У.бр.25/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Југобанка, АД од Белград во стечај, Република Србија, застапувана од Благоја Пандовски-адвокат од Скопје, поднесено за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот.

2. Југобанка, АД од Белград во стечај, Република Србија, застапувана од Благоја Пандовски-адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот, повредени со Решение СТ.бр.380/95, донесено од Окружниот стопански суд во Скопје на 14 ноември 1995 година; Решение СТ.бр.193/96, донесено од Основниот суд Скопје I во Скопје на 29 ноември 2001 година; Пресуда ТС.бр.137/12, донесена од Основниот суд во Велес на 30 мај 2014 година; Пресуда ТСЖ-2143/14, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 2 октомври 2014 година; и Пресуда Рев1.бр.444/2014, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 23 декември 2014 година.

Во барањето се наведува дека „во споменатите пресуди, и судските постапки кои им претходеа, повеќе пати беше повреден Уставот и законите на Република Македонија, со што на апликантот Југобанка му беа повредени слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на еднаков третман односно забрана за дискриминација утврдени со Уставот на Република Македонија и член 14 од Европската конвенција за човековите права, поради што го поднесува ова барање за заштита на слободите и правата, а со следното образложение: Во постапката ТС.бр.137/12, која се водела пред Основниот суд во Велес, тужителот барал утврдување дека Југобанка АД од Белград во стечај, со поднесување на пријавата СТ.бр.380/95 од 27.04.1995 година и дополнителните пријави, станал странка-стечаен доверител и се стекнал со право неговото побарување да биде разгледувано од органите на стечајната постапка и по истото да се произнесат со стечајно решение, како и истото да се достави. Поднесената тужба е одбиена со Пресуда на Основниот суд во Велес СТ.бр.137/12 од 30.05.2014 година како неоснована. По однос на наведената пресуда е поднесена навремена жалба, која е одбиена со апелациона пресуда на Апелациониот суд Скопје, а каде се потврдуваат во целост наводите на првостепениот суд. На претходно донесените пониски пресуди, тужителот вложува навремена Ревизија, која на највисоко ниво е решена со Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Рев1.бр.444/2014 на начин што истата се одбива како неоснована, а пониско донесените пресуди се потврдуваат во целост. Погоре споменатите судови одлуките ги донеле врз основа на неколку критериуми, а тоа се: побарувањето прибавено од страна на тужителот делумно е разгледувано со Решението СТ.бр.380/95 од 14.11.1995 година; тужителот можел своите права да ги остварува само во стечајната постапка и не може во друга постапка тужителот да бара да биде носител на право како странка во постапка за стечај; судовите не сметале дека постои повреда на членот 127 од Законот за присилно порамнување и стечај, со кој се утврдува обврска на судот стечајните решенија да ги доставува на странките како би се искористил рокот од 8 дена по приемот на решението за жалба и поведување на тужба против стечајното решение.“

Во барањето понатаму се наведува дека „во врска со погоренаведеното, мора да се напомене следново: факт е дека тужителот во стечајната постапка, која е отворена над стечајниот должник Банка за надворешна трговија од Скопје, поднел стечајна пријава СТ.бр.380/95 која е примена од страна на Окружниот стопански суд на ден 27.04.1995 година. На оваа пријава е направена измена и дополнување од 07.06.1995 година, измена и дополнување од 08.06.1995 година и дополна на пријавата експедирана на 04.08.1995 година. Овие пријави беа пронајдени и верифицирани од страна на првостепениот суд во постапката ТС.бр.137/12, па истите беа цитирани како неспорен факт во самата пресуда. Исто така, факт е дека по однос на дел од пријавените побарувања е донесено Решението СТ.бр.380/95 од 14.11.1995 година, со кое на тужителот му се оспорува дел од неговото пријавено побарување и тоа 1.289.451,78 УСД и 1.502.789 ДЕМ. Исто така, факт е дека судовите во самата постапка и по извршениот увид на првостепениот судија во списите на стечајниот предмет, не пронајдоа дополнителни решенија со кои се одлучувало за разликата до целосно пријавените 175.024.088,00 УСД со пријавата во стечајната постапка од 27.04.1995 година. Ова значи дека за дел од пријавените побарувања стечајните органи односно судовите воопшто се немаат произнесено. Исто така неспорен факт, кој се докажува во постапката, е дека не е пронајден доказ дека Решението СТ.бр.380/95 од 14.11.1995 година е експедирано и доставено на адресата на стечајниот доверител Југобанка на нејзината адреса во Белград. Без да се стори ова, Решението е сметано за правосилно, а стечајната постапка над Банка за надворешна трговија е заклучена и на ден 29.11.2001 година, со Решение на Основниот суд Скопје I во Скопје, Банката е избришана од трговскиот регистар. Законот за стечај и присилна ликвидација („Службен лист на СФРЈ“ бр.84/89) во ниту една негова одредба не предвидува вонреден правен лек кој тужителот можел да го искористи по заклучувањето на постапката. Оттука, на тужителот му било оневозможено правото да бара утврдување на права и правни релации во врска со поднесената стечајна пријава во стечајната постапка СТ.бр.380/95, СТ.бр.193/96 која се водела над стечајниот должник Банка за надворешна трговија Скопје. Во стечајната постапка, пак, видно од изведените докази во судските постапки, не му било доставено решение со кое се оспорува дел од неговото побарување, а останатиот поголем дел од пријавеното побарување воопшто и не е разгледувано. Ваквиот третман на подносителот на оваа тужба е поради тоа што се работи за апликант од странска држава, односно од друга национална обединенција. Во оваа насока, апликантот Југобанка АД Белград во стечај е единствениот доверител во стечајната постапка кој, поради недоставување на стечајното решение од страна на судот, не можел да се користи со правото на жалба и тужба против стечајното решение, а исто така во поголемиот дел од неговото побарување стечајните судови воопшто и не одлучувале.“

Потоа во барањето се изнесува содржината на член 8 став 1 алинеја 1 и член 54 став 3 од Уставот на Република Македонија, член 14 од Европската конвенција за човековите права и основните слободи и член 177 ставовите 1 и 2 од Законот за парничната постапка, па се наведува дека „судовите кои одлучувале во постапката му го оневозможиле ова право на тужителот, нагласувајќи дека правата од стечајната постапка може да се бараат и утврдуваат само во стечајната постапка. Но, видно од изведените докази, не по вина на тужителот туку поради непроизнесување за дел од пријавените побарувања во стечајната постапка од страна на стечајниот суд како недоставување на решението за делумно оспорената сума од истиот суд, на тужителот кој во претходната постапка бил стечаен доверител му биле ускратени правата само поради тоа што припаѓа на странска национална држава. Имајќи го во предвид и фактот дека на стечајниот доверител по веќе заклучената стечајна постапка не му следуваат на располагање никакви правни лекови, судовите кои одлучувале во постапката ТС.бр.137/12, му го оневозможиле на тужителот правото да го искористи единствениот правен механизам во кој ќе го утврди постоењето на правата со кои се стекнал со пријавите во стечајната постапка.“

На крајот, во барањето се наведува дека согласно член 108 и член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, „на Уставниот суд на Република Македонија му предлагаме да го уважи барањето за заштита на слободите и правата и да донесе одлука со која: 1.се утврдува дека на апликантот Југобанка АД Белград во стечај, ул.Краља Петра бр.21, Република Србија, му се повредени правата од член 54 од Уставот на Република Македонија и член 14 од Европската конвенција за човековите права што се однесуваат на забрана на дискриминација заснована врз национално потекло, со тоа што во стечајната постапка СТ.бр.380/95, подоцна СТ.бр.193/96, не било во целост разгледувано неговото пријавено стечајно побарување, ниту пак им било доставено стечајното Решение СТ.бр.380/95 од 14.11.1995 година, а подоцна во постапката ТС.бр.137/12, во која апликантот барал утврдување на неговите законски права кои му следуваат со поднесување на стечајната пријава, е одбиен со образложение дека правата може да се остваруваат само во стечајната постапка која е завршена; 2.се поништуваат правосилната Пресуда ТС.бр.137/12 од 30.05.2014 година на Основниот суд во Велес, Пресудата ТСЖ-2143/14 на Апелациониот суд во Скопје на 02.10.2014 година и Пресудата Рев1.бр.444/2014, како и Решението на Основниот суд Скопје I во Скопје СТ.бр.193/96 од 29.11.2001 година и Решението СТ.бр.380/95 од 14.11.1995 година на Окружниот стопански суд во Скопје.“

3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.“

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на, покрај другото, забраната на дискриминација по наведените основи.

Од изнесената одредба на член 51 од Деловникот на Судот произлегува дека граѓанинот, кој смета дека му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита на наведените слободи и права.

Со оглед дека во конкретниот случај барањето не е поднесено од граѓанин, туку од правно лице-Југобанка АД од Белград во стечај, застапувана од Благоја Пандовски-адвокат од Скопје, Судот оцени дека има процесни пречки за постапување по барањето, поради што утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 на Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседтаелот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.25/2015
8 април 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева