У.бр.75/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членoвите 28 алинеa 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 24 ставови 4, 7 и 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 151/2007, 24/2008, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 60/2011, 144/2012, 55/2013, 70/2013, 163/2013 и 42/2014).

2. Илко Петров и Марта Димишковска, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на оспорената одредба од актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативите, оспорените одредби не биле доволно јасни и прецизни поради тоа што заинтересираните физички и правни лица не би можеле да дознаат односно би биле спречени да дојдат на јавната презентација (можеби немале пари за да си купат јавно гласило-весник), а подоцна кога истата ќе завршела би требало заинтересираното лице да оди во конкретната општина и тогаш би требало да му биде прикажан планот, но според подносителите на иницијативите би требало да се вклучи во донесувањето на планот преку поднесување на приговор или предлог, но ако лицето не пополнило анкетен лист, неговиот приговор не би бил прифатен. Понатаму во иницијативите се бара ставот 4 на член 24 од Законот, да има поинаква содржина од оспорената.

Во иницијативите се наведува дека ставот 7 на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011) не е во согласност со член 9 од Уставот со кое се гарантирало правото на еднаквост на граѓаните, бидејќи со оспорените одредби на овој член биле фаворизирани само оние лица кои сигурно знаеле за донесувањето на планот и кои сакале да се изгласа план по нивна желба.

Според наводите во обемното образложение на дополнителните иницијативи се наведени личните и општите причини за оспорување на одредбите на ставовите 4, 7 и 9 на членот 24 од овој закон, се цитирааат членовите 8, 9, 50 и 110 од Уставот, членовите 6 и 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи и детално се образложуваат постапките на подносителите на иницијативите во која го изразуваат своето незадоволство од донесувањето на Деталниот урбанистички план за „Тасино Чешмиче 1“ за Блок Б 6 во Скопје. Подносителите на иницијативите сметаат дека е потребно Уставниот суд да ја преиспита дадената согласност од страна на Министерството за урбанизам и градежништво во врска со примената на Законот за просторно и урбанистичко планирање и дали биле испочитувни стандардите и нормативите од подзаконските акти во однос на унапредувањето на животната средина во донесувањето на конкретно споменатиот детален урбанистички план.

3. Судот на седница утврди дека во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1).

Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2).

За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3).

Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (оспорен став 4).

Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработката на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичко планирање.

Согласно член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа „носителот на изработката на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичко планирање“.

Во став 8 од истиот член се утврдува дека извештајот од ставот 7 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Со став 9 од истиот член се определува дека “врз основа на извештајот, комисијата од ставот 7 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Според став 10 од наведениот член на Законот, „доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.“

Според став 11, „времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.“

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 24 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 199/2014), во главата насловена под број VI „Постапка за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации“, е уредено дека постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектни документации се спроведува во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам. Корисници на информациски систем е-урбанизам се изработувачот на урбанистичкиот план, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко – планска документација и урбанистичко – проектна документација, донесувачот на урбанистичкиот план и регулациски план на генерален урбанистички план, органот надлежен за одобрување на урбанистичко-планска документација и урбанистичко – проектна документација, органите на државна управа кои се вкучени во постапката за донесување на урбанистички план, урбанистичко – планска документација и урбанистичко-проектна документација согласно одредбите на овој закон, субјектите од член 32 став 1 на овој закон, членовите на комисијата за урбанизам од член 23 на овој закон, членовите на комисиите од член 34 став 8 на овој закон и член 35 став 10 на овој закон, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен управен инспекторат, учесниците во стручна расправа и јавна анкета и членовите на Советите на општините, општините во градот Скопје и град Скопје. (став 2) Размената на податоци помеѓу корисниците на информацискиот систем е-урбанизам од став 2 на овој член се потврдува од страна на корисникот со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, преку информацискиот систем е-урбанизам. (став 3) Начинот на спроведување на постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектни документации, во електронска форма го пропишува министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. (став 4).

Во член 133 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 199/2014), е утврдено дека со денот на отпочнување на примена на овој закон престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), освен одредбата од член 29-а став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14) која ќе се применува до 1 јуни 2015 година.

Согласно член 135 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 март 2015 година, освен одредбата од член 51 став 4 на овој закон, која ќе започне да се применува во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Поаѓајќи од тоа дека со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 199/2014), оспорените одредби на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), имаат друга содржина, различна од оспорената, односно дека оспорените одредби во текстот во кој се оспоруваат не се повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.75/2014
27.05.2015
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева