У.бр.126/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 8-ми април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 1 алинеја 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (“Службен весник на Република Македонија”, број 51/2011, 148/2013, 41/2014 и 130/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорената законска одредба која се однесувала за осуда за кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина на санкција, по сила на закон го ограничувало правото на претседателот или членот на Државната комисија да ја врши својата должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не било во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

Формулација на оспорената законска одредба не била доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, гарантирана со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се повредувал принципот на легалитет од член 14 став 1 од Уставот со тоа што овозможува лицето да биде казнето, односно да трпи последици за сторување на недефинирано дело и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука, што доведувало до состојба осудата за кривично дело кое немало врска со должноста на претседателот или членот на Државната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат и тоа пред истекот на мандатот.

Поради наведеното, оспорениот член 4 став 1 алинеја 3 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се предлага, при одлучувањето да се имаат предвид одлуките на Уставниот суд и тоа У.бр.71/2011 од 24.04.2013 година, со која е укинат член 176 став 4 точка 4 од Законот за енергетика и У.бр.141/2012 од 10.07.2013 година, со која е укинат членот 30 став 1 точка 5 од Законот за вршење на сметководствени работи.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 4 став 1 алинеја 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Собранието на Република Македонија го разрешува претседателот или член на Државната комисија пред истекот на мандатот, помеѓу другото и ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 став 2 од Уставот е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според ставот 2 од членот од Уставот никој не може повторно да биде осуден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2011, 148/2013, 41/2014 и 130/2014), законодавецот со закон основал посебен државен орган, со надлежност опишана во членот 1 за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, а конкретно второстепената надлежност на овој орган се утврдува со посебните закони. Државната комисија е државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице, има стручна служба и се финансира од Буџетот на Република Македонија.

Државната комисија е составена од претседател и шест члена кои функцијата ја извршуваат професионално. Нив ги именува по пат на јавен конкурс и ги разрешува Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а нивното именување е за период од пет години со право на повторен избор (член 3 ставови 1, 2 и 3 од Законот).

Со член 4 став 1 од Законот се уредени случаите поради кои Собранието на Република Македонија ќе го разреши претседателот или член на Државната комисија и пред истекот на мандатот.

Според оспорениот член 4 став 1 алинеја 3 од Законот Собранието на Република Македонија го разрешува претседателот или член на Државната комисија пред истекот на мандатот, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Од анализата на оспорената одредба од Законот, произлегува дека правосилната осуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, е основ за престанок на мандатот на претседателот или член на Државната комисија. Тоа значи дека доколку именуваниот претседател или член на Државната комисија додека ја извршуваат својата функција за која се именувани, сторат кривично дело за што со правосилна судска пресуда бидат осудени на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, само во тој случај тие ќе бидат разрешени и пред истекот на нивниот мандат.

Tргнувајќи од специфичноста на работите и задачите, кои согласно Законот, ги извршува претседателот или членот на Државната комисија, односно сериозноста на должностите на функцијата која тие ја вршат, како и професионалните и личните стандарди кои тие треба да ги поседуваат, уредувањето за нивно разрешување од функцијата, пред истекот на мандатот, според Судот не претставува правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку последица од казната што ја изрекол судот. Имено, ова законско решение е токму последица од судската осуда со која е изречена казна затвор од најмалку шест месеци, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на јавната функција да биде присутен и да ја врши функцијата.

Со член 99 точка 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија”, број 62/2005, 10620/08, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/2015 и 33/2015), е уредено дека „работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување на работникот со правосилна одлука ако му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна, заштитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора поради издржување на затворска казна да биде отсутен од работа повеќе од шест месеца.

Оттука, како последица на изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција претседател или член на Државната комисија, нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи тоа лице е физички отсутно и спречено да ја врши функцијата за која е именувано, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

Според Судот, не се основани наводите од иницијативата дека оспореното законско решение по сила на закон претставувало ограничување на уставното право на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавните функции од член 23 од Уставот, бидејќи со самиот избор на лицето на јавна функција (претседател или член на Државната комисија), не му΄ е скратено правото за вршење на должноста, напротив со самиот избор дадена му΄ е можност да ја извршува јавната функција, со што го остварил своето уставно загарантирано право согласно наведениот член од Уставот.

Граѓаните немаат само права туку и обврски при вршењето на своите должности, па оттука не треба да се занемари фактот дека ако сторувањето на кривично дело го прави лицето носител на јавна функција недостоен за вршењето на функцијата од морален аспект, независно од тежината на кривичното дело, а ова уште повеќе кога при вршењето на јавната функција може да биде извршено и кривично дело од потежок вид за кое е предвидена безусловна казна затвор од најмалку шест месеци. Изрекувањето на оваа казна, односно нејзиното отслужување ќе го оневозможи вршителот на јавната функција непречено и согласно законските прописи да ја врши својата должност.

По однос предлогот на подносителот на иницијативата, Судот при одлучувањето да ги има предвид Одлуките по предметите У.бр.71/2011 од 24.04.2013 година и У.бр.141/2012, Судот утврди дека упатувањето на наведените предмети е несоодветно со оглед на тоа што не се работи за иста правна ситуација.

5. Поради наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 4 став 1 алинеја 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со одредбите од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.126/2014
8 април 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева