Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 јуни 2015 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на
– член 33 и член 474 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010);
– член 33 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005), и
– член 475 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1998).
2. Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе две иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од законите наведени во точката 1 на ова решение.
Со првата иницијатива подносителот го оспорува член 33 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010), а со дополнувањето на иницијативата, иницијативата ја проширува и на член 33 онака како што гласел во основниот текст од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005). Со втората иницијатива го оспорува член 474 од основниот текст на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005), а во прецизирањето на иницијативата, ја проширува иницијативата и на член 475 од претходно важечкиот Закон за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1998) кој не е веќе во правниот поредок.
Поради идентичноста на наводите, иницијативите се споени во еден предмет, а дополнително подносителот достави до Судот дополнување и две прецизирања на иницијативите. Наводите во сите овие поднесоци во голем дел се идентични и се повторуваат и тие можат да се резимираат на следниот начин:
Повод за поднесување на иницијативите е долгогодишен спор за утврдување право на сопственост на подносителот кој се водел пред редовните судови, кој започнал уште во 1984 година и кој подносителот го изгубил.
Во времето на поднесување на тужбата, според тогаш важечките прописи подносителот имал право да поднесе ревизија. Но со текот на времето, со неколкуте измени на Законот за парничната постапка во делот на вредноста на спорот за кој може да се изјави ревизија (која што вредност постојано растела), поради промената на валутата од југословенски динари во денари, како и поради инфлацијата, подносителот не можел да направи промена на вредноста на спорот и го изгубил правото на ревизија. Дополнително, со измените на законот и напуштањето на правниот лек – барање за заштита на законитоста, подносителот практично го изгубил правото на пристап до Врховниот суд на Република Македонија за разгледување на неговиот предмет пред овој највисок суд.
На пресудата со која тужбеното барање на подносителот било одбиено, тој вложил жалба со која барал да се промени вредноста на спорот, која што жалба била одбиена од страна на Апелациониот суд Скопје. Подносителот смета дека поради ваквата пресуда на Апелациониот суд Скопје, подоцна и Врховниот суд ја отфрлил ревизијата.
Во однос на одредбата од членот 33 подносителот наведува дека во неа законодавецот не предвидел дека тој што стекнал право на ревизија има право да ја покачи вредноста на спорот до предвидената вредност за дозволена ревизија (да го ревалоризира имотот) и не предвидел жалба во случај кога основниот суд ќе прифати вредност на спорот со кој не е дозволена ревизија.
Во однос на одредбата од членот 474 од важечкиот Закон за парнична постапка, подносителот како причина за оспорување го наведува фактот што законодавецот не предвидел дека кога е зголемена вредноста за ревизија и е укинато барањето за заштита на законитоста, споровите за кои дотогаш можело да се поднесе ревизија и БЗЗ тоа право не го губат, туку и понатаму за нив тоа важи.
Подносителот наведува дека со оспорените одредби од Законот за парничната постапка се повредени уставните принципи на владеењето на правото, правната сигурност како и правото на сопственост загарантирано со Уставот. Имено, тој смета дека законодавецот со тоа што ја зголемил вредноста на спорот за кој може да се вложи ревизија и што не предвидел во оспорените одредби дека стекнатото право на ревизија не се губи, односно поради тоа што во членот 33 не предвидел можност за измена на вредноста на спорот, создал една голема правна несигурност, бидејќи тој не бил сигурен до крајот на спорот дали ќе може да вложи ревизија, дека правото на ревизија е стекнато право кое не може да се одземе и дека со вака формулираните оспорени одредби на него му е нанесена голема неправда. Исто така подносителот смета дека со оспорените одредби се повредува правото на сопственост односно законодавецот не го штити на еднаков начин за сите правото на сопственост, бидејќи за имот со иста вредност, правото на поднесување на ревизија зависи од тоа дали спорот е првостепено решен или не, во моментот на примената на законот. Со тоа законодавецот го нарушил и правото на еднаквост на граѓаните, односно го оштетил него како тужител, а го фаворизирал тужениот.
Подносителот исто така смета дека со оспорените одредби било повредено правото на фер судење, бидејќи законодавецот едноставно укинал можноста еден трибунал, во случајот тоа бил Врховниот суд, да го разгледа спорот.
Подносителот се повикува на ставот на Уставниот суд изнесен во Решението У.бр.28/2014, Решението У.бр.59/2011 и Решението У.бр. 35/2006, укажувајќи дека право е на законодавецот да ја предвиди ревизијата, но дека тој нема право како сака и кога сака ревизијата да ја одзема, бидејќи со тоа се создава правна несигурност, нееднаквост на граѓаните пред законот, нееднаква заштита на сопственоста и нефер судење.
Подносителот во иницијативите и подоцнежните поднесоци бара оспорените одредби да се поништат, а не да се укинат, бидејќи само со поништувачка одлука тој би можел да го оствари правото на ревизија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 33 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010), ако тужбеното барање се однесува на сопственички спорови, за определување на вредноста на спорот меродавна е прометната вредност на имотот, предмет на спорот, што тужителот е должен да ја определи во тужбата. Ако во случајот од ставот 2 на овој член вредноста на предметот на спорот тужителот очигледно ја определил многу високо или многу ниско, така што се поставува прашање за составот на судот или за правото на изјавување ревизија, судот најдоцна до закажување на подготвителното рочиште брзо и на погоден начин ќе ја утврди вредноста на спорот. Во сите други случаи, кога тужбеното барање не се однесува на паричен износ, како вредност на предметот на спорот се смета висината на таксената основица.
Според членот 474 од истиот закон, ако пред денот на примената на овој закон е донесена првостепена пресуда или решение со кое постапката пред првостепениот суд се завршува, натамошната постапка ќе се спроведе според дотогашните прописи. Ако по денот на примената на овој закон биде укината првостепената одлука од ставот 1 на овој член, натамошната постапка ќе се спроведе според овој закон.
Судот на седницата исто така утврди дека во оспорениот член 33 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005), е предвидено дека ако тужбеното барање не се однесува на паричен износ, но тужителот во тужбата навел дека се согласува наместо исполнување на тоа барање да прими определен паричен износ, како вредност на предметот на спорот ќе се земе тој износ (став 1). Во други случаи, кога тужбеното барање не се однесува на паричен износ, меродавна е вредноста на предметот на спорот што тужителот ја определил во тужбата (став 2). Во ставот 3 на овој член од законот е определено дека ако во случајот од ставот (2) на овој член вредноста на предметот на спорот тужителот очигледно ја определил многу високо или многу ниско, така што се поставува прашање за составот на судот или за правото на изјавување ревизија, судот најдоцна на подготвителното рочиште, а ако подготвителното рочиште не е одржано, тогаш на главната расправа пред почетокот на расправањето за главната работа, брзо и на погоден начин ќе ја провери точноста на означената вредност.
Според членот 475 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1998), ако пред влегувањето во сила на овој закон е донесена првостепена пресуда или решение со кое постапката пред првостепениот суд се завршува, натамошната постапка ќе се спроведе според дотогашните прописи. Ако по влегувањето во сила на овој закон биде укината првостепената одлука од ставот 1 на овој член, натамошната постапка ќе се спроведе според овој закон.
4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Од содржината на оспорената одредба на член 33 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка (бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) произлегува дека станува збор за одредба која го регулира прашањето за определување на вредноста на спорот, односно критериумот за определување на вредноста на спорот – прометната вредност на имотот, субјектот кој е должен тоа да го направи – тужителот, како и корективната улога што ја има судот во случај кога тужителот вредноста на предметот на спорот очигледно ја определил многу високо или многу ниско, бидејќи од тоа зависи составот на судот или правото на изјавување на ревизија.
Ценејќи ги наводите во иницијативата, Судот оцени дека во суштина подносителот не ја оспорува одредбата поради ваквата содржина, бидејќи во иницијативата не се наведени причини поради кои што тој смета дека ова законско решение ги повредува уставните норми и принципи на кои се повикува подносителот. Или со други зборови кажано, подносителот смета дека оваа одредба е неуставна бидејќи таа не предвидувала право на тужителот да ја зголеми вредноста на спорот, во ситуација кога законодавецот го зголемил вредносниот лимит за изјавување на ревизија, а го укинал барањето за заштита на законитоста како вонреден правен лек. Тој исто така смета дека оваа одредба е несогласна со Уставот бидејќи во неа не било предвидено право на жалба доколку судот прифати вредност на спорот која е пониска од вредноста за изјавување на ревизија.
Тргнувајќи од наводите во иницијативата и подоцнежните поднесоци, од уставната одредба од членот 110 алинеја 1 како и од востановената уставно-судска практика, произлегува дека Уставниот суд ја оценува согласноста на законските одредби онакви какви што се дадени, односно во онаа содржина како што е предвидена во самиот текст на одредбата и дека нема надлежност да одлучува за тоа што еден закон или пропис не содржел, а требало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметните иницијативи.
6. Од истите причини, подносителот бара Судот да ја поништи одредбата од членот 33 од основниот текст на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија бр. 79/2005). Оваа одредба е изменета со подоцнежните измени на Законот за парничната постапка во 2010 („Службен весник на Република Македонија бр.116/2010) и како таква не е повеќе во правниот поредок. Поради наведеното во однос на оваа одредба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.
7. Одредбата од членот 474 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија бр. бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) според содржината и систематиката на Законот, претставува преодна одредба која има за цел да го утврди преодниот режим на Законот, односно да го регулира преминот од стариот во новиот режим на примената на Законот за парничната постапка. При тоа законодавецот вообичаено утврдува определен момент во постапката од кој започнува примената на новите правила, односно на новиот закон, а се со цел да се обезбеди правната сигурност. Како таков момент законодавецот во оспорената одредба го определил моментот на окончување на постапката пред првостепениот суд, односно моментот на правосилноста, така што старите правила ќе се применуваат на правосилни судски акти (донесени, односно потврдени во втор степен, а новите правила ќе се применуваат на сите други случаи (пр. кога првостепениот судски акт не станал правосилен поради укинување од страна на второстепениот суд или пак на случаи кога пред денот на примената на законот не е донесен првостепена судска одлука). Подносителот и оваа одредба не ја оспорува поради конкретното законско решение, туку поради тоа што таа не предвидувала странките кои што имале право на ревизија според вредноста на спорот во моментот на поднесување на тужбата, дека го задржуваат тоа право, иако е вредноста за изјавување на ревизија е зголемена и е укинато барањето за заштита на законитоста како правен лек.
Тргнувајќи од она што беше наведено во однос на членот 33 од Законот за парничната постапка, Судот оцени дека и во однос на оваа одредба Уставниот суд нема надлежност да одлучува за тоа што таа требало да содржи, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.
8. Од истите причини, подносителот ја оспорува и одредбата од членот 475 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/1998) кој е вон сила, односно престанал да важи со денот на примената на Законот за парничната постапка во 2005 година. Оттука произлегува дека оспорената одредба не е веќе во правниот поредок, поради што Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.
Во однос на оваа одредба, Судот цени за потребно да укаже дека таа веќе била предмет на оценка од страна на Уставниот суд кој со Решение У.бр.155/2000 од 6 декември 2000 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 475 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр. 33/98). Во образложението на тоа решение Судот укажал дека: „законската одредба воспоставува објективна мерка за тоа кои правила во процедурата при парница ќе се применуваат после 19 јули 1998 година (на правосилните, старите, а на незавршените постапки, новите правила). Притоа, тоа што граѓаните кои добиле правосилни судски акти и на кои се применуваат старите правила, односно кои имаат можност да користат ревизија, за разлика од граѓаните кои немаат правосилни судски акти и на кои се применуваат новите правила односно немаат можност да користат ревизија, не може да се смета за нееднаквост, бидејќи тоа се очигледно различни правни и фактички ситуации, па можат да имаат и различен правен третман. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност оспорената законска одредба со член 9 став 2 од Уставот. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата за повратното дејство на наведената законска одредба, Судот смета дека повратно дејство има ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек. Оттука, произлегува дека член 475 став 2 Законот нема повратно дејство со оглед дека регулира понатамошна (во иднина) процедура по односи помеѓу граѓаните (предмети) кои се незавршени, поради што Судот оцени дека законската одредба не е во несогласност со член 52 став 4 од Уставот“.
9. Подносителот во иницијативата и во другите поднесоци бара Уставниот суд да ги поништи оспорените одредби, а не да ги укине, бидејќи само поништувачка одлука на Судот, ќе му овозможела тој да го оствари правото на ревизија.
Тргнувајќи од овие наводи и барања во иницијативата, Судот укажува дека при оценката на уставноста и законитоста на одредбите од законите, односно прописите Уставниот суд тргнува исклучиво од содржината на одредбата и истата ја оценува апстрактно и независно од нејзината примена во практиката и ефектите што таа ги има или би можело да ги има на конкретни случаи.
Уставниот суд, поаѓајќи од својата надлежност за оценка на уставноста на законите, не е во позиција да ги коментира наводите на подносителот на иницијативата од аспект на конкретниот парничен предмет, односно конкретните судски одлуки и причините за екстремно долгата парнична постапка и за повеќекратното постапување на судовите во овој случај. За долгото траење на постапката постојат други видови на заштита согласно домашното и меѓународното право, некои од коишто согласно приложената документација, подносителот веќе и ги искористил. Токму ваквите примери, кои не биле ретки, биле причина за креирање на новиот систем на парнична постапка во 2005 година и за негово континуирано надградување во правец на забрзување на постапката и ефикасно решавање на граѓанските предмети.
Врз основа на сето наведено Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во однос на сите оспорени одредби од причини наведени погоре за секоја одделна одредба.
10. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.154/2014
3 јуни 2015 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева