У.бр.99/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 117 став 1 точка 5 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013 и 41/2014).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 117 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 117 од Законот за енергетика, било предвидено дистрибутерот, како една од страните во облигациониот однос, да изврши избор на функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и на начинот на мерење и ги составувал мрежните правила. Истовремено, потрошувачот, како друга страна на облигациониот однос немал било какво влијание на изборот на функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и на начинот на мерење. Ова се правело во услови кога според Законот за метрологија постоеле органи, формирани од Државата, кои биле надлежни да ги решаваат техничките проблеми од областа на метрологијата.

Оттаму, законодавецот имал можност, изборот на начинот на мерење да го препушти на слободното договарање на страните на облигациониот однос или да го довери на стручно тело (член 8 од Законот за метрологија), формирано од Државата, какво што постоело во Законот за енергетика. Наместо тоа, законодавецот го доверил изборот на начинот на мерење на едната договорна страна од облигациониот однос, а втората ја дискриминирал и лишил од било какво влијание за оваа проблематика. Со тоа била сторена дискриминација на потрошувачите.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба требала да се укине како спротивна на членот 55 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 117 став 1 точка 5 од Законот, операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, е должен да ги донесе и да ги објави во „Службен весник на Република Македонија“ и на својата веб страница мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија. Во мрежните правила, според оспорената точка 5, покрај другото, особено се уредуваат функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на испорачаната топлинска енергија.

4. Според член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Законот за енергетика ги уредува целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, статусот и надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија, условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновените извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката (член 1).

Според член 3 точка 66 од Законот за енергетика, оператор на системот за дистрибуција на топлинска енергија е правно лице кое врши дејност дистрибуција на топлинска енергија и управува со системот за дистрибуција на топлинска енергија и е одговорен за работењето на дистрибутивниот систем, неговото одржување, развој и за обезбедување долгорочна способност на системот за задоволување на разумните потреби за дистрибуција на топлинска енергија, не вклучувајќи го снабдување со топлинска енергија.

Во членот 117 став 1 од Законот е определено дека, операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, е должен да ги донесе и да ги објави во „Службен весник на Република Македонија“ и на својата веб страница мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија. Во мрежните правила, според оспорената точка 5, покрај другото, особено се уредуваат функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на испорачаната топлинска енергија.

Од анализата на членот 117 став 1 од Законот произлегува дека во неа предмет на законско уредување не се мерните уреди и начинот на мерење на потрошената топлинска енергија, туку обврската на операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија за донесување и објавување на мрежни правила во кои меѓу другото ќе се доуреди проблематиката од оспорената алинја 5 од членот 117 од Законот.

Според членот 119 став 1 од Законот за енергетика, мерните уреди на излез од производната постројка и мерните уреди во топлинските потстаници преку кои објектите на потрошувачите се приклучени на дистрибутивната мрежа се во сопственост на операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија.

Локацијата на мерните уреди ја утврдува операторот на системот за дистрибуција во зависност од техничките можности на приклучното место и истата може да биде во или надвор од границите на имотот на потрошувачот (став 2).

Според ставот 4 од членот 119 од Законот, уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија меѓу различни потрошувачи во еден објект за кои има еден мерен уред се составен дел од системот за мерење на потрошената топлинска енергија во објектот и се во сопственост на операторот на дистрибутивниот систем.

Во членот 118 став 1 од Законот е определено дека, снабдувачот со топлинска енергија на потрошувачите со кои има склучено договор е должен да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија, договорите за снабдување склучени со потрошувачите и издадената лиценца.

Според ставот 2 од членот 118 од истиот закон, снабдувачот со топлинска енергија, за секој систем за топлинска енергија на кој што снабдува потрошувачи, е должен да склучи годишен договор со операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија за набавка на топлинска енергија за потребите на своите потрошувачи, како и договор за користење на дистрибутивниот систем, по цени и тарифи одобрени и претходно објавени од Регулаторната комисија за енергетика.

Членот 3 точка 73 од Законот за енергетика определил дека потрошувач на енергија или енергент е купувач кој набавената енергија или енергент ја користи за сопствена потрошувачка, вклучувајќи ги и операторите на системите за пренос и за дистрибуција кога купуваат енергија или енергент заради покривање на загубите во соодветните системи и производителите на енергија за сопствена потрошувачка.

Од анализата на цитираните одредби произлегува дека операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија е сопственик на мерните уреди, тој не врши снабдување со топлинска енергија и не стапува во договорен однос со потрошувачот, како што погрешно се тврди во иницијативата. Согласно членот 118 став 1 од Законот снабдувачот со топлинска енергија склучува договор со потрошувачите во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Од друга страна, согласно член 1 од Законот за метрологија („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2002) со овој закон се уредува метролошкиот систем во Република Македонија; надлежноста на Бирото за метрологија; законските мерни единици; еталоните; референтните материјали; прометот и употребата на мерилата; оцената на сообразноста на типот на мерилата; верификација на мерилата; важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло; метролошкиот надзор над количините и ознаките на пакуваните производи; надзорот над примената на овој закон и други прашања од значење за метролошкиот систем заради обезбедување мерно единство во Републиката и со светот.

Бирото за метрологија, согласно член 6 став 1 од Законот за метрологија, ги извршува работите и задачите од областа на метролошкиот систем на Република Македонија, кои се однесуваат, меѓу другото, на:
– оцена на сообразноста на типот на мерилата (алинеја 7);
– верификација на мерилата (алинеја 8);
– постапка за регистрација за признавањето на важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло (алинеја 9).

Врз основа на направената анализа произлегува дека Бирото за метрологија и нема надлежност да ја утврди класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење и пресметка на испорачаната топлинска енергија, туку само да ја оцени сообразноста на мерилото, да го верификува мерилото и да спроведе постапка за регистрација за признавање на важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло. Метролошкиот совет од членот 8 од Законот за метрологија, односно стручното тело, на кое се укажува во иниција-тивата работи како стручно и советодавно тело на Бирото во областа на метрологија и ги нема надлежностите наведени во иницијативата.

Проблематиката опфатена со оспорениот член 117 став 1 алинеја 5 од Законот, според својата правна природа, не може да биде предмет на слободно договарање или пак да биде внесена во надлежност на Метролошкиот совет. Оттаму, со оспорената одредба од Законот не се повредува членот 55 став 2 од Уставот, односно не се доведува во прашање еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Во иницијативата се укажува на наводна дискриминација која ја предизвикувала оспорената одредба, но подносителот на иниција-тивата не бара истата да биде оценувана по однос на нејзината согласност со членот 9 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорената одредба, разгледувана од аспектите на иницијативата, е во согласност со членот 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.99/2014
1 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева