У.бр.112/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 1 од Тарифниот систем за измена и дополну-вање на Тарифен систем за продажба на топлинска енергија бр.01-1775/1 од 25.07.2014 година донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 1 од тарифниот систем означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба било предвидено на потрошувачите на топлинска енергија кои спаѓаат во категоријата „останати“ да им се наплатува за 75% повисока цена од онаа што се наплатувала за категоријата „домаќинства“. Во категоријата останати потрошувачи спаѓале: училиштата, градинките, факултетите, студентските и училишните домови, домовите за сместување на стари и изнемоштени лица и многу други на кои им била потребна помош и солидарност од општествената заедница. Со оспорената одредба била направена дискриминација кон оние кои биле најслаби, најнемоќни и на кои им била потребна општествена помош и солидарност, а Регулаторната комисија одредила тие да плаќаат 75% поскапо. Од наведените причини подносителот на иницијативата бара одредбата да биде укината како спротивна на член 8 став 1 алинеја 8, член 9, член 35 и 55 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 1 од Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифен систем за продажба на топлинска енергија, во Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија” бр.99/13) во членот 3 по став 4 се додава нов став 5 кој гласи:

„Релативниот однос на тарифните ставови помеѓу категориите потрошувачи а кој ќе го применува СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје е:

Домаќинства : Останати = 1,0 : 1,75“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност (став 1). Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани (став 2). Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот (став 3).

Според член 55 ставови 2 и 3 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно со член 1 точка 5 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014 и 151/2014) со Законот за енергетика, меѓу другото се уредува и пазарот на топлинска енергија.

Според член 14 од Законот, заради спроведување на социјалната заштита од енергетската сиромаштија на граѓаните, Владата на Република Македонија, на предлог на министерството, подготвен во соработка со министерството надлежно за социјална заштита, донесува годишна програма за намалување на енергетската сиромаштија во која, меѓу другото, се предвидува субвенционирање на потрошувачката на енергија и енергенти за одделни домаќинства, видовите на енергија и енергент кои ќе бидат предмет на субвенцијата, поефикасно користење на енергијата, начинот на спроведување на мерките, изворите на буџетски и други средства за финансирање на мерките и органите одговорни за реализација на мерките.

Регулаторната комисија за енергетика, согласно член 22 точка 3 од Законот, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, меѓу другото, има надлежност да донесува прописи и тарифни системи и да донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности. Според членот 25 став 1 од Законот, со тарифните системи за пренос или дистрибуција на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас и услугите што ги обезбедува операторот на пазарот на електрична енергија се определува начинот на утврдување на тарифите за регулираните услуги врз основа на приходите определени со примена на соодветните методологии од членот 24 став 1 на овој закон.

Во членот 113 став 5 од Законот е определено дека, Регулаторната комисија за енергетика, по барање од регулираниот производител (на топлинска енергија), го определува надоместокот што регулираниот производител ќе го добие за обезбедување на услугите во системот за топлинска енергија. При определувањето на надоместокот треба да се земат предвид фиксните и варијабилните трошоци на регулираниот производител, како и разумен повраток на капиталот. Надоместокот се состои од два дела: надоместок за обезбедување на системски услуги и системска резерва и регулирана цена за произведената топлинска енергија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека пазарот на топлинска енергија е уреден со Законот за енергетика, при што Законот определува дека Регулаторната комисија за енергетика има свои надлежности по однос на донесувањето на прописи и тарифни системи за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности. Согласно членот 14 од Законот, Владата на Република Македонија е органот задолжен со закон за спроведување на социјалната заштита од енергетската сиромаштија на граѓаните и тоа преку субвенционирање на потрошувачката на енергија и енергенти за одделни домаќинства, со што се запазува уставните принципи за социјална сигурност и социјална праведност. Оттаму, со оспорената одредба не се повредуваат хуманизмот, социјалната правда и солидарноста утврдени како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија во членот 8 став 1алинеја 8 од Уставот.

Во контекст на направената анализа произлегува дека релативниот однос на тарифните ставови помеѓу домаќинствата од 1,0 наспроти останатите од 1,75 е исто така во правец на субвенционирање на домаќинствата, каква што е определбата на членот 14 од Законот.

Поаѓајќи од фактот што домаќинствата како потрошувачи на топлинска енергија и останатите потрошувачи на топлинска енергија не се наоѓаат во иста правна положба по однос на нивните: карактеристики, намена на потрошена енергија, поставеност во системот, извори на средствата и друго, Судот оцени дека не се еднакви од каде произлегува дека оспорениот член 1 од Законот не може да биде проблематизиран по однос на неговата согласност со членот 9 од Уставот.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 1 од Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифен систем за продажба на топлинска енергија е во согласност со член 8 став 1 алинеја 8, член 9, член 35 и 55 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.112/2014
22 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева