У.бр.169/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 алинеја 19 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 12/2014 и 43/2014).

2. Славе Димитров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 8 од Законот за вештачење, означен во точката 1 од ова решение. Судот, уставно-судската анализа ја направи на целата алинеја 19 од членот 8 од Законот, а имајќи предвид дека оспорениот дел: „заштита на авторското право и други сродни права од интелектуална сопственост“ ја сочинува целината на означената алинеја.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 и член 51 од Уставот, потоа одделни одредби од Законот за судовите, Законот за авторското право и сродните права и Законот за интелектуална сопственост со цел да ја појасни правната проблематика која е уредена со оспорената одредба.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат одделни одредби од Законот за вештачење и се наведува дека судската власт била надлежна за прашања од правната област, а со вештачењето се обезбедувало стручно знаење со кое не располага судот, од каде судовите не можеле да обезбедуваат вештачење од правната област-заштитата на авторското право и другите сродни права и индустриската сопственост бидејќи правна област спаѓала во стручност и надлежност на судската власт, а тоа произлегувало од Законот за авторското право и сродните права и Законот за интелектуална сопственост.

Со оспорената одредба се создавала хаотична, апсурдна состојба од која се добивал впечаток дека постоела паралелна судска власт, односно не била јасна улогата на судската власт и на лиценцираните вешти лица. Оттаму, било нејасно каква би била улогата на судската власт, во случаите кога за правната област уредена со Законот за авторското право и сродните права и Законот за интелектуална сопственост, својата улога на судска власт би ја препуштила на вешто лице.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 8 од Законот за вештачење, вештачењето се врши во следниве области:

– материјално, сметководствено и финансиско работење,
– медицина (психијатрија, невропсихијатрија, хирургија, гинекологија, кардиологија, ортопедија и други),
– ветеринарство,
– градежништво и архитектура,
– електротехника,
– информатички технологии,
– машинство и сообраќај,
– земјоделство, шумарство и водостопанство,
– графологија,
– геодезија,
– рударство,
– технолошко инженерство,
– хемиско биолошко,
– молекуларна биологија и генетика,
– токсикологија и дроги,
– балистика,
– заштита на животната средина и екологијата,
– заштита на културното наследство,
– заштита на авторското право и други сродни права и права од интелектуална сопственост и
– други области.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот на Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Судот тргнувајќи од анализата на оспорената одредба оцени дека подносителот на иницијативата има погрешен впечаток за нејзиниот предмет на уредување, бидејќи со оспорениот член 8 од Законот, вклучително и со оспорената алинеја 19 само се набројуваат областите во кои може да се врши вештачење. Во оваа одредба не се уредува кој го спроведува вештачењето во некоја од наброените области. Според тоа одредбата сама по себе не ограничува во изборот на профилот и бројот на вештите лица, а кој ќе ги применува законите зависи од проблематиката и потребите на конкретниот предмет.

Оттаму, Судот оцени дека оспорената одредба разгледу-вана од аспектите на иницијативата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.169/2014
27 мај 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева