166/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 1 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Предлог на ДУП за Урбан Блок 79 (површина 17.31 ха) за плански период 2006-2011, помеѓу улиците булевар „В.С.Бато“, „Б.Миладинови“, ул. „1“ и „Вонвардарска 2“ во општина Тетово, бр.07-1280/13, донесена од Советот на општина Тетово на 27 мај 2010 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).

3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од ова решение, до донесувањето на конечната одлука.

4. Љатиф Шабани од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, како и на согласноста на Одлуката со правилникот означен во точката 2 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека Одлуката се оспорува од аспект на нејзината согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).

Потоа, во иницијативата се наведува дека „прво, со наведената оспорена одлука не е испочитуван член 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во поглед на запазување на условите, мерилата и критериумите при изработката на планот и самото донесување на Одлуката, нормирани во истиот член. Конкретизација на повредите од тој вид, покрај моите заложби до моментот на поднесувањето на оваа иницијатива, не сум во можност да исперцепирам бидејќи не ми се отстапуваат списите за кои сметам дека не постојат. Второ, во континуитет на изнесената аргументација за повредата на член 11, стои и повредата на член 17 од истиот закон и неговите измени, бидејќи Општината немала донесено годишна програма за изработување на ДУП-от за УБ 79, ниту пак истата била објавена во јавните гласила на Републиката и доставена до органот за државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот. Трето, во смисол на член 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и неговите измени, при изработка на ДУП-от за УБ 79 не била извршена стручна ревизија дека истиот бил изработен во согласност со наведениот закон и другите прописи донесени врз основа на тој закон како и другите закони, а, во смисол на член 24 од истиот закон, не била спроведена ниту постапка за јавна презентација, ниту јавна анкета, ниту пак бил изработен извештај по спроведената јавна анкета, а воедно, спротивно на член 27 став 4 од истиот закон, седмиот примерок од планот никогаш не бил изложен кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.“ Поради тоа, оспорената одлука не била донесена во постапка определена во наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата понатаму се наведува дека „стои и повредата на член 61 точка 3 и точка 4 а во врска со член 63 точка 1 и точка 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, од кои следи дека транзитна магистрална улица и градска магистрална улица да не е дозволено нивно крстосување со градба на улици за пристап до градбите, паркирање, сообраќај за пешаци, велосипеди и друго. Према тоа, и од тој аспект е очигледна незаконитоста и од формален, но и од материјален аспект, при изработката на ДУП-от за УБ 79 и при донесување на Одлуката, поради што подносителот на оваа иницијатива на насловниот суд му предлага, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на тој суд, да донесе решение за поведување на постапка за оценување на законитоста на наведената одлука донесена од Советот на општина Тетово.“

5. Судот на седницата утврди дека иницијативата е примена на 12 декември 2014 година. На 17 декември 2014 година од градоначалникот на општина Тетово беа побарани актите во врска со оспорените дејствија при донесувањето на Планот, како и мислење во врска со наводите во иницијативата, а на 22 јануари 2015 година беше доставен допис од Судот до градоначалникот на Општината со кој беше побарано веднаш да се достават бараните акти и мислење со оглед дека до тогаш тоа не беше направено. На 23 јануари 2015 година во Судот е примено Известување, бр.10-186/1 од 19 јануари 2015 година потпишано од градоначалникот на општина Тетово Теута Арифи, во кое се наведува дека: „Деталниот урбанистички план за УБ 79 Тетово е на сила и, дека целата постапка за донесувањето на ДУП за УБ 79 Тетово е водена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/05, 137/07, 91/09), се потврдува со согласноста бр.16-1583/2 од 17.04.2010 година на Министерството за транспорт и врски. Со цел заштита на начелото на уставност и законитост при одлучувањето од Ваша страна, како и заштита на јавниот и приватниот интерес, а се со цел да не настанат правни последици и штети во однос на засегнатите субјекти во тој урбан блок, Ве известуваме дека во најкраток можен рок од Наша страна ќе Ви бидат доставени побараните списи од предметот, како и мислењето по однос на наводите во иницијативата.“ На 12 февруари 2015 година повторно беше побарано од градоначалникот на Општината веднаш да ги достават бараните акти и мислење со оглед дека во нивниот допис наведоа дека „во најкраток можен рок ќе Ви бидат доставени побараните списи и мислење“, а тоа не беше направено ниту до тогаш. На 11 март 2015 година повторно беше побарано од градоначалникот на Општината да ги достават бараните акти и мислење, укажувајќи дека таквата нивна обврска произлегува од член 20 на Деловникот на Уставниот суд, но до 1 април 2015 година не беа примени во Судот бараните акти и мислење по наводите во иницијативата.

6. Условите и начинот на уредување на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање, се определени со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка и 91/2009) во чие време на важење била донесена оспорената одлука.

Според член 11 од Законот, „детален урбанистички план се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план“ (став 1); „Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата“ (став 2). Содржината на текстуалниот дел, на графичкиот приказ и на нумеричкиот дел на деталниот урбанистички план се утврдени во ставовите 3-5 од истиот член на Законот.

Според член 17 став 1 од Законот, „за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма“. Според ставот 2 од истиот член на Законот, „програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.“

Според член 21 став 1 од Законот, „на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.“

Според член 24 од Законот, „по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета“ (став 1); „Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон“ (став 2); „За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај“ (став 3).

Во член 27 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање се определува дека деталниот урбанистички план се заверува во седум примероци од кои седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.

Од изнесените законски одредби произлегува дека деталниот урбанистички план содржи текстуален дел, графички приказ и нумерички дел со билансни показатели на планскиот опфат и за инфраструктурата, кои имаат законски утврдена содржина (член 11 ставовите 1 и 2), за изработувањето на деталниот урбанистички план општините донесуваат годишна програма, која ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, и задолжително ја објавуваат во јавните гласила (член 17 ставовите 1 и 2), на нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон (член 21 став 1), по нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна презентација и јавна анкета и за тоа се изработува извештај (член 24 ставовите 1, 2 и 3) и донесениот детален урбанистички план се заверува во седум примероци од кои седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста (член 27 став 4).

Со оглед на тоа што општината Тетово не достави акти и мислење за оспорените дејствија при донесувањето на оспорената одлука иако се изјасни дека во најкраток рок тоа ќе го стори, Судот оцени дека основано може да се изрази сомнение дали оспорените дејствија при донесувањето на Одлуката беа преземени, како и основано може да се постави прашањето за согласноста при донесувањето на Одлуката со наведените законски одредби. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Со оглед дека поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, Судот оцени дека се исполнети условите за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката, поради што одлучи како во точката 3 од ова решение.

8. Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одлука не ги исполнила стандардите и нормативите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, имајќи ја предвид определбата од член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, а не и за согласноста на одлуките на органите на локалната самоуправа со подзаконските прописи, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за тој навод во иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Точката 3 од ова решение е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.166/2014
1 април 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева