У.бр.13/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 8 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 точка 13, член 10 став 1 точка 16 и став 2 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014,180/2014, 188/2014).

2. Ранко Мирчески од Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 2 и членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014).

Според наводите во иницијативата, од оспорените одредби произлегувало дека лицата кои остваруваат приходи помали од минималната плата немале обврска за плаќање на наведените придонеси, а лицата кои остваруваат приходи над минималната плата ќе плаќале придонеси за целокупниот износ на приходите, што било само по себе контрадикторно и спротивно на член 9 од Уставот, според кој, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите. Едно лице било ослободено од плаќање на давачките до износ од минималната плата, а друго лице плаќало давачки и за износот на кое првото лице е ослободено.

Подносителот смета дека оспорените одредби требало да се изменат и после зборовите „минималната плата утврдена со закон“ да се додаде „за износот кој е поголем од минималната плата утврдена со закон“, со што обврската за плаќање би се однесувала само за износот над минималната плата.

Во однос на одредбата од членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, односно новододадениот став 2, во иницијативата се наведува дека таа била во спротивност со Законот за минимална плата во случаи кога износот на збирот на приходите во нето износ е помал од бруто износот на законски утврдената минимална плата.

Подносителот наведува дека лицата и покрај тоа што остваруваат помали приходи од минималната нето плата според договорите, ќе бидат обврзани да плаќаат придонеси доколку во праксата не ги реализираат истите приходи од различни причини.

Посебно биле карактеристични случаите каде, на пример, едно лице има секој месец приход под минималната плата, но на вкупен годишен износ тој приход ја надминува месечната минимална нето плата, кога обврзникот од тој договор средствата за сите месеци му ги исплати во еден износ, поради што се поставувало прашање дали тогаш лицето е обврзано за плаќање придонеси. Поради наведеното подносителот смета дека во законот требало точно да се дефинира на кои приходи се однесува обврската за плаќање на придонесите, пресметаните приходи кои се наведени во договорот или реализираните приходи кои значат средства стигнати на трансакциската сметка во банка.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014), со кој се додава нова точка 13 на членот 7 став 1 од основниот текст на законот, додека пак со оспорениот член 3, меѓу другото, се додава нова точка 16 и нов став 2 на членот 10 од основниот текст на Законот, поради што како оспорени ќе ги смета член 7 став 1 точка 13 и член 10 став 1 точка 16 и став 2 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012, 15/2013, 91/2013, 170/2013, 97/2014, 113/2014, 180/2014, 188/2014).

Членот 7 став 1 точка 13 од Законот се однесува на:

13) лица кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, освен корисници на пензија според прописите на пензиското и инвалидското осигурување.

Членот 10 став 1 точка 16) се однесува на:

16) лица кои остваруваат приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, освен корисници на пензија според прописите на пензиското и инвалидското осигурување.

Согласно членот 10 став 2, ако лицата од ставот 1 точка 16 од овој член остваруваат приходи од повеќе договори ќе станат обврзници за плаќање придонес за задолжително здравствено осигурување кога збирниот нето износ на приходите по тие договори ќе го надмине износот на минималната плата утврдена со закон.
4. Судот на седницата и во претходна постапка исто така утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување чии одредби се предмет на оваа иницијатива беше донесен на 24 јули 2014 година и тој е објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014).

Иницијативата беше заведена во Судот на 15 јануари 2015 година.

Собранието на Република Македонија на 11 февруари 2015 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015) со кој меѓу другите одредби, се изменети и оспорените одредби.

Имено, во членот 1 од наведениот закон е определено дека: „Во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010. 53/11,185/11, 44/12, 15/13, 91/13, 170/13, 97/14, 113/13 и 180/14 и 188/14), во членот 7 став (1) точката 13) се менува и гласи:

„лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија, остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата за претходната година објавена од Државен завод за статистика “.

Во членот 2 од истиот закон е наведено дека во членот 10 став (1) точката 16 се менува и гласи:

„лице кое покрај примања од работен однос, самовработување или пензија, остварува и приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело и/или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа, доколку вкупниот нето износ на приходите по тој основ е повисок од износот на просечната нето плата за претходната година објавена од Државен завод за статистика “.

Во последниот став од членот 2 е наведено дека: „Ставот (2) се брише.

5. Според член Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од фактичката состојба произлегува дека по поднесувањето на иницијативата, Собранието на Република Македонија на 11 февруари 2015 година го донело Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и тој бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015 од 12 февруари. Со измените на законот, меѓу другите, оспорените одредби од членот 7 став 1 точка 13 и член 10 став 1 точка 16 се изменети, односно добиле нова содржина, додека пак оспорената одредба од членот 10 став 2 е избришана.

Со оглед на тоа што оспорените одредби се изменети, односно избришани и не се веќе во правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.13/2015
08.04.2015 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева