У.бр.8/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 61 став 2 и член 72 став 2 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија, број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015 и 44/2015).

2. Бранко Скендерски од Берово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата со оспорените законски одредби се повредувале член 8 став 1 алинеите 3, 6, 7 и 11, член 30, член 50, член 51 и член 55 од Уставот, членовите 29 ставови 8 и 9 и 92 ставови 1 и 4 од Законот за шумите, како и членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001).

Оспорениот член 61 став 2 предвидувал користење да може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план или програма, а оспорениот член 72 став 2 предвидувал дека користењето, односно собирањето на други шумски производи во шума и на шумско земјиште може да се врши само ако тоа е предвидено со посебниот план и годишните планови за стопанисување со шумите.

Со член 12 точка 13 од Законот за шумите (значење на поимите употребени во Законот), било уредено што подразбирал поимот “користење на шумите”, односно дека тоа е сеча на дрвја и производство на шумски сортименти, користење на отпадот од сеча, други шумски производи (шумски плодови, лековити растенија или нивни делови, печурки, лишаи, мов, семе, смола, камен и друго), промет на дрво и други шумски производи, како и користење на шумите за туризам, лов и рекреација.

Меѓутоа со оспорените законски одредби не било предвидено сеча на секаков вид дрвна маса и било кое користење на приватните шуми за кои не се изработувал посебен план или програма, а тоа биле приватните шуми под 10 хектари површина, од кои причини според подносителот, со оспорените одредби од Законот се повредувале погоре наведените одредби од Уставот и законите.

3. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 61 став 2 од Законот за шумите, користење може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план или програма, а според оспорениот член 72 став 2 од Законот, користењето, односно собирањето на други шумски производи во шума и на шумско земјиште може да се врши само ако тоа е предвидено со посебниот план и годишните планови за стопанисување со шумите.

4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според оспорениот член 61 став 2 од Законот за шумите користење може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план или програма.

Со оспорениот член 72 став 2 од Законот, е определено дека користењето, односно собирањето на други шумски производи во шума и на шумско земјиште може да се врши само ако тоа е предвидено со посебниот план и годишните планови за стопанисување со шумите.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби се повредувале повеќе одредби од Уставот, како и членови од Законот за шумите и Законот за сопственост и други стварни права, бидејќи не содржеле уредување по однос користењето на приватните шуми за кои не се изработувал посебен план или програма, а тоа биле приватните шуми под 10 хектари површина, па оттука бара оцена на уставност и законитост на одредбите од Законот за шумите кои ги оспорува со иницијативата.

Со иницијативата нема образложение од кои причини оспорените законски одредби по својата содржина се спротивни на конкретно наведените одредби од Уставот, туку тие се оспоруваат како спротивни на уставните одредби од аспект на нешто што според подносителот на иницијативата не содржеле, односно не предвидувале.

Со Законот за шумите се предвидени одредби за планирањето на управувањето и стопанисувањето со шумите и шумското земјиште, како за шумите кои се во државна сопственост, така и за шумите во приватна сопственост. Во оваа смисла, нејасни се наводите дека немало уредување по однос користењето на приватните шуми под 10 хектари површина, на што всушност се однесува членот 29 став 8 од Законот според кој сопствениците на приватни шуми за кои нема изработено посебен план или програма за стопанисување со шумите, што се со површина до 10 ха, стопанисуваат според критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост.

Член 30 став 1 од Законот, покрај другото определува дека “за приватни шуми од 10 до 30 ха се стопанисува врз основа на програма за стопанисување со шуми (во натамошниот текст: програмата), а за приватни шуми за кои нема изработено програма се стопанисува според критериуми за стопанисување со шуми во приватна сопственост, со кои согласно ставот 9 од член 29 од Законот, се пропишува формата на одгледување; квалитетот на насадите; претходно извршени работи, обемот и видот на сечата; видот и роковите за извршување на работите за одржување и унапредување на шумите; лицата кои можат да ги извршуваат работите; роковите за нивно извршување, како и начинот на евиденција во посебен образец-евиденциски картон за приватни шуми за секоја катастарска парцела посебно.

Критериумите за стопанисување со шумите во приватна сопственост за кои не се изработува посебен план или програма како формата и содржината на евиденцискиот картон за приватни шуми за секоја катастарска парцела посебно, ги пропишува министерот (член 29 став 11 алинеја 4 од Законот). Исто така, членот 92 од Законот содржи уредување по однос субјектите кои вршат активности за стопанисувањето на приватни шуми, посебните планови и програми кои за таа цел се донесуваат, како и нивното спроведување.

Поради изнесеното, со оглед дека во иницијативата нема аргументи и образложени причини за противуставноста на оспорените законски одредби со конкретно наведените одредби од Уставот, односно одредбите од Законот за шумите се оспоруваат поради содржина која според подносителот тие ја немале, а не од аспект на согласноста на содржина која тие ја имаат со одредбите од Уставот, истото претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата. Исто така со иницијативата се бара оцена на законитост на оспорените одредби од Законот, кое всушност претставува барање Судот да одлучува за меѓусебната согласност на оспорените одредби од Законот за шумите со одредби од истиот закон и со одредби од друг закон, што е надвор од утврдените надлежности на овој суд.

5. Имајќи предвид дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, како и со оглед дека Уставниот суд согласно 110 алинеја 1 од Уставот е надлежен да одлучува само за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебната согласност на прописи кои се од ист ранг, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.8/2015
22 април 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева