулираниот максимален приход за вршење на дејноста снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем, треба да ги покрие трошоците за: 1.оперативни трошоци и амортизација; 2.набавка на електрична енергија; 3. за неурамнотежувањата во однос на планирана и реализираната потрошувачка на електрична енергија, во согласност со пазарните правила, мрежните правила за пренос и мрежните правила за дистрибуција почнувајќи од 01.01.2012 година, 4.обезбедување на преносен и дистрибутивен капацитет и регулирани услуги. Регулираниот максимален приход за вршење на дејноста од став 1 на овој член, треба да обезбеди принос преку маржа за снабдување, а ќе ја определи Регулаторната комисија за енергетика врз основа на податоците од финансискиот извештај (биланс на состојба и биланс на успех, паричните токови, движење на капиталот и сметководствени политики и објаснувачки забелешки) и извештајот на ревизорите по финасискиот извештај за дејноста снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи во согласност со овој Правилник. (став 3)

Оттука, според Судот, сосема е јасно дека наводите во оваа иницијатива се неосновани во однос на тоа дека процентот на маржата и се одредува паушално и без соодветна постапка се сосема целосно неточни и невистинити и не одговараат на фактичката состојба. Дополнително за сите останати регулирани дејности производството на електрична енергија за тарифните потрошувачи, пренос на електрична енергија, организирање и управување со пазарот на електрична енергија како и дистрибуција на електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика при определувањето на приносот на капиталот ја применува пондерираната просечна цена на капиталот (WACC) изразена во проценти. Процентуалната вредност на пондерираната просечна цена на капиталот во сите одлуки на Регулаторната комисија за енергетика во однос на определувањето на регулираниот максимален приход и просечни тарифи односно цени за вршењето на регулираните енергетски дејности, производство на електрична енергија за тарифните потрошувачи пренос на електрична енергија, организирање и управување со пазарот на електрична енергија како и дистрибуција на електрична енергија, бил далеку повисок од утврдениот процент на маржа претходно наведен што може да се заклучи од сите претходно наведени одлуки.

Имајќи ги во предвид претходно наведените одредби од Законот за енергетика и Правилникот, со Методологијата за пресметка на регулираниот максимален приход за регулирана дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи која е составен дел на Правилникот, регулираниот максимален приход (MAR) што снабдувачот со електрична енергија на тарифни потрошувачи може да го оствари од вршење на регулирана дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи за соодветната година од регулираниот период, се пресметува со примена на соoдветната формула.

Според оценка на Судот неосновани се наводите во иницијативата дека во оперативните трошоци се вкалкулирани и трошоците за пренос на електрична енергија, организирање и управување со пазарот на електрична енергија како и дистрибуција на електричната енергија бидејќи се целосно неточни и невистинити. Снабдувачот со електрична енергија на тарифни потрошувачи (ЕВН Македонија АД Скопје) согласно претходно наведените одредби од Законот за енергетика е должен да обезбеди за потребите на тарифните потрошувачи потребен преносен и дистрибутивен капацитет, како и услуги од операторот на пазарот на електрична енергија, при што трошоците за користење на преносната мрежа како и трошокот за операторот на пазарот на електрична енергија му ги надоместува на АД – МЕПСО Скопје, како вршител на енергетските дејности пренос на електрична енергија и организирање и управување со пазарот на електрична енергија. Судот утврди дека подносителот на иницијативата не прави разлика дека претпријатието ЕВН Македонија врши две регулирани енергетски дејности и тоа: дистрибуција на електрична енергија и снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи, при што и за двете дејности е должно да води одвоена сметководствена евиденција. Од овие причини снабдувачот со електрична енергија на тарифни потрошувачи е должен да му ги надомести сите трошоци за дистрибуција на електрична енергија.

Согласно точката 4 „Средства за ликвидност“ од Прилогот 2, Методологија за пресметка на регуларен максимален приход за регуларна дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи од оспорениот Правилник, регулираното претпријатие кое ја врши регулираната дејност снабдување со електрична енергија на тарифни потрошувачи е должно да изготвува соодветни годишни извештаи во врска со активностите преземени за управувањето на процедурите за ненаплативите побарувања, како и превземените мерки за намалување на ненаплативите побарувања. Исто така, Регулаторната комисија за енергетиката може да ангажира овластен ревизор за изготвување на дополнителен извештај во врска со ненаплативите побарувања. Од анализата на доставеното мислење од Регулаторната комисија за енергетиката, според податоците од ЕВН Македонија АД Скопје, процентот на наплата на испорачаната електрична енергија изнесува 90 до 92 % кое можело да предизвика нарушување на ликвидноста на претпријатието а со тоа да се доведе до неисполнување на обврскитѕе кон АД ЕЛЕМ –Скопје и АД МЕПСО-Скопје, што во голема мера ќе ја наруши сигурноста со снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите во Република Македонија.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби Судот оцени дека право е на законодавецот со закон да утврдува овластувања и надлежности на тело во конкретниов случај Регулаторната комисија за енергетика за работи кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика, која е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со Законот, а посебно надлежноста за донесување на пропис за формирање на цени на одделни видови на енергија и регулирани услуги, каков што е впрочем оспорениот правилник кој претставува доразработка на одредбите од Законот.

Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека оспорениот дел во Правилникот не бил во согласност со одредбите од Законот за облигационите односи кои се однесуваат на склучување на договор како израз на слободна волја на странките (член 5, член 6, член 8 став 1, член 9, член 11 став 3, член 12, член 38 став 1 и член 201), поради што значеле повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Од погоре наведените причини, Судот оцени дека во конкретниот случај нема основ за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од Правилникот и не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот, Законот за енергетика и Законот за облигациони односи.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.140/2013
3.06.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева